Победа на Унијата, ФДП надвор од парламентот
24 февруари 2025Унијата (ЦДУ/ЦСУ) со нејзиниот кандидат за канцелар, Фридрих Мерц, победи на предвремените парламентарни избори во Германија - со голема разлика пред второпласираната АфД и СПД, која по бројот на освоени гласови падна на историски најниско ниво. Ова го покажуваат прелиминарните резултати што ги објави Сојузната изборна комисија во текот на изборната ноќ. Резултатите покажуваат и дека либералната ФДП и новиот Сојуз Сара Вагенкнехт (ССВ) не успеале да го надминат прагот од пет проценти за влез во парламентот.
Според прелиминарните резултати, Унијата доби 28,6 отсто од гласовите. Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц сега има најголеми шанси да стане канцелар. АфД освои 20,8% гласови, додека СПД го постигна најлошиот резултат на сојузни избори досега - 16,4%. Зелените се на четвртото место со 11,6%, а во Бундестагот влегува и Левицата со 8,8% гласови. ФДП, која досега беше во владеачката коалиција во Берлин, сега останува надвор од Бундестагот со оглед на тоа што има само 4,3% гласови, додека БСВ, со освоени 4,97% гласови, за малку пропушта да влезе во парламентот.
За да се формира влада во Германија, потребно е мнозинство од најмалку 316 места во Бундестагот, кој брои 630 места.
Резултатите на Унијата ѝ носат 208 места во новиот парламент. СПД освои 120 пратенички места. Тоа значи дека е можна владина коалиција меѓу конзервативците и социјалдемократите. Резултатите не се доволни за црно-зелена коалиција (Унија и Зелени): Зелените добиваат само 85 пратеници. АфД значително ја зголемува својата пратеничка група со 152 пратенички места. Партијата на Левицата има 64 претставници.
Еден мандат повторно добива и Сојузот на гласачи во Јужен Шлезвиг, кој како партија на данското и фризиското малцинство не мора да го помине прагот од 5% за влез во Бундестагот.