Истрагата за „Пулс“ се шири – осомничени 19 службени лица
12 април 2025Основното јавно обвинителство Кочани денеска (12.04) ја прошири истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на нови 19 лица и сите се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Со тоа досега е поведена истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. За еден од нив, кој неодамна почина од повредите здобиени во пожарот, по целосно прибавување на медицинската документација, постапката ќе биде запрена.
ОЈО Кочани до крајот на денот до Основниот суд во Кочани ќе достави предлози за определување соодветни мерки за обезбедување на присуството на секој од новоосомничените. Какви мерки се предложени - утре напладне на прес-конференција ќе соопштат државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Кои се новоосомничените 19 лица?
„Станува збор за службени лица, кои во периодот од 2012 година до 16.3.2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери“, соопшти Обвинителството.
Меѓу нив се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, министри за економија, државни секретари и други службени лица од тоа министерство, како и инспектори од Државниот пазарен инспекторат.
Како што наведе Обвинителството, постојат сомненија дека нивните незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па сѐ до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот.
„Како резултат на тоа, при користење на пиротехнички средства на 16.03.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК, бил предизвикан пожар во кој настапила смрт на 61 лице, меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца“, наведе Обвинителството.
Министерска низа
Во посочениот период министри за економија беа Ваљон Сараќини (јуни 2011 - јули 2014), Беким Незири (јули 2014 - јануари 2016), Дритон Кучи (јануари 2016 - јуни 2017). Крешник Бектеши, кој беше министер во тој ресор од јуни 2017 до јуни 2024 година, веќе е во ефективен притвор во врска со овој случај.
Неговиот претходник, Дритон Кучи, кој од 2022 година е македонски амбасадор во Кралството Норвешка и во Исланд, денеска се огласи на неговиот Фејсбук-профил, откако семејството го информирало дека претставници на МВР го барале во неговиот дом во Скопје за информативна средба.
„Немам што да кријам и секогаш сум одлучувал да постапувам со чесност и смиреност, дури и кога околностите биле тешки. Секогаш сум избирал да одам по прав пат, дури и кога тој бил најтежок. Зборував кога другите молчеа и стоев исправен дури и кога се чувствував сам. Верувам во правдата за општото добро. Со првиот лет ќе бидам во Скопје – не за да се оправдам, туку за да потврдам дека транспарентноста и довербата се единствениот пат напред", напиша Кучи на Фејсбук.
ДУИ: Албанскиот народ е под напад
И пред да стигне соопштение од Обвинителството, а по неофицијалните информации дека истрагата е проширена, со реакција се огласи ДУИ, чии партиски кадри раководеа со Министерството за економија во повеќе мандати, вклучително и во посочениот.
„Денес, албанскиот народ во земјава е под напад од институциите на сопствената држава коишто се целосно заробени од политичките и етноцентристички интереси на власта“, обвини ДУИ.
„За да се заштитат себе си и своите, премиерот, министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител еднострано ја насочија истрагата против Албанците кои на било каков начин и било кога биле дел од институциите на системот. Јасно изјавуваме дека денес против Албанците е прогласена еднострана и неправедна агресија, без разлика дали станува збор за ДУИ, за албанските партии во власта или за Албанците воопшто. Ова не е правда, ова е одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови. ДУИ ќе ги преземе сите потребни мерки за да се спречи продолжувањето на овој напад и да се обезбеди правда за албанскиот народ во земјава“, соопшти партијата.
ВМРО-ДПМНЕ: Нема етнички мотивирани истраги
„ДУИ бега од одговорност за криминалот, криејќи се зад етничкиот чадор“, одговорија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Обвинувањата дека институциите на државата водат етнички мотивирани истраги се не само срамни, туку и опасни. Ниту една етничка заедница не е цел, цел се поединци осомничени за криминал. Не се водат истраги против Албанци, туку против функционери на ДУИ за кои има сериозни индиции за криминални дејствија. Времето на недопирливите заврши (...) Во правна држава, каква што сакаме да градиме, треба да одговара секој кој ја злоупотребил својата службена положба - без разлика дали зборува македонски, албански или турски. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи криминалот да се маскира како етничко прашање", посочија од партијата.
Семејствата бараат отчет
Додека Обвинителството ја шири истрагата и за други службени лица, денеска семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката организираа протестен марш низ улиците во Кочани, под мотото „Задоцнета реакција".
„Бараме отчет за сработеното" - беше единствената порака што гласно ја искажаа. Маршот го поминаа во молк, а колоната граѓани само накратко застана пред кафе барот на сопственикот на дискотеката, пред пред зградата на Општина Кочани, пред полициската станица, судот и обвинителството.
Покрај истрагата на ОЈО Кочани за 45 физички и три правни лица, и Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при ОЈО ГОКК, води одвоена истражна постапка за 7 полициски службеници од Штип и Кочани како соизвршители. Тие се сомничат дека со изготвување, потпишување и одобрување на позитивна согласност, му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност - кабаре, иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.