Изборот на судија во Европскиот суд-тест за правната зрелост
1 август 2025Блупринт групата за реформи во правосудството изрази сериозна загриженост за одлуката на Владaта со која не е прифатена листата кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и е донесена одлука за основање нова комисија, која ќе ја повтори постапката за избор на кандидати.
Образложението од Владата беше дека претходно предложените кандидати за судија во ЕСЧП не ги исполнувале предвидените услови.
Првата комисија утврди предлог-листа со тројца кандидати за судија во ЕСЧП, на која се наоѓаа обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски. По одлуката на Владата да не ја прифати листата, Ристоска и Гајдова во јавни изјави побараа одговор - кои услови не ги исполниле кандидатите.
Истото сега го бара и Блупринт групата за реформи во правосудството - мрежа во која се вклучени неколку граѓански организации: Институтот за човекови права, Институтот за европска политика, Коалицијата „Сите за правично судење“, Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Оттаму констатираат дека самата постапка за избор на судија во ЕСЧП била целосно нетранспарентна, особено што не биле јавно објавени биографиите на кандидатите за да може јавноста да се запознае со нивната стручност, професионалност и интегритет за високата позиција во Судот. Но, тоа не им е единствената забелешка.
Алката што недостига
Од Блупринт групата изразуваат загриженост што постапката не била целосно спроведена, а потсетуваат како треба се одвива. Комисијата распишува оглас за избор, спроведува постапка за избор и доставува предлог за избор на три кандидати до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа, за да обезбеди мислење дали кандидатите ги исполнуваат критериумите пропишани од Советот на Европа. По добиеното мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, Комисијата доставува предлог листа на три кандидати до Владата, а откако Владата ќе ја усвои таа предлог листа, Комисијата е должна истата да ја достави до Парламентарното Собрание на Советот на Европа.
„Со оглед дека не е добиено мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, а Владата донесе одлука за поништување на предлог листата без никакво образложение, останува нејасно и сомнително зошто Владата има донесено таква одлука која целосно го поткопува принципот на владеење на правото, а воопшто не даде образложение на истото. Се поставува прашањето на кој начин Владата утврди дека тројцата кандидати не ги исполнуваат условите и критериумите предвидени во јавниот оглас и во правилата на Советот на Европа, со оглед дека токму Комисијата формирана од самата Влада претходно спроведе постапка и интервјуа и утврди листа од тројца кандидати кои ги исполнуваат сите предвидени критериуми“, прашуваат од Блупринт групата.
Ристоска: Спротивно на препораките на Советот на Европа
На истото прашање деновиве се осврна и кандидатката Ленче Ристоска.
„Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права, така што доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го известам Советот на Европа“, најави Ристоска.
Во име на транспарентноста, вели дека би било корисно Владата да соопшти кои кандидати не ги исполнуваат кои услови, и во која постапка е утврдено тоа. Вчера, во реакција на Фејсбук, таа посочи дека одбивањето на Владата да даде појаснување за тоа кои критериуми не ги исполнуваат кандидатите, е спротивно на препораките на Советот на Европа. Притоа наведе и дека во последните два месеца имала укажувања оти треба да ја повлече нејзината кандидатура за судија во ЕСЧП, а во исто време против неа во јавноста се одвивала и „клеветничка кампања".
„Затоа и потегот на Владата за неприфаќање на листата за мене беше очекуван, само формата како Владата ќе се обиде да ги прекрши процедурата и препораките на Советот на Европа за избор на кандидати за судии (...) Неиздржаноста на одлуката на Владата може да се насети од општата формулација за неприфаќање на листата, од нетранспарентноста и одбивањето да се дадат конкретни информации за критериумите кои наводно кандидатите не ги исполнуваат“, напиша Ристоска.
Потенцира дека најповикани и најстручни да ги оценат кандидатите во рамки на националната селекција, се Комисијата која била формирана со таа цел, како и советодавното тело на Советот на Европа.
Уставниот судија Осман Кадриу, кој беше член на Комисијата што го вршеше изборот, смета дека не може да стане збор за неисполнување на предвидените услови, како причина за донесената владина одлука. Според Кадриу, Комисијата се водела од принципите на стручноста и моралноста на пријавените, а за да има квалитетен избор избраните кандидати требало да добијат минимум двотретинско мнозинство (6 гласа од 9 членови на Комисијата).
„Тројцата што се предложени од Комисијата, се избрани со двотретинско мнозинство, сметајќи дека ги исполнуваат условите“, изјави Кадриу.
Ново поткопување на довербата
Во очекување на објаснување на владината одлука, од Блупринт групата оценуваат дека таа го доведува во прашање легитимитетот на постапката, а потсетуваат дека правилата на Советот на Европа за избор на судија во ЕСЧП се детално прецизирани и меѓу другото бараат: повикот за кандидатури да биде јавен и широко распространет; да се овозможи разумен период за поднесување на апликации; и секое отстапување од препораката на телото за селекција треба да биде оправдано со упатување на критериумите за утврдување на листите на кандидати.
„Изборот на судија во ЕСЧП не е политичка одлука, туку тест за правна зрелост и демократски капацитет. Република Северна Македонија мора да покаже дека може да го спроведе овој процес на начин што ќе ја заштити стручноста, легитимитетот и довербата на јавноста. Оттука, Одлуката на Владата директно се коси со овие правила, особено ако ја потенцираме праксата на Советот на Европа која во 2021 година отфрли список од процедурални причини, имајќи предвид дека националната постапка за избор беше во голема мера доминирана од претставници на владата“, наведува Блупринт групата.
Граѓанските организации од оваа мрежа, сметаат дека со владината одлука не само што се дискредитираат кандидатите за судија во ЕСЧП, туку и работата на Комисијата составена од претставници од правосудството, а дополнително се поткопува и онака кревката доверба на граѓаните во правосудството.
„Сметаме дека е потребно објаснување за ваквото постапување односно за носење на одлуки со кои се фрла сомнеж за притисоци и влијанија кои негативно влијаат на принципите на владеење на правото и правната држава“,- наведуваат од Блупринт групата, која подолго време ја следи работата на правосудството во целина.
Нова комисија
Наместо досегашните девет члена, во новата Комисија за избор има пет члена: претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, в.д. претседателката на Основниот кривичен суд, Скопје Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, Бесник Авдија, и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска Стрезоски, која е единствената што учествуваше и во претходниот состав на Комисијата.
Во февруари следната година истекува 9-годишниот мандат (2017-2026) на актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски. Тој пред заминувањето во Стразбур имаше две децении искуство во Обвинителството, а беше и шеф на ОЈО ГОКК од 2004 година до изборот во ЕСЧП. Сепак, во јавноста повеќе беше препознаван како баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
„Жал ми е што сум третиран како 'баџанакот на Мијалков', бидејќи професионално сум се реализирал пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт“, изјави тој за ДВ по неговиот избор за судија во ЕСЧП.