Избори во Гренланд: На повидок промена на власта
12 март 2025Опозициската партија на десниот центар Демократит изненадувачки победи на парламентарните избори на Гренланд. Според официјалните изборни резултати објавени во средата, партијата предводена од Јан-Фредерик Нилсен успеа да го зголеми својот удел на гласови за повеќе од трипати и освои 29,9 отсто.
И националистичката партија Налерак, која досега исто така беше во опозиција, забележа добар изборен резултат освојувајќи 24,5 отсто од гласовите. На последните избори во 2021 година, Демократит освои само 9,1 отсто гласови. Оваа се залага за бавен пристап кон независноста од Данска. Налерак, од друга страна, пак за цел има брза независност.
Партиите од досегашната владејачка коалиција на левиот центар Инуит Атакатигит и Сиумут, од друга страна, завршија на третото и на четвртото место. Тие заедно освоија само 36 отсто, што е помалку од 66,1 отсто освоени на изборите пред четири години.
Бидејќи ниту една од победничките опозициски партии не ќе може сама да обезбеди мнозинство од 31 пратеничко место во парламентот, ќе бидат неопходни преговори за владина коалиција. Новата влада ќе се соочи со големи предизвици: во прв ред ќе мора да ги одреди пристапот и временската рамка за стекнување независност на арктичкиот остров од Данска, што е поддржано од големото мнозинство на населението на Гренланд.
Можната целосна независност од Данска беше централно прашање во изборната кампања. Соодветните стремежи беа поттикнати и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави дека Гренланд, доколку е потребно, со сила ќе го припои кон Соединетите Американски Држави. Според последните анкети меѓутоа огромно мнозинство од населението на Гренланд е против приклучување кон САД.
На најголемиот остров во светот живеат 57.000 луѓе. Од 1979 година, Гренланд е автономен во многу области, но за надворешната и одбранбената политика сè уште одлучува поранешната колонијална сила Данска.