Израел повторно ќе ја окупира Газа
5 мај 2025Израел во понеделникот одобри планови за преземање на целиот Појас Газа и останување на палестинската територија во неопределен временски период, соопштија двајца израелски официјални претставници. Овој потег, доколку биде спроведен, би значел значително проширување на израелските операции во Газа и веројатно би предизвикал жестоко меѓународно противење.
Израелските владини министри го одобрија планот на гласање рано наутро, само неколку часа откако началникот на израелската армија соопшти дека војската повикува десетици илјади резервисти.
Новата стратегија, за која официјалните лица изјавија дека има цел да му помогне на Израел да ги постигне своите воени цели, поразување на Хамас и ослободување на заложниците кои се држат во Газа, предвидува и раселување на стотици илјади Палестинци кон југот на Газа. Тоа би значело нивно присилно раселување и дополнително влошување на веќе и онака тешката хуманитарна криза.
Третиот извор, претставник од одбраната, изјави дека новиот план нема да започне пред претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп да ја заврши својата очекувана посета на Блискиот Исток овој месец, оставајќи можност Израел да се согласи на прекин на огнот во меѓувреме.
Критики од Германија и ЕУ
Германското министерство за надворешни работи експресно ги осуди израелските планови за повторно окупирање на Газа.
„Газа им припаѓа на Палестинците“, изјави портпарол на германското МНР, дополнувајќи дека израелските планови се „загрижувачки“. Тој посочи дека Групата Г7, во која се и Германија, Франција и САД, ја отфрлија „окупацијата, колонизацијата и намалувањето на територијата на Газа“ во 2023 година. Осуда на израелските планови стигна и од ЕУ.
Војната меѓу милитантите на Хамас и Израел започна откако Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 250 заложници. Израел тврди дека во Газа се наоѓаат уште 59 заложници, но се верува дека 35 од нив се мртви. Израелската офанзива расели над 90% од населението на Газа, а загинаа над 52 илјади луѓе, повеќето од нив жени и деца.