Израел планира камп за 600.000 Палестинци
10 јули 2025Откако пред 21 месеци почна војната во Газа, Палестинците се присилени како фигури на шаховска табла да се движат од една на друга страна во тесниот крајбрежен појас. Од една т.н. хуманитарна зона до друга - зони кои често се покажуваат како смртоносни стапици.
Сега од страна на израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, се пласира нова идеја. За време на брифинг со новинари тој предложи т.н. хуманитарен град, како што самиот го нарече. Притоа се мисли на камп-прифатилиште со шатори поставен буквално врз руините од Рафа, на самиот југ од Појасот Газа, со капацитет за стотици илјади луѓе.
Итај Блументал, воен дописник за телевизијата КАН, присуствуваше на разговорот со министерот за одбрана Кац. „Целта е да се создаде физичка поделба меѓу населението од Појасот Газа и терористите на Хамас кои се меѓу нив. Се очекува 600 илјади Палестинци да дојдат во овој град, а секој што ќе влезе нема да може да се врати назад“, известува тој.
Еден вид преоден камп
Доколку планираното 60-дневно примирје, за кое актуелно се преговара, во претстојните денови стане реалност, Израел планира да започне со изградбата на прифатниот центар како еден вид преоден камп - со цел од таму да се преселат што е можно повеќе Палестинци.
Министерот за одбрана пред неколку дена шифрирано го призна тоа: „Ако луѓето се на југ, во областа Ал-Маваси, нема да може да се вратат од таму. Тоа ќе ја услови логиката за нивно евакуирање, а мнозинството и го сака тоа“, рече тој.
Но, токму тоа е контроверзниот аспект. Само мал број Палестинци доброволно го напуштија Појасот Газа во изминатите недели. Покрај тоа, соседните арапски земји до овој момент не покажаа подготвеност да прифатат поголем број на Палестинци.
„Не ја напуштам Газа“
Абу Самир Ал-Факави, бегалец од Газа, во интервју за новинската агенција Ројтерс јасно става до знаење дека ќе остане во Газа. „Не ја напуштам Газа. Ова е наша татковина. Треба ли едноставно да се откажеме и да си заминеме? Нашите деца, нашите мртви, тие се закопани тука. На кого да му ја препуштиме нашата земја? На банда криминалци? Ќе останеме на оваа почва, без разлика на тоа што зборуваат Трамп и Нетанјаху и сите останати“, вели Ал Факави.
За време на неговата посета на САД, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постојано зборуваше за преселба на луѓето од Газа. За разлика од неговите десн-екстремни коалициски партнери кои се залагаат за присилно преселување, Нетанјаху го нагласи доброволниот карактер. „Хамас мора да го положи оружјето. Газа ќе биде целосно демилитаризирана, а ние ќе го спроведеме планот на Трамп. Тој е исправен, револуционерен и едноставно вели дека жителите на Газа кои сакаат да заминат ќе можат да го сторат тоа“, рече Нетанјаху.
Историчар: Ниту е „хуманитарен“ ниту е „град“
Историчарот за Холокаустот при Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, Амос Голдберг, за англискиот весник „Гардијан“ наоѓа јасни зборови. Весникот го цитира со зборовите дека не се работи ниту за хуманитарен камп ниту за град.
Министерот за одбрана Кац, според историчарот Голдберг, презентирал јасни планови за етничко чистење на Појасот Газа и основање на транзитен камп за Палестинци пред нивно протерување.
И организации како „Каритас Интернешнал“ остро ги критикуваат плановите на израелската влада: Со оглед на двата милиони луѓе кои се соочуваат со драматична хуманитарна нужда, терминот „хуманитарен град“ е циничен, нехуман и нема контакт со реалноста, велат од организацијата.
Автор на текстот: Хулио Сегадор, АРД