Избори во Германија: Илон Маск и неговото пледоаје за АфД
27 јануари 2025„Поголем од животот“ во САД е израз кој е во мода и се користи за да се опише личност со исклучителна харизма и успех. И токму така Илон Маск им се претстави на присутните на почетокот на предизборната кампања на АфД во Германија изминатата сабота - „над животот“. И тоа во буквална смисла - со стиснати тупаници во победничка поза, мултимилијардерот го зазема комлетниот екран во Хале ан дер Зале во сојузната покраина Саксонија-Анхалт. А поддржувачите на Алтернативата за Германија го бодреа веејќи црно-црвено-златни германски знамиња.
Историчари: „Фронтален напад врз германската меморијална култура“
Два дена пред 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц, најголемиот концентрационен логород нацистичката диктатура, Маск на нему наклонетата публика ѝ порача дека Германија става преголем акцент на „вина од минатото“. „Децата не треба да се сметаат за одговорни за гревовите на нивните родители, а камоли пак од нивните прабаби и прадедовци“, рече Маск.
На својот канал на социјалните медиуми историчарот Матијас Веховски ова го оквалификуваше како „фронтален напад на АфД врз германската меморијална култура со помошта од олигархот Маск“. „Не постои начин доволно да се нагласи колку е ова опасно за демократијата“, оценува Веховски , кој истражува тоталитаризам на Институтот Хана Арент при Техничкиот универзитет во Дрезден.
Германската меморијална култура првенствено е посветена на сеќавањето на милионите неправди извршени од националсоцијалистите под водство на Адолф Хитлер (1933-1945), вклучувајќи ги Холокаустот и Втората светска војна. Од 1990-тите вклучена е и обработката на социјалистичката диктатура во ГДР (1949-1990).
Маск го става под прашање класифицирањето на АфД како десно екстремна
АфД со години води кампања со големи критики за меморијалната култура. Станува збор за тезите дека меморијалната култура е пречка за здрава национална гордост и промовира политика која што е штетна за Германија.
Барањето за построги ограничувања на миграцијата во Сојузна Република Германија, за доследна депортација на лицата кои треба да ја напуштат земјата, како и за зголемен притисок за прилагодување на доселениците е дел од нивниот националистички дискурс. Кандидатката на АфД за канцелар, Алис Вајдел, сега и отворено го користи и контроверзниот термин „ре-миграција “. Покрај тоа, членовите на АфД постојано се контра родовите студии и ЛГБТК+ заедницата.
Од таму германските медиуми често ја класифицираат партијата како десно популистичка или десно екстремна. Меѓу другото и поради реторичката блискост со нацистите, Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, домашната тајна служба, неколку членови на партијата и три регионални ограноци на АфД ги класифицира како „потврдено десно екстремни“.
Илон Маск на ова се спротивстави уште кон крајот на декември минатата година во гостинска статија во весникот „Велт ам Зонтаг“ во која вели дека „претставувањето на АфД како десно екстремна е евидентно погрешно кога ќе се земе в предвид дека Алис Вајдел, претседателката на партијата, има истополова партнерка од Шри Ланка. Дали ви звучи тоа како Хитлер?“
Маск: „Борете се за голема иднина на Германија!“
Едночасовниот разговор меѓу Маск и Вајдел на неговата платформа X од почетокот на јануари исто така се смета за активна поддршка во предизборната кампања „Само АфД може да ја спаси Германија“, прорекуваше Маск и пред тоа.
Во саботата во Хале се надоврза со пораката „борете се за голема иднина на Германија“ обраќајќи им се на присутните како да се тие избрани за таа задача. Важноста на претстојните избори тешко дека може да се потцени, оцени Маск и додаде дека „судбината на Европа, судбината на светот може да зависи од овие избори“, па можеби дури и „иднината на цивилизацијата“.
Со многу слични апели Илон Маск го поддржуваше и американскиот претседател Доналд Трамп за време на предизборната кампања. Надвор од САД, Маск покрај АфД се вели дека е близок и со италијанската премиерка Џорџа Мелони од десничарската партија Браќа на Италија.
Дали Илон Маск е десен идеолог?
Како прво, Илон Маск е претприемач визионер. Со Тесла го потресе глобалниот автомобилски пазар. Со неговата компанија Спејсекс тој гради глобална сателитска мрежа која веќе денес ги снабдува и најзафрлените делови на земјата со интернет. Една од неговите декларирани цели е колонизирање на планетата Марс. За него нарушувањето, односно уништувањето на постоечки структури преку нови решенија е нормално, а не исклучок. Според тоа, Маск веројатно би поздравил политика која на државата ѝ дава само минимални законодавни овластувања. Можно е такви идеи да препознава и кај АфД, вели политичкиот консултант и специјалист за социјални медиуми, Мартин Фукс за Баварскиот радиодифузер.
Покрај национализмот, партијата се залага и за економска дерегулација и - во овој контекст - и за потиснување на ЕУ како наводна регулаторна машинерија. „А АфД е веројатно најлесниот партнер кој може да се придобие за да предизвика немир и хаос“, вели Фукс. Иако економистот Вероника Грим смета дека тоа е заблуда и за АРД посочува дека „АфД не е јасно економски либерална партија“.
Покрај тоа, Маск, како и АфД, често е контра движењето „воук“. Тој шири митови за заговор како „големата замена“, според која европските елити сакаат да го заменат локалното население со луѓе од други региони во светот.