Полска: Тесна трка на Часковски и Навроцки
19 мај 2025Тесна трка на претседателските избори во Полска: Во првиот круг од изборите, проевропскиот кандидат Рафал Часковски, според прогнозите, има мала предност пред десничарскиот националист Карол Навроцки. Според последната анкета на институтот Ипсос, Часковски добил 31,2 проценти од гласовите, додека Навроцки освоил 29,7 проценти гласови. Со оглед на тоа што ниту еден од нив не ги постигна потребните 50 проценти, тие ќе се соочат еден со друг во вториот круг на изборите на 1 јуни. Излезноста на гласачите во првиот круг, според Ипсос, била 66,8 проценти.
Претседателските избори се сметаат за показател на патот по кој Полска ќе оди во иднина. Часковски, кој во моментов е градоначалник на главниот град Варшава, исто како полскиот премиер Доналд Туск припаѓа на либерално-конзервативната Граѓанска платформа. Изборна победа за 53-годишникот би го отворила патот за владини реформи. „Овој резултат покажува колку мора да бидеме силни, колку мора да бидеме одлучни, колку многу работа нè очекува“, им рече Часковски на поддржувачите во градот Сандомјеж, во источна Полска.
42-годишниот Карол Навроцки е поддржан од национално конзервативната поранешна владејачка партија Право и правда (ПиС). Доколку победи во вториот круг од претседателските избори, се очекува продолжување на политиката на блокада на досегашниот шеф на државата Анджеј Дуда. Набљудувачите сметаат дека во овој случај се можни предвремени парламентарни избори.
Десничарскиот националист Навроцки им се заблагодари на своите гласачи по изборите и рече дека негова победа ќе спречи сегашната владина коалиција да ја „монополизира“ целата власт во Полска. Тој „нема да прифати потпишување нови договори на ЕУ“ и додаде дека Полска го губи својот суверенитет „во многу области од општествениот живот“. Тој, исто така, вети дека ќе спречи „безбедноста на полските жени и мажи да биде загрозена од нелегални мигранти“.
Одлучувачкиот фактор во вториот круг од изборите веројатно ќе биде дали третопласираниот Славомир Менцен, кој доби 15,4 проценти од гласовите, ќе го поддржи Навроцки во вториот круг. Крајнодесничарскиот кандидат Менцен е тврдокорен евроскептик и противник на абортусот. Тој ги обвинува украинските бегалци во Полска дека ја искористуваат земјата.