Иран: Колкав е ризикот од зрачење по нападите од САД?
22 јули 2025Претседателот на САД, Доналд Трамп, нападите од 22-ри јуни врз Иран ги нарече „Операција полноќен чекан“. Мета беа атомски постројки во градовите Фордо, Натанс и Исфахан, врз кои воздухопловните сили на САД исфрлија бомби од 13.600 килограми, т.н. „разбивачи на бункери“.
Најсилно утврден Фордо
Најзначаен беше нападот врз Фордо. Тамошната нуклеарна постројка е најсилно заштитената во Иран, поставена длабоко под земјата, под една планина. Откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор од Виена склучен во 2015 година со Иран, Исламската Република облагороди ураниум до 60 проценти, односно далеку над нивото за цивилна употреба. Техеран најави и дека сака натамошно проширување на капацитетите.
Меѓународната агенција за атомска енергија објави дека пронашла честички на ураниум во Фордо со чистота од речиси 90 проценти, ниво што е адекватно на ураниум за оружје.
Мета - постројки за облагородување на ураниум
Мета на американската операција беше и објектот Натанс, најголемиот центар на Иран за облагородување ураниум, кој се наоѓа на околу 225 километри јужно од Техеран. Како и Фордо, Натанс е подземен објект. Третата постројка нападната од САД се наоѓа во Исфахан, каде што наводно е обработен ураниум речиси употреблив за оружје. Таму природен ураниум се трансформирал во гасот ураниум-хексафлуорид, кој се користел за облагородување во центрифугите во Натанс и Фордо.
Придонесот на Русија за иранската атомска програма
Експерти проценуваат дека Иран веќе располага со повеќе од 400 килограми високо облагороден ураниум. Нејасно е што се случило со него за време на американските напади. Извори од иранската влада тврдат дека ураниумот бил префрлен на „безбедни“ локации, додека израелски извори тврдат оти тој бил распределен меѓу трите објекти и „не бил дислоциран“. Американскиот претседател Трамп останува на тврдењето дека објектите биле целосно уништени.
Фордо, Натанс и Исфахан очигледно не располагаат со активни реактори. Иран има и атомска централа во Бушер, на 750 километри јужно од Техеран, која е надгледувана од Меѓународната агенција за атомска енергија и работи со помош на ураниум од Русија. Согорениот материјал од таму исто така се враќа во Русија. Објектот во Бушер не беше мета на бомбардирање од САД.
Мониторинг на нивоата на зрачење
По нападите од САД, од Меѓународната агенција за атомска енергија соопштија дека во погодените региони не се регистрирани повисоки нивоа на зрачење. Ризик од зрачење сепак постои од можни протекувања на гасот ураниум-хексафлуорид од резервоарите, центрифугите или цевките. Ако се ослободи во воздухот, гасот реагира со влагата формирајќи уранил флуорид и флуороводородна киселина. Контакт со ваква опасна киселина или вдишување на нејзини гасови може да го уништи белодробното ткиво и да предизвика тешки и фатални проблеми со дишењето кај човекот.
„Има индиции дека локално е ослободен ураниум хексафлуорид“, вели за ДВ Клеменс Валтер, професор и нуклеарен експерт при Институтот за радио-екологија и заштита од зрачење на универзитетот во Хановер. Се наведуваат радиолошки закани, како и покачени нивоа на зрачење и хемиска опасност. Сето тоа може да укажува единствено на ослободување на флуороводородна киселина. „Јасно беше наведено дека инцидентот е локално ограничен и не беше пријавено ширење во населени области“, додава Валтер. Бидејќи ураниумот како тежок метал е хемиски токсичен и може да предизвика оштетување на бубрезите и да го зголеми ризикот од канцер, загриженоста за последиците од нападите врз нуклеарните постројки сепак останува.
Опасност од катастрофа слична на Чернобил?
Катастрофата со реакторите во Чернобил од 1986 година и во Фукушима во 2011 година ги кристализираа ризиците од зрачење при несреќи со атомски реактори. Во јапонското место Фукушима беше ослободен радиоактивен материјал, а десетици илјади луѓе мораа да бидат евакуирани.
Германскиот експерт за заштита од зрачење и вештак Роланд Волф е сигурен дека за разлика од катастрофата во Чернобил, од нападнатите постројки во Иран не произлегува опасност. „Радиоактивниот материјал во постројките за облагородување ураниум за разлика од реакторите не содржи честички од фисија“, објаснува Волф и додава дека „радиоактивниот материјал не е ослободен со експлозија на голема надморска височина, како што беше во Чернобил“. Врз основа на ова, Волф смета само со евентуална локална контаминација.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик