Израел го сопре бродот со активисти кој беше на пат за Газа
9 јуни 2025Бродот „Медлин“, кој е полн со помош за Појасот Газа, е пренасочен кон Израел пред да пристигне до својата дестинација. Бродот сега е закотвен во Израел, објави израелското Министерство за надворешни работи. Се очекува активистите на бродот, меѓу кои и шведската активистка за климатски прашања Грета Тунберг и Германката Јасмин Аџар, да се вратат дома.
Активистите, како што се вели во соопштение на израелското МНР, се обиделе да изведат медиумска провокација со цел да привлечат внимание од јавноста. Нивниот товар бил толку мал што не можел да наполни ниту еден камион со помош. „Постојат начини да се донесе помош во Појасот Газа - без селфи на Инстаграм“, соопшти Израел.
Организацијата „Коалиција флотила на слободата“, одговорна за патувањето на „Медлин“, објасни дека израелската армија го запрела бродот, се качила на него и го киднапирала неговиот екипаж. Контактот со екипажот бил изгубен.
Повеќедневно патување низ Медитеранот
Бродот тргна од Сицилија кон Појасот Газа пред една недела. Активистите соопштија дека сакаат да однесат хуманитарна помош, како што се храна за бебиња и медицински материјали и со тоа да привлечат меѓународно внимание кон хуманитарната ситуација во Појасот Газа. По нивното повеќедневно патување низ источниот Медитеран, тие требаше да пристигнат на брегот на Газа денеска наутро (9.06).
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, објави дека ѝ наредил на армијата да го спречи пристигнувањето на бродот на брегот на Газа. „Државата Израел нема да дозволи никому да ја пробие поморската блокада на Појасот Газа“, вели министерот во соопштението.
Кац ги опишува луѓето на бродот како „левичарско екстремистички активисти“. Обраќајќи им се, тој рече: „Треба да се вратите назад, бидејќи нема да стигнете до Газа“.
Поморската блокада беше воведена во 2007 година, откако Хамас ја презеде власта во Појасот Газа. Нејзината цел, рече Кац, е да се спречи испораката на оружје до терористичката милиција. Израел и претходно одбиваше да им даде дозвола на активисти да ги закотват своите бродови на брегот на изолираниот Појас Газа.
Првиот обид на Тунберг - на почетокот на мај
Тунберг планираше да патува до Појасот Газа со брод од „Флотилата на слободата“ уште на почетокот на мај. Но, бродот беше оштетен по пат. Активистите се сомневаа дека Израел го нападнал со дрон.
За време на војната во Газа, која беше предизвикана од терористичкиот напад на милитантниот исламистички Хамас во октомври 2023 година, Тунберг јавно изрази солидарност со Палестинците во неколку наврати. Критичарите ја обвинуваат дека зазема едностран пропалестински став, а имаше и обвинувања за антисемитизам.