Вадефул: Сомнежи дека Путин е спремен за средба со Зеленски
21 август 2025ДВ: Додека Западот бара мирно решение за Украина, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул е на прва официјална турнеја во Азија. По Јапонија, сега е во Џакарта, во Индонезија, каде што разговараме со него. Господине министре, дали Украина, дали Европа, стана побезбедно место во последните неколку дена?
Јохан Вадефул: Постои голема шанса ова да биде чекор кон безбедноста и мирот. На крајот на краиштата, американскиот претседател беше многу посветен на ова, до тој степен што сега дури и рускиот претседател во основа разгледува прекин на огнот, на борбите и нападите врз Украина, како и разговори за мирно решение со Украина.
Исто така е позитивно што американскиот претседател зборува за безбедносни гаранции за Украина. Тоа се знаци дека за првпат во оваа страшна војна, можен е добар напредок. Но, сега сите чекаат да видат дали Владимир Путин е навистина подготвен да ја заврши оваа војна. За жал, работите сè уште многу поинаку стојат на бојното поле.
ДВ: Како што споменавте, стана јасно дека без безбедносни гаранции нема да има мир во Украина. Претседателот Трамп изјави дека очекува Европа, а особено Германија, да испратат војници. Кога и колку?
Да, тоа ќе мора детално и заеднички да се разгледа. Патем, таквите разговори веќе се водат. Се вршат внимателни подготовки во однос на воената и безбедносната политика. Сепак, би советувал прво да сочекаме и да видиме дали разговорите воопшто ќе се одржат. И второ, ако дојде до нив треба да видиме дали може да се најде траен договор. За тоа сите чекаме на Русија.
Германија до сега никогаш не пропуштила да покаже подготвеност да преземе одговорност во овој конфликт. Од самиот почеток, практично веднаш по положувањето на заклетвата, канцеларот Фридрих Мерц покажа секаква посветеност - отпатува во Киев, водеше многу состаноци, а неодамна го придружуваше и претседателот Зеленски во Вашингтон. Германија презема одговорност со ангажманот на владата и на канцеларот.
Звучи како и натаму да имате голем сомнеж дека состанокот меѓу Зеленски и Путин ќе се одржи. Колку големи се таквите сомнежи навистина?
Па, постојат очигледни сомнежи, бидејќи претседателот Путин сè уште не кажа „да“ за преговорите. Претседателот Зеленски рече дека е подготвен да одржи билатерален состанок со Путин, а потоа и трилатерален состанок со претседателот Трамп. Каде е „да“ од Путин? Сè што гледаме е дека секојдневно ја напаѓа Украина. Сè што гледаме е дека користи тактика на одолговлекување. Сè што гледаме е дека тој смислува нови изговори и нови услови.
Тој конечно мора да сфати дека оваа војна мора да заврши. На некои денови во оваа војна и Русија губи илјадници млади луѓе. Тоа е сосема бесмислена војна која е многу штетна за Русија и нејзиниот народ. И Путин мора да сфати дека ако не е подготвен да преговара, ќе има дополнителни санкции. Европа, а мислам дека и САД кои сега се вклучени, се подготвени за тоа.
Ако навистина се одржи состанокот меѓу Путин и Зеленски, каде мислите дека ќе биде? Постојат неколку предлози – Женева, Будимпешта, Катар… Дали и Берлин се нуди за организација на средбата?
Не, не мислам дека Берлин има амбиција да биде домаќин на разговорите. Ние учествуваме преку предлози и поддршка. Подготвени сме да разговараме со која било страна. Веќе го покажавме тоа и ќе продолжиме и во иднина, но не гледаме дека нашиот најголем придонес може да биде во тоа да сме домаќини за овие разговори. Најважно е тие да се одржат. Има многу добри места во Европа каде што може да се одржат. Мислам дека местото треба да биде што е можно понеутрално. Во минатото Швајцарија од секогаш беше многу добра за вакви работи.
Ова е вашето инаугурационо патување во Азија, а луѓето овде исто така внимателно ги следат напорите за започнување на овие разговори за иднината на Украина. Во зависност од резултатот, дали тоа би можело да ја охрабри Кина повеќе да се конфронтира во регионот?
Да, тоа е една од пораките кои што ги понесов со себе, но тоа и тука го сфаќаат. Знаеме дека кризните региони се поврзани, а ние или заеднички го браниме меѓународниот поредок и мирот заснован на правила, или ја губиме оваа битка. А, не сакаме да ја изгубиме. Овде во Азија - бев во Јапонија, а сега и во Индонезија - луѓето се многу благодарни што во Европа и во светот има многу јасен став за руската агресија.
И токму затоа тука реков дека на пример мирот во Тајванскиот мореуз е подеднакво важен за регионалната стабилност, како и за глобалната економија. А, исто така и за економската и безбедносната политика во Европа. Луѓето тука го гледаат тоа и ценат што Германија ги препознава овие проблеми.
Но, да претпоставиме дека навистина ќе дојде до блокада на Тајванскиот теснец, каков би бил одговорот на Берлин? Како би ги обезбедиле и заштитиле германските поморски рути и синџирите на снабдување? Овде?
За среќа, тоа го гледам како хипотетичко прашање и може само да го повторам повикот да се отфрли директно или индиректно насилство. Тоа е нашиот став, а тоа е и ставот практично на сите соседни земји во овој регион. Во спротивно верувам дека напредокот во врска со агресорската војна на Русија покажа едно нешто - многу земји сега се подготвени да соработуваат.
Гледаме дека постои „Коалиција на волјата“ која ја поддржува Украина, а таа брои 30 држави. А, има и азиски држави, на пример Јапонија, кои ја поддржуваат. Значи, овој регион од истата причина има право да бара солидарност од нас. Се создаваат нови глобални партнерства, а нешто што се надевам дека ќе го постигнам тука за Германија е луѓето да нè гледаат како сигурни. Ние тоа го покажуваме и се разбира дека може да очекуваме иста посветеност од нив. Перспективите за тоа се многу добри.
Не треба ли Кина навистина да биде вклучена во разговорите за иднината на Украина? Путин е во посета на Пекинг на почетокот на септември...
Кина самата ја дефинира својата улога. Кина е важна земја, огромна земја која може да има големо политичко влијание, која има големо економско влијание и е постојана членка на Советот за безбедност на ООН. Долго време ја повикуваме Кина да ги искористи таквите можности и да помогне за завршувањето на војната. Бидејќи речиси ниедна друга земја, ниту било која друга влада, нема толку силно влијание врз Русија како Кина. За жал, Кина до сега не ги искористи своите можности, но никогаш не е доцна.
Значи, велите дека тоа би го поздравиле?
Да, секако. Веќе неколку пати апелиравме до Кина. И за време на моите неодамнешни разговори со министерот за надворешни работи Ванг Ји, кинеското државно и партиско раководство и него ги повикав експлицитно да ги искористат овие ресурси во своите односи со Русија. Би бил многу задоволен овој апел во Пекинг да наиде на слух.
Но, на вашето патување имаше и критика за Кина. Ја обвинивте за „агресивно однесување“. Кина веднаш реагираше на тоа. Како вашите индонезиски сојузници, вашите индонезиски партнери, овде денес ги гледаат критиките што ги изнесовте?
Критиката не е нова. И се разбира дека тоа е само реакција на жалното однесување кое што постојано го гледаме од кинеска страна. Имаше и некои сериозни инциденти на море, како и кршење на судски пресуди и границите на суверените права. И верувам дека ни е дозволено да одговориме на тоа. Мора да одговориме на тоа. Сите сме подложени на истите стандарди - без разлика дали сме во Европа, Африка или Азија. Моето искуство во Азија ми укажува дека ставот на Германија е многу ценет. Тоа не е анти-кинески став сам по себе, туку е став што се залага за владеење на правото и на меѓународното право. И тоа е независен став. Германија експлицитно ѝ нуди на Кина партнерство и соработка и сметаме дека е жално што Кина повремено покажува сосема поинакво однесување. Но, нашата рака секогаш останува подадена и јас ќе барам нови можности за да се обноват разговорите со Кина.