ТВ-„квадрел“ на кандидатите за канцелар на Германија
17 февруари 2025Кога двајца политичари се расправаат на телевизија, тоа во најдобар случај е дискусија. Кога се во прашање четворица политичари, па уште и сите кандидати за канцелар, често расправата е како пинг-понг. На двочасовната дебата на германската телевизија РЛ, актуелниот канцелар Олаф Шолц (66) од СПД, како и противкандидатите Фридрих Мерц (69) од демохристијанската Унија, Роберт Хабек (55) од Зелените и Алис Вајдел (46) од АфД, дискутираа и жестоко се караа. Тројцата мажи постојано се позиционираа против кандидатката на делумно десно екстремната Алтернатива за Германија, Вајдел.
По неодамнешните смртоносни напади во Магдебург, Ашафенбург и Минхен, прво во фокусот се најдоа миграцијата и азилот. Канцеларот Олаф Шолц рече дека сака да „направи сѐ што е можно за да ја ограничи нерегуларната миграција во Германија“. Бројот на нерегуларни мигранти веќе е намален за 100 илјади луѓе минатата година.
Алис Вајдел возврати дека тоа не е „нерегуларна“ туку „нелегална“ миграција. Според политичарката од АфД од десните маргини на политичкиот спектар, во Германија е „изгубена контролата“, а АфД „враќање на редот и законот во земјата“. Фридрих Мерц од ЦДУ му префрли на Шолц дека депортирал многу малку луѓе кои всушност се обврзани да ја напуштат Германија. Тој побара и летови за депортација во Авганистан. Но, Роберт Хабек од Зелените контрираше дека таму владее „режим на терор“.
Економија, пазарот на станбен простор, Украина
Во текот на двата часа, покрај миграцијата, контроверзно се дебатираше и за јавните финансии, буџетот и економијата, како и за пензиите и тешките состојби на пазарот со станбен простор.
Често се стекнуваше впечаток на пинг-понг игра. На модераторското дуо ретко му успеваше да ја продлабочи темата подеднакво со секој од гостите. И кога Шолц и Мерц се расправаа за прашањето за намалување на даноците и зборуваа истовремено, Вајдел насмеана стоеше до нив. А сепак, по нешто повеќе од еден час, шоуто имаше своја пресвртница. Нештата станаа сериозни околу прашањето како понатаму со Украина. Кандидатот на АфД, Вајдел, се залагаше за тоа дека на Германија „многу повеќе ќе ѝ личи ако биде неутрален посредник во меѓународните конфликти“.
Вајдел не се осврна на горката ситуација во Украина или одговорноста на Русија за војната која трае веќе три години и остави стотици илјади мртви. Хабек потсети на ова и зборуваше за „фронтален напад врз западната заедница на вредности, владеењето на правото и на демократијата“. Со сличен став беше и кандидатот за канцелар на Унијата Мерц. „Ние не сме неутрални. Ние сме на страната на Украина, го браниме политичкиот поредок што го имаме“, рече тој и додаде дека Русија води „агресорска војна која го прекршува меѓународното право“ и се стреми кон „Голема Русија“ од минати времиња. Вајдел не се огради од Русија. Набргу потоа ѝ недостасуваше каков било критички поглед на новата американска влада под претседателот Доналд Трамп.
Се исклучува соработка со АфД
Највпечатливиот контраст меѓу етаблираните демократски партии и АфД се покажа околу десничарски радикални или десничарски екстремистички референци на партијата на Вајдел. Канцеларот Шолц прво ги критикуваше изјавите на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на безбедносната конференција во Минхен, кој ги повика партиите во Бундестагот да соработуваат со АфД.
Германија, посочи Шолц, си ја научила лекцијата од искуствата со националсоцијализмот, дека нема соработка со екстремната десница. Мерц неколку пати во емисијата потенцираше дека соработка со АфД за Унијата не доаѓа в предвид.
Тој не сака да седи во иста просторија со лидерот на десно екстремната фракција на АфД од Тирингија, Бјорн Хеке, а Вајдел пак сака да го прави министер, посочи Мерц. Вајдел огорчено ги отфрли врските на нејзината партија со националсоцијализмот, но не се дистанцираше од Хеке.
Канцеларот Шолц потсети и на изјави од почесниот претседател на АфД, Александар Гауланд, кој во 2018 година рече дека Хитлер и нацистите биле „само птичји измет во повеќе од 1000 години успешна германска историја“. Вајдел не се осврна на тоа и рече дека тука се навредуваат „милиони гласачи“.
За неколку прашања, како што е идното справување со должничката кочница или понатамошните финансиски ресурси на Бундесверот, по некоја од изјавите на Мерц и Шолц веќе не беа толку одредени, „не“ веќе не звучеше толку категорично и одлучно како до пред четири или шест недели. Колку подолго траеше дебатата, толку повеќе се посочуваше на денот на изборите и на денот по нив.
Истражувачите на јавното мислење не гледаат драстични промени
Дали жестоката дебата ќе има влијание врз однесувањето на гласачите на 23 февруари? Во последната анкета на АРД, истражувачите спроведоа репрезентативна анкета на 1.579 германски граѓани со право на глас кон крајот на неделата. ЦДУ/ЦСУ, кои заедно настапуваат како Унија, имаат 32 проценти поддршка. АфД останува стабилна со 21 процент. СПД, партијата на актуелниот канцелар, може да добие само 14 проценти, иато како и Зелените, што би било неверојатно лош резултат. Анкетарите со недели веќе не забележаа некои големи промени.
Трите помали партии - Левица, ФДП и Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) се борат да ја достигнат пречката од пет проценти за да влезат во Бундестагот. Само Левица, која до пред шест месеци важеше за мртва, сега повторно би била во парламентот според повеќето анкети. Дотолку повеќе сите се заинтересирани за една друга бројка. Имено, според анкетите речиси секој трет гласач сè уште не одлучил кому ќе го даде својот глас.