Истрагата за Кочани под будно око на јавноста и партиите
17 април 2025Еден месец по трагедијата во Кочани, истрагата за загинувањето на 61 лице во пожарот во дискотеката „Пулс“ се одвива под будно око на јавноста и опозициските политички партии, кои изразуваат незадоволство поради „селективна правда“. Последната информација од Јавното обвинителство е дека, иако увидот во импровизираното кабаре во Кочани е формално завршен, и натаму трае процесот на прибирање докази. Вештите лица кои вршат испитувања и анализи за потребите на постапката, по наредба на јавен обвинител преземаат дополнителни дејствија на местото на несреќата со цел темелна проверка и согледување на сите околности при пожарот.
Во истрагата се вклучени 13 обвинители, кои работат на обемна документација поврзана со работењето на дискотеката. Бројот на лица опфатени со истрагата постојано расте. МВР и Јавното обвинителство ја проширија истрагата за уште десет полициски службеници, но за опозицискиот СДСМ е спорно тоа што станува збор за лица коишто биле на должност од 2012 до 2022 година, а не за актуелни прападници на полицијата, коишто, според нив, биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните за време на концертот на групата ДНК во Кочани, кога се случи пожарот.
Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки на претпазливост на шестмина полициски службеници. Дел од уапсените во досегашната истрага остануваат во притвор, неколкумина се во куќен притвор, а за некои се на сила мерки на претпазливост.
Одлуката поранешниот министер за економија од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, да остане во притвор, предизвика незадоволство кај неговите сопартијци.
„Вчера беше донесена одлука речиси сите приведени да бидат пуштени, освен Крешник Бектеши, кој и понатаму останува во притвор, личност која одамна е цел на политичка одмазда“, реагираат од ДУИ. Според партијата, не се работело за индивидуален случај, туку за опасен модел на селективна правда, која станувал алатка за политички притисок и елиминација.
Има ли притисоци врз обвинителите?
Партијата прашува дали е вистина дека обвинител се повлекол поради политички водена истрага. „Ќе дозволи ли Обвинителството да стане инструмент за политичка одмазда кон опозицијата? Кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор без доволно докази и со нејасна истрага?“, велат од ДУИ.
Од Јавното обвинителство на Северна Македонија велат дека ниту еден јавен обвинител не се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласување со правната квалификација.
„Обвинителскиот тим постапува целосно синхронизирано и непрекинато презема дејствија“, додаваат од Обвинителството.
Тимот обвинители коишто работат на истрагата деновиве вршат дополнителни проверки, анализи и наредби за вештачења. До овој момент за потребите на постапката се издадени наредби за анализа на податоци од преку 70 мобилни телефони и 30-тина десктоп и лаптоп компјутери.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот го загубија 61 лице, а 197 беа повредени. Бројот на осомничени за пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани достигна 62 лица - 45 физички и три правни лица од Кочани, како и 14 полициски службеници.
Меѓу осомничените има поранешни министри за економија, градежни инспектори во Општина Кочани, директори и инспектори од Дирекција за заштита и спасување (ДЗС),службени лица и државни секретари во Министерство за економија, пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи, според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани.