САД: „Големиот прекрасен закон“ - ракета или „ќор-фишек“?
4 јули 2025Скандирања и навивања од Републиканците додека претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон ги објавува резултатите од гласањето: 218 наспроти 214. Голема фрустрација и загриженост кај Демократите. Џонсон тврди: „Со 'Големиот прекрасен закон' ќе ја направиме оваа земја посилна, побезбедна и попросперитетна од кога било досега. И секој Американец ќе има корист.“
Демократите велат дека е точно токму спротивното. „Никогаш во мојот мандат во Конгресот не сум видел закон што им користи на толку малку луѓе“, вели лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис од Демократската партија.
Џефрис зборува речиси девет часа, поставувајќи рекорд за најдолг говор во Претставничкиот дом. Но, Џефрис само го одложува законот, Демократите не можат да го спречат. Американскиот претседател Доналд Трамп подоцна на настан во Ајова вели дека ниту еден Демократ не гласал за законот. „Но само затоа што ме мразат. Но и јас ги мразам“, вели Трамп.
Милиони луѓе би можеле да го изгубат здравственото осигурување
Но, и меѓу Републиканците имаше долга борба. На крајот, Трамп очигледно на лични состаноци во Белата куќа изврши доволен притисок врз оние кои сакаа да гласаат против него. Критички настроените Републиканци се загрижени за високиот национален долг, кој се проценува на околу дополнителни 3,3 билиони долари во следните десет години. Други се загрижени за кратењата на социјалните услуги - особено Медикејд, програмата за здравствена заштита за стари лица и лица со ниски приходи.
Претставничката на Демократите, Деби Дингел на Си-Ен-Ен по гласањето предупреди: Луѓето ќе бидат многу негативно погодени од законот. Милиони луѓе би го загубиле своето здравствено осигурување. Тоа ќе ги погоди вработените мажи и жени низ целата земја, истакна Дингел.
Фактички, непартиските конгресни експерти за буџет проценуваат дека речиси 12 милиони Американци би можеле да го загубат своето здравствено осигурување од Медикејд до 2034 година. А тоа е само едно од намалувањата на социјалните услуги. Администрацијата на Трамп тврди дека целта е борба против измамите во системот.
Експертите предупредуваат на негативни ефекти
Од друга страна, Трамп ќе добие повеќе пари, на пример, за спроведување масовни депортации или за одбрана. Даночните олеснувања на Трамп од неговиот прв мандат ќе продолжат. Во иднина, нема да има ни данок на бакшиш и прекувремена работа. Администрацијата на Трамп тврди: Ја стимулираме економијата. Трамп вели дека законот ќе ја трансформира земјата во вистинска ракета.
Дали пресметките на администрацијата ќе функционираат? Претпоставките на администрацијата на Трамп за економскиот раст како резултат на законот изгледаат целосно неосновани, вели Ромина Боча од конзервативниот тинк-тенк Институт Като во интервју за германскиот јавен сервис АРД.
Претпоставките се целосно претерани. Независни експерти од двете страни на политичкиот спектар тврдат дека претпоставките се многу преувеличени и крајно неверојатни. „Затоа, не би се обложувала на економски раст што би го компензирал влијанието на овој закон врз дефицитот“, истакнува економската експертка.
Трамп ќе го потпише законот на Денот на независноста
Претставничкиот дом вчера гласаше за законот. Во Сенатот - другиот дом на Конгресот - одлуката во вторникот беше исклучително тесна, со 51 глас за и 50 против.
Попладнево по локално време, Доналд Трамп планира да го потпише својот „Голем прекрасен закон“ во градината на Белата куќа. Борбени авиони исто така треба да летаат над Белата куќа во тоа време – во рамките на прославата на Денот на независноста. За Трамп, тоа е совршена сцена за она што несомнено е неговиот најголем домашен политички успех досега: еден од најсеопфатните и најконтроверзните законски акти во САД.
Автор: Нина Барт, АРД