Источна Европа планира мински тепих против Путин
30 јуни 2025Од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, за НАТО немало поитно прашање од тоа како подобро да ја заштити Алијансата на исток. Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска се пет од вкупно шест земји на НАТО кои имаат заедничка граница со Русија и/или Белорусија. Уште од 2022 година тие инвестираат многу за подобро чување на границата - на пример, преку огради и системи за надзор. Сега има и нов план - нагазни мини.
Повлекување од Конвенцијата од Отава
Во изминатите месеци петте земји на НАТО постепено објавуваа дека се повлекуваат од т.н. Конвенција од Отава, договор склучен во 1997 година кој стапи на сила две години подоцна и ги забранува противпешадиските мини низ целиот свет - нивната употреба, производство и продажба. Мините се многу контроверзни, меѓу другото и затоа што може неселективно да погодат и војници и цивили. Нерасчистените мини остануваат долгогодишна закана и по завршувањето на конфликтот. Само во 2023 година речиси 6.000 луѓе ширум светот се убиени или повредени од мини - 80 проценти од жртвите беа цивили, а меѓу нив многу деца. Расчистувањето на експлозивните направи е опасно, скапо и бара многу време.
Повлекувањето на петте земји-членки на НАТО треба да се официјализира во текот на месецов - само Норвешка, која исто така има граница од речиси 200 километри со Русија, ќе остане обврзана на договорот. Од крајот на годината, петте земји-членки на НАТО што се повлекуваат од него, би можеле да го обноват производството и складирањето на нагазните мини во близина на границата - за брзо и масовно да бидат користени во итен случај.
Вкупно 164 држави ширум светот се потписнички на Конвенцијата од Отава, а меѓу 33 кои не се, се вбројуваат и Русија, САД и Кина. Кремљ има убедливо најголеми залихи на противпешадиски мини во светот – според проценките станува збор за околу 26 милиони. Многу од нив веќе се користат во Украина.
Милиони мини во шумски области?
Според невладината организација „Хендикеп Интернешнал“, 58 земји и други територии во светот се контаминирани со мини - дури и онаму каде што конфликтите завршиле пред неколку децении. И покрај тоа, во најлош случај големи нови региони би можеле да бидат контаминирани со оглед на тоа дека границата меѓу петте земји-членки на НАТО и Русија и Белорусија е долгаа околу 3.500 километри и се протега од финската Лапонија на север до полската покраина Лублин на југ. Голем дел од овие области е ретко населен и густо пошумен, поради што е тешко изводлив континуиран надзор на граничниот појас.
Но, загриженоста за можен руски напад врз територијата на НАТО е толку голема што овие земји сега би можеле да прибегнат кон оружје што светот го презира и сака да го искорени. Британскиот весник „Телеграф“ наведува дека експерти на НАТО веќе анализираат кои области би можеле да се земат предвид за поставување мини. Целта на земјите-членки на НАТО е максимално заплашување. Заедно со другите мерки за обезбедување на границите, овој тепих од мини треба во случај на напад да нанесе толку големи загуби за кратко време што Москва ќе се воздржи од подолга војна.
Нова „Железна завеса“
Но, за да може долгиот граничен појас ефикасно да се чува, веројатно ќе бидат потребни милиони мини и стапици. Големи области со децении би биле непогодни за населување, а потенцијалната штета за луѓето и животната средина е тешко да се предвиди. Дописникот на „Телеграф“, Дејвид Блер, зборува за нова, експлозивна „Железна завеса“ алудирајќи на силно обезбедуваната граница меѓу НАТО и земјите-членки на Варшавскиот пакт за време на Студената војна.
Паралелно со можно поставување мини, источноевропските членки на НАТО иницираат многу други мерки. Граничните огради и ѕидови веќе се поставени или засилени, инсталирани се модерни системи за надзор и рано предупредување и зголемени се контингентите на војници. Некои од соседните држави планираат да распоредат системи за одбрана од дронови долж границата, да ги продлабочат системите за наводнување за да може во вонреден случај да се користат како ровови или да садат дрвја по важните патишта - како визуелна одбрана за цивили и војници.
Нужно или неодговорно?
Меѓу особено ранливите држави долж источната граница на НАТО е Литванија. Меѓу руската енклава Калининград на запад и Белорусија на исток, се протега т.н. Сувалски јаз, тесна копнена врска од околу 65 километри меѓу балтичките држави и остатокот од територијата на НАТО. Загриженоста дека тука би можел да почне евентуален руски напад е особено голема. Затоа Литванија планира во претстојните години да инвестира околу 800 милиони евра во производство на нови мини. Министерката за одбрана на Литванија, Довиле Шакалиене, ги бранеше плановите и зборува за „егзистенцијална закана“ за нејзината земја. Освен тоа, според неа, Русија во минатото произведувала сè повеќе мини, додека Европа ги уништува сопствените залихи како што тоа го пропишува Конвенцијата од Отава.
Ева Марија Фишер, раководителка на правниот оддел во „Хендикеп Интернешнал Германија“ за ДВ вели дека ова е опасен и загрижувачки развој на настаните. „Секако дека безбедносните задршки на источноевропските држави може да се оправдани во актуелниот нестабилен меѓународен контекст“, рече Фишер во март, кога првата од петте држави на НАТО ги објави своите планови за повлекување од договорот, додавајќи дека „сепак трајна безбедност не може да се гради врз оружје кое убива неселективно, останува долго по завршувањето на конфликтот во земјата и продолжува да осакатува цивили и да го уништува изворот за егзистенција.“
Фишер посочува дека „постојат алтернативи за одбрана на земјата кои „можеби изгледаат поскапи, но не се со оглед на огромните последователни трошоци од поствувањето на противпешадиски мини.“
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик