Израел го нападна Иран, Техеран се заканува со одмазда
13 јуни 2025Израел го нападна Иран. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац зборува за „превентивен напад“ во текот на ноќта. Иранските медиуми објавија дека во Техеран се слушнале експлозии.
Цел на нападот биле десетици нуклеарни и воени објекти, објасни израелски воен функционер. Тој го оправда нападот тврдејќи дека нуклеарната програма на Иран претставува егзистенцијална закана за Израел. Техеран, според него, спроведува тајна програма за нуклеарно оружје и има доволно материјал за производство на 15 нуклеарни бомби. Деталите за точните цели што се погодени во нападот не беа веднаш достапни. Во израелскиот напад цел беа и воени инсталации.
Нетанјаху: Операцијата ќе продолжи
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опиша нападот на Израел како „одлучувачки момент во историјата на Израел“. Операцијата ќе продолжи со денови, најави тој. „Го погодивме срцето на иранската програма за нуклеарно облагородување“, рече Нетанјаху. Израелските пилоти ја гаѓале и главната централа за облагородување ураниум во Иран, Натанс. Потврда за тоа стигна и од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Ситуацијата во Иран се следи внимателно, вели МААЕ, која оценува дека состојбата е „длабоко загрижувачка“. МААЕ, како што се вели, е во контакт со иранските власти во врска со нивоата на зрачење, а е во контакт и со своите инспектори во Иран.
Нападот врз Иран , според израелскиот премиер Нетанјаху, ќе ја оштети нуклеарната инфраструктура и воената сила на Иран: „Ние не се бориме против иранскиот народ, ние се бориме против иранската диктатура“.
Покрај нападите на израелските воздухопловни сили, израелската разузнавачка агенција, Мосад, според медиумски извештај, иницирала и серија саботажи во Иран.
Убиен шефот на армијата и командантот на Револуционерната гарда
Според иранската државна телевизија и агенцијата Тасним, во израелскиот напад е убиен шефот на генералштабот на иранската армија, Мохамед Багери. Претходно, иранската државна агенција Ирна јави дека Багери се наоѓа во командата на вооружените сили и не е повреден. Покрај генерал мајорот Багери, во нападот на Израел се убиени и други офицери, меѓу нив и командантот на Револуционерната гарда, генерал-мајор Хусеин Салами. Убиени се и двајца научници за нуклеарна енергија, Ферејдун Абаси-Давани и Мохамед Мехди Техеранчи.
Израелските ракети погодиле и станбени области во Техеран и други градови. Летовите на главниот меѓународен аеродром во главниот град се запрени.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, му се закани на Израел со одмазднички напад. Хамнеи изјави дека Израел мора да очекува „строга казна“ за својот напад.
Израел прогласи вонредна состојба
„По превентивниот напад на Државата Израел врз Иран, во блиска иднина се очекува ракетен и напад со дронови врз Израел и неговото цивилно население“, изјави израелскиот министер за одбрана Кац. Во очекување на нападот, прогласена е вонредна состојба.
Поради нападот на Израел врз Иран, според медиумски извори, Ирак го затворил својот воздушен простор и го суспендирал воздушниот сообраќај на сите ирачки аеродроми.