Германската политика кон Западен Балкан ќе остане константна
23 февруари 2025Од седумте партии кои имаат шанса да влезат во 21. свикување на Бундестагот, пет од нив во своите изборни програми нагласуваат дека проширувањето на Европската унија кон земјите од Западен Балкан е историска неопходност и е во стратешки интерес на Германија. Овој став партиите го конкретизираа во своите изборни програми.
Актуелната влада на Олаф Шолц, откако дојде на власт пред нешто повеќе од три години, ја воспостави функцијата специјален владин пратеник за Западен Балкан, позиција на Мануел Саразин од Партијата на зелените. Социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц во неколку наврати го посети Балканот, последен пат минатото лето кога беше во Србија и со српскиот претседател Александар Вучиќ разговараше за експлоатација на литиум.
Поместување на работите од мртва точка
СПД во својата изборна програма се пофали дека за време на нивниот мандат процесот на проширување, по години стагнација, бил помрднат од мртва точка. „Политиката за проширување на ЕУ е инструмент на голема трансформативна моќ, но и геополитичка неопходност. Ја ревитализиравме оваа политика. Таа беше и е мотор за мир, демократија, владеење на правото и просперитет во Европа и на Западен Балкан. Сакаме да ја продолжиме оваа успешна приказна за да ги поддржиме нашите европски соседи и да ги придружуваме во процесот трајна демократска трансформација. Но, и за да се спречат други актери да ја заменат ЕУ. Се залагаме за брз прием на државите од Западен Балкан“, се споменува во изборната програма на СПД без да се наведува за кои „други актери“ станува збор. Во други разговори со претставници на СПД беа споменати Русија, Кина и Турција.
„Преку опиплив напредок во процесот на проширување, како што е пристапот до заедничкиот пазар, луѓето треба да чувствуваат дека членството во Европската унија дава резултати“, се наведува во изборната програма на СПД. Дали ова значи некој вид на постепен влез во членството?
Во следниот пасус се споменуваат и Украина и Молдавија на кои треба да им се овозможи пат кон евроатлантските интеграции. Но, германските социјалдемократи се за одржување на стандардите кога станува збор за пречките за влез во ЕУ. „За нас е јасно дека не може да се преговара за демократија, човекови права и владеење на правото. Критериумите од Копенхаген секогаш мора да се исполнат“, се заклучува.
Поддршка за демократските процеси и владеењето на правото
Според нејзината изборна програма, досегашниот партнер на СПД, Партијата на зелените, силно ќе го поддржи проширувањето на Европската унија. „Проширувањето на ЕУ е успешна приказна и е во наш геополитички интерес. Ја поддржуваме желбата на земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија да се приклучат на ЕУ, под услов сите земји-кандидати да ги исполнат потребните критериуми“, се вели во програмата. Понатаму, експлицитно е нагласена потребата од поддршка на оние сили во земјите кандидати кои се залагаат за демократија и човекови права.
„Ги гледаме храбрите и неуморни напори на проевропските, демократски сили, на пример во Грузија, Србија и други земји со перспектива за пристапување. Ги поддржуваме таквите иницијативи, кои се клучни за реализација на иднината на овие земји во ЕУ, велат Зелените. Се споменува и Ерменија, која треба да биде поддржана во борбата против „руската дестабилизација". Зелените веруваат и во водење преговори со Турција за пристапување во ЕУ, но тоа, како што се наведува, е можно само во случај на „кредибилна промена на курсот во областа на демократијата, владеењето на правото и заштитата на малцинствата“.
Можен конфликт меѓу кабинетот на канцеларот и Министерството за надворешни работи
Никола Ксавиереф од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП) токму тука гледа можен конфликт во случај идната влада да ја формираат Демохристијаните и Зелените, што се споменува како една од опциите. „Во случај Зелените да продолжат да го водат Министерството за надворешни работи, не е јасно дали тензиите со логиката на надворешната политика на ЦДУ кон Србија ќе резултираат со нови проблеми, како на билатерален план, така и во дизајнирањето на општ пристап кон Балканот и проширувањето на ЕУ“, изјави Ксавиереф за ДВ. Унијата ЦДУ/ЦСУ гледа попрагматично на приказната за литиумот и протестите на граѓанското општество отколку Зелените.
Исто така можниот помал партнер во идна влада, Либерално-демократската партија (ФДП), по СПД и Зелените, третата партија која учествуваше во работата на минатата влада, исто така силно се залага за прием на земјите од Западен Балкан со „исполнување на критериумите од Копенхаген“. ФДП, која силно се залага за потребите на економијата, вклучувајќи ја и потребата на економијата од работна сила, исто така сака да го прошири т.н. Балканското правило, воведено на почетокот на 2016 година и преку кое над 100.000 работници од Западен Балкан веќе се преселиле во Германија за потребите на пазарот на трудот.
Според Ксавиереф, миграцијата ќе има важна улога во односите меѓу идната германска влада и земјите од Западен Балкан. „Прашањето за миграцијата ќе биде важно во две насоки, т.е. сузбивање на илегалната миграција и регрутирање ниско и висококвалификувани работници за потребите на германскиот пазар на труд“, вели Ксавиереф. Тој исто така посочува дека тема на овогодинешниот Берлински процес, кој влегува во втората деценија, ќе бидат миграциските текови.
„Лајт-членство" во ЕУ?
Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, политичката сила која најверојатно ќе формира влада по изборите на 23 февруари, исто така е за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, но забележува дека останува уште многу работа. Истовремено, се истакнува важноста на Берлинскиот процес, интегративниот проект на земјите од Западен Балкан, кој пред десет години го започна канцеларката од ЦДУ, Ангела Меркел.
Но, Унијата ЦДУ/ЦСУ ја воведува идејата за меѓуфази во пристапување во Европската унија. Акцентот е повеќе на економската, а помалку на политичката интеграција. „Пристапувањето на земјите од Западен Балкан, Украина и Република Молдавија е во наш безбедносен и геополитички интерес. Затоа, предлагаме меѓуфази за земјите кандидати кои се уште не ги исполнуваат сите услови за пристапување, но смело спроведуваат реформи кои водат кон членство“, се вели во изборната програма на Унијата на ЦДУ/ЦСУ. Значи, повторно некакво „лајт-членство" во ЕУ, кое кандидатите веќе во неколку наврати го отфрлија.
Како Унијата ЦДУ/ЦСУ ќе го координира овој пристап со помал партнер, без разлика дали тоа ќе биде СПД или Зелените и во чии раце ќе биде портфолиото за надворешни работи, останува отворено.
Ксавиереф посочува дека новата влада ќе се залага за „централизирање на надворешната политика, каде што ќе има помал раскол меѓу Министерството за надворешни работи и канцеларот".
АфД и БСВ против проширувањето
Меѓу партиите кои имаат шанси да влезат во Бундестагот, но имаат мали шанси да учествуваат во работата на владата, е и партијата Левица. И оваа партија во минатото се залагаше за изедначување на стандардите, особено на социјалните, како што е минималната плата, низ целата Европска Унија. Тоа, сметаат тие, би ја намалило можноста за експлоатација на странските работници. „Ние сакаме проширување на Европската унија засновано на солидарност, за што е потребно почитување на социјалните, еколошките и демократските стандарди." Левица, сепак, смета дека токму од тие причини сегашната ЕУ треба да се реформира за да биде подготвена за нови членки.
Шанса да влезе во Бундестагот има и новооснованата Сојуз Сара Вагенкнехт, која произлезе од партијата Левица. Оваа левичарско-популистичка алијанса целосно го отфрла проширувањето на ЕУ и го објаснува вака: „Европската унија нема да го зголеми значењето со повторно и повторно примање нови членки. Сакаме проширувањето на ЕУ да престане, а тоа важи и за Украина, бидејќи во спротивно овој процес би станал вреќа без дно за германскиот даночен обврзник“.
Идеолошки на другиот крај од спектарот, но со слични популистички ставови, е десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Партијата која бара излез на Германија од ЕУ е соодветно против какво било проширување. Како што сега стојат работите, АфД нема шанси, и покрај тоа што е на второ место по бројот на гласови, да стане дел од идна влада.