Истражување: Германците сакаат помалку бегалци
31 јануари 2025Среда, 29 јануари 2025 година, ќе остане во колективната меморија на политичката историја на Германија. Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) кои заедно ја сочинуваат најголемата опозициска сила во Бундестагот, го ставија на гласање „планот во пет точки“ за заострување на политиката за доделување на азил во Германија. Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Зелените кои формираа малцинска влада откако во ноември се распадна т.н. „семафорска коалиција“, гласаа против, како и партијата Левица. Само со гласовите на пратениците на Либерално-демократската партија (FDP) Демохристијаните нема да имаат мнозинство за својот предлог.
Алтернатива за Германија (АФД), чии делови се официјално прогласени за десничарско-екстремистички, е таа која им обезбеди мнозинство на Демохристијаните. Фридрих Мерц кандидатот на ЦДУ/ЦСУ за канцелар, ги прифати гласовите на АФД. Клучот е, како што рече, „да се направи правилната работа, дури и ако погрешните луѓе се согласуваат со неа“.
Како граѓаните ги оценуваат постапките на Мерц сè уште не се одразува во актуелното истражување на јавното мислење „Германски тренд“ (Deutschlandtrend), бидејќи тоа е спроведено пред гласањето во Бундестагот. За ова истражување кое редовно се спроведува за јавниот сервис АРД, институтот за истражување на јавното мислење infratest-dimap анкетираше 1.336 германски гласачи помеѓу 27 и 29 јануари.
Но, најдоцна по нападот со нож во Ашафенбург, Германците покажуваат наклонетост кон радикални промени во миграциската политика: 68 проценти од испитаниците сметаат дека Германија треба да прима помалку бегалци. 22 проценти сметаат дека бројот на бегалци треба да остане на сегашното ниво. Три проценти сметаат дека треба да се примат уште повеќе бегалци.
Контрола на границите и одбивање на барателите на азил?
Планот на Демохристијаните предвидува, меѓу другото, „постојани контроли на границите“ кон соседните земји и „одбивање на сите обиди за нелегален влез без исклучоци“. Ова би требало да се однесува и на барателите на азил. Иако предлогот е прифатен во Бундестагот тој нема правно обврзувачка сила, туку е само политичка изјава за намерите.
Сепак, според ова истражување, мнозинството Германци би ги одобриле барањата на Демохристијаните: 67 проценти од испитаниците сметаат дека постојаните гранични контроли се добра идеја, а 57 проценти се за фундаментално одбивање на влез во Германија на луѓе без важечки влезни документи – дури и ако се луѓе кои сакаат да поднесат барање за азил.
Дали барањата на Демохристијаните ги кршат правилата на ЕУ?
Не е јасно дали ваквите мерки би биле во согласност со правото на Европската унија или би го кршеле. Веќе имаше критики на состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Варшава. Начелото на отворени граници се применува во т.н. Шенген простор. За да се намали нередовната миграција во Германија, германската сојузна полиција (која е одговорна за границите и сообраќајните јазли) од есента спроведува контроли на сите државни граници. Ова е засега временски ограничено до март 2025 година.
Луксембург најави дека ќе поднесе жалба до Европската комисија ако Германија побара повторно да го продолжи постојното контролирање. Шпанија исто така го критикуваше ова, наведувајќи дека границите во Шенген просторот во принцип мора да останат отворени.
И покрај постојаните гранични контроли, само малцинство од испитаниците во новото истражување смета дека Германија има под контрола протокот и начинот на кој бегалците доаѓаат во земјата. Само секој десетти испитаник смета дека властите успешно ги проверуваат идентитетот и бројот на новодојдените.
Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) ги уверуваше своите колеги од ЕУ дека Германија ќе продолжи да се потпира на европските решенија. „Наш главен приоритет останува најбрзо можно спроведување на заедничкиот пакт на ЕУ за азил и миграции“, рече Фезер во Варшава. Таа исто така повика на единствен пристап кон депортациите на ниво на целата ЕУ. „Неопходен е ефикасен систем на враќање на европско ниво“, истакна министерката.
Мнозинството Германици го делат истиот став како и нивната министерка за внатрешни работи. Но, дека ќе дојде до заедничко европско решение за бегалската криза, на тоа сметаат 61 процент од испитаниците. Само меѓу приврзаниците на АФД мнозинството поддржува национални мерки без оглед кон другите членки.
Лошо расположение во Германија
Три недели пред изборите, општото расположение на германските граѓани е очигледно многу негативно: 83 проценти од нив се загрижени за моменталната ситуација во Германија додека само 13 проценти гледаат причини за оптимизам. Освен миграцијата, гласачите особено ги загрижуваат економските состојби. Овие две теми ги споменаа повеќе од една четвртина од испитаниците. Дваесет проценти се загрижени поради вооружени судири и војни во светот, а 18 проценти поради поместувањето на општеството надесно.
Секој четврти испитаник смета дека ниту една партија во Германија во моментов не вдахнува оптимизам. Дури и во моментално најсилната партија, Демохристијаните, во анкетите веруваат само 23 проценти, а во Фридрих Мерц како можен иден канцелар 21 процент. Ако следната недела се избираше нов Бундестаг, Демохристијаните би освоиле 30 проценти (-1) гласови. СПД останува на исто ниво како и во претходното истражување, на 15 проценти. Исто толку би добиле и Зелените, што би било благ пораст (+1). Алтернатива за Германија (АфД) би добила 20 проценти, Левицата пет, а ФДП и новооснованиот левичарско-популистички Сојуз Сара Вагенкнехт не би успеале да го надминат цензусот за влез во Бундестагот од пет проценти.
Половина од гласачкото тело сè уште е неодлучено
Промените се сè уште можни, сè до денот на изборите на 23 февруари. Според ова истражување, околу половина од оние со право на глас веќе донеле одлука. Најмалку еден од пет гласачи со право на глас (21 процент) вели дека мислењето за тоа за кого ќе гласа може да се промени до денот на изборите. Околу секој четврти (23 проценти) не сака да гласа или сè уште не покажал никаква наклонетост кон некоја од партиите.