Ветувања: БРТ, железница покрај Вардар и зеленило за Скопје
4 август 2025Реални и нереални ветувања, „големи“ планови за враќање на духот на Скопје, како и менување на таборите го одбележаа периодот во пресрет на локалните избори во земјата. Иако изборите не се уште распишани и кампањата не е официјално започната, кандидатите за градоначалници веќе се растрчаа на терен на средби со граѓаните, ветувајќи им ја својата визија за подобро Скопје, со надеж дека ќе ги придобијат нивните гласови и доверба.
Додека дел од партиите тактизираат со обелоденувањето на своите адути за главниот град, кандидатите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова и Орце Ѓорѓиевски веќе нудат амбициозни визии за сообраќајниот и еколошкиот развој на Скопје. Ветувањата на теренските средби со граѓаните се фокусираат пред се на неколку теми: реализацијата на долго најавуваниот проект за БРТ- системот, конкретни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина, решавањето на проблемот со хигиената во градот и водоснабдувањето, а полемики во јавноста предизвика и идејата за железничка пруга покрај Вардар.
Стари проекти - нови дилеми
„Бас рапид транзит“ (БРТ) системот и покрај бројните обиди изминативе години не ја доби поддршката за имплементација во Советот на Град Скопје. Станува збор за проект на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов како едно од решенијата за намалување на сообраќајниот хаос во главниот град, а веќе неколку години не се спроведува и се плаќаат пенали. Парите за БРТ стојат, а од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира.
Кандидатот за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, овој проект сега го најавува како една од опциите за решавање на проблемите со јавниот превоз во главниот град. Според Ѓорѓиевски, трамвајот, градскиот воз, БРТ и еколошките автобуси се опции за јавниот превоз.
И Каја Шукова, кандидат на владејачката коалиција, се заложи за продолжување и модернизација на проектот за брз автобуски превоз, наведувајќи дека тоа е ефикасно, одржливо и економски исплатливо решение за метежот во Скопје. Проектот, којшто таа го најавува, предвидува две главни трансверзали кои ќе заменат голем дел од постојните автобуски линии, додека остатокот ќе се надополни со еколошки автобуси.
„Што му треба на Скопје? Сериозен, ефикасен и еколошки јавен транспорт. Наместо да се фрлаат нереални идеи кои звучат добро на хартија, а се катастрофа во реалноста, ќе предложиме нов, модерен систем на јавен превоз кој ќе биде брз, достапен, чист и одржлив. Ќе го дигнеме јавниот превоз од пепелта во која ВМРО-ДПМНЕ го остави да тоне четири години“, порача таа деновиве.
Железничка пруга на кејот на Вардар – визија или ризик?
Идејата за поставување железничка пруга на кејот на реката Вардар, којашто произлезе по средбата на Ѓорѓиевски со Стопанската комора, наиде на поделени реакции во јавноста.
Шукова смета дека, оваа идеја е „е исклучително погрешна“. „Тоа е последното нешто што му треба на Скопје. Кејот на Вардар е едно од ретките места што им преостануваат на граѓаните за мир и рекреација од хаосот на секојдневието во градот. Да се уништи тој простор со шини и бучава би било културен и еколошки вандализам“, смета кандидатката за градоначалник на Скопје.
Нејзината визија е дека граѓаните на Скопје заслужуваат уреден кеј со велосипедски и трим патеки, урбана опрема, зеленило и чист воздух. „Тоа е визијата што ќе ја бранам, кејот како градска оаза за спортување, пешачење, семејни прошетки и живот“, порача Шукова.
Двајцата кандидати ја препознаваат важноста на еколошките предизвици со коишто се соочува главниот град. Ѓорѓиевски порача дека чистиот воздух не е луксуз, туку право. Најави дека ќе понуди долгорочни решенија за проблемите со депониите и комуналната хигиена. На Скопје му недостасуваат нови бели дробови, нови места каде што народот ќе може да се рекреира. Во првите месеци од мојот мандат проблемите ќе ги сведам на нула, односно ќе останат зад нас и ќе почне нормално да функционира комуналната хигиена“, изјави Ѓорѓиевски во телевизиско гостување.
Шукова вети зголемување на зелените површини, а како едно од потенцијалните решенија за справување со проблемот со отпадот во главниот град го наведе воведувањето софтвер преку кој ќе се следи состојбата со нивото на пополнетост на контејнерите.
„Дилови и пазари“
Тимот на Ѓорѓиевски во меѓувреме доби и засилување. На само неколку недели пред распишувањето на локалните избори, актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за прв човек на Град Скопје, на социјалните мрежи објави дека професорот Мишко Ралев се приклучува на неговиот тим.
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас.Академската заедница и научно-истражувачката дејност на реномираните професори секогаш ќе имаат отворена врата и заслужено место во визијата за напредно и современо Скопје. Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град — град на идеи, вредности и иднина“, вели Ѓорѓиевски.
Одлуката на архитектот Мишко Ралев, кој беше во најтесна конкуренција за градоначалник на СДСМ, да се приклучи на тимот на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, предизвика изненадување кај многумина. Ралев беше дел од Извршниот одбор на СДСМ и важеше за еден од најсериозните кандидати за градоначалник на СДСМ на претстојните локални избори.
Од СДСМ, коишто се одлучија во трката за Скопје да одат со поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова, реагираат дека мотивите за ангажман во политиката, очигледно биле на ниво на личен пазар.
„Дилови со Орце Ѓорѓиевски, кој е класичен избор на партиската олигархија на ВМРО-ДПМНЕ, ние нема зошто да толкуваме. Може само да констатираме дека за жал станува очигледно дека мотивите за неговиот ангажман во политиката биле на ниво на личен пазар“, велат од СДСМ.