ЕП: Русија, Кина и „српски свет“ - ризик за Македонија
24 јуни 2025Северна Македонија треба да го одржи моментот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција. Потребно е брзо напредување на пристапните преговори, при што е важно да се усвојат уставните измени за коишто е постигната согласност. Европскиот совет и државите членки треба јавно и недвосмислено да ѝ изразат поддршка на Македонија, изразувајќи јасна намера да донесат позитивна одлука за преминување во следната фаза на пристапни преговори веднаш штом ќе бидат исполнети условите, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет. Ова се наведува во извештајот за Северна Македонија, којшто го усвои Комисијата за надворешни работи на ЕП, во кој се повикуваат властите во Скопје да го зајакнат владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Во него се бара европските институции да ја гарантираат предвидливоста и кредибилноста на процесот на проширување, со цел да се одржи поддршката на јавноста во земјите аспиранти за членство. Во членот 2 од текстот, се потсетува дека процесот на пристапување не треба да се користи за решавање билатерални спорови, за попречување на напредокот заснован на заслуги или за надминување на пошироките стратешки интереси на ЕУ. Исто така се нагласува дека пристапните преговори треба да се водат по јасен пат, раководени од објективни критериуми и засновани исклучиво на заслуги и исполнување на критериумите за членство (Копенхашки критериуми).
Во обемниот извештај се изразува загриженост поради говорот на омраза, дезинформациите и странското влијание, а како дел од ризиците коишто се посочуваат за Северна Македонија, се ширењето на дезинформациски кампањи кои ги доведуваат во прашање демократските вредности и целта за членство во ЕУ. Во новиот Извештај кој треба да биде усвоен од Европскиот парламент се предупредува од засиленото влијание на Русија и Кина и се осудува промовирањето на концептот „српски свет“ од македонски функционери.
Дојче веле пренесува делови од извештајот којшто беше усвоен во средата (24.06) со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“.
Странско мешање и дезинформации
Во ставот 28 од Извештајот, се истакнува дека Северна Македонија и земјите од Западен Балкан се „особено погодени од странско мешање, хибридни закани и дезинформации, особено од Русија и Кина“. Се изразува и аларм за улогата на Унгарија и Србија во поддршка на геополитичките цели на Москва и Пекинг, при што се спомнува и неодамнешниот заем од Унгарија, кој наводно, потекнува од кинески извори.
„Северна Македонија и другите земји-кандидатки за членство во ЕУ од Западен Балкан се особено погодени од странско мешање и кампањи на дезинформации, вклучително и хибридни закани, стратешка корупција, непрозрачни финансиски текови и присилни инвестициони практики, особено потекнувајќи од Русија и Кина“, се вели во документот.
Во членот 35 се изразува загриженост поради т.н. проект „српски свет“ и фактот што (некои) претставници на Владата на Северна Македонија застапувале и промовирале ваков концепт. Притоа се осудува учеството на состаноци чија цел е воспоставување сфера на влијание што ја поткопува сувереноста на други држави и стабилноста на регионот.
Во документот се забележува дека одредени кинески дипломатски субјекти финансирале платена содржина и мислења во македонски медиуми без соодветно обележување и потсетува дека анализа од 2023 година утврдила дека актери поврзани со руската држава користеле српски медиумски проксија за ширење на наративи непријателски кон НАТО и за тврдења дека ЕУ врши притисок врз Северна Македонија да го „напушти својот идентитет“.
Во документот се изразува жалење што Северна Македонија – како единствена земја од Западен Балкан – се воздржала од гласање за европската резолуција за Украина на Генералното собрание на Обединетите нации во февруари 2025 година и, наместо тоа, ја ко-спонзорирала американската резолуција, заедно со земји како Грузија и Унгарија. „Ова претставува негативен сигнал во однос на усогласеноста на Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ и со заедничката европска посветеност на зачувување на мирот, меѓународното право и демократските принципи“, се додава во извештајот.
Македонски идентитет и јазик
На две места во Извештајот, по најновите измени, директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период.
Во членот 2г, со усвоените амандмани, се потврдува дека е од суштинско значење недвосмислено признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од националното наследство, уставниот поредок, но и како европска вредност.
„Европските институции во своите извештаи и официјални документи доследно се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор. Почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е суштински елемент од процесот на пристапување во ЕУ и темел на демократските општества, кој дополнително ќе биде потврден со пристапувањето во европското семејство на нации“, се додава во извештајот.
Поефикасна борба со корупцијата
Во член 5 се повикува раководството на Северна Македонија да ги интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, вклучително и при изборот на судии и функционирањето на Судскиот совет. Притоа се нотира дека е потребна поефикасна борба против корупцијата, реформа на јавната администрација и подобрување на транспарентноста и сопственичката концентрација во медиумите.
Исто така се бара властите да ги засилат напорите и да го усвојат и спроведат неопходното законодавство за да се подобри довербата на јавноста во администрацијата и да се изгради отпорна и способна јавна служба која ќе може ефикасно да одговори на современите предизвици и да им служи на потребите на заедницата.
Во член 12 се повикуваат македонските власти да се воздржат од нетранспарентни, политизирани разрешувања и именувања на функции во рамки на независни тела и агенции, како и да обезбедат дека овие институции се соодветно финансирани и дека нивните одлуки и препораки се доследно имплементираат.
Загриженост за владините реклами
Во извештајот се повикува на подобрување на регулативата за финансирање на политичките партии и изборните кампањи, со мерки за зголемување на транспарентноста на средствата и трошоците на политичките субјекти. Исто така се бара ревизија на правилата за државно рекламирање во комерцијалните медиуми и платено политичко рекламирање, како и потребата од функционални механизми за надзор за да се обезбеди интегритетот на финансирањето на партиите и еднаков и соодветен пристап до медиумите за политичките партии и независните кандидати.
Во членот 14 со загриженост ја забележува повторната појава на владино рекламирање во комерцијалните медиуми во Северна Македонија. Притоа се нагласува дека оваа мерка претставува ризик за нарушување на медиумскиот пазар и воведување на несоодветно политичко влијание, што може да ја загрози медиумската независност и плурализам.
Во документот се повикува на реформа на правилата за државно финансирање и рекламирање на политички партии во медиумите, со оглед на недостатокот на транспарентност, тековната злоупотреба на државни средства за политичко рекламирање и континуираниот ризик од компромитирање на медиумската независност преку нетранспарентни механизми за финансирање. Овие реформи, како што се наведува, треба да бидат усвоени и спроведени пред локалните избори планирани за есен 2025 година.
Извештајот повикува на темелна и транспарентна истрага за пожарот во ноќниот клуб во Кочани на 16 март 2025 година, со цел изведување на одговорните пред лицето на правдата, како и ажурирање и целосно спроведување на релевантното законодавство за да се спречат слични трагедии и да се обезбеди подобра јавна безбедност и регулаторна усогласеност во заштита на граѓаните.