Интерпелациите на судиите под будно око на САД
13 март 2025Американската амбасада со внимание ги следи процедурите во македонското Собрание и изјавите во врска со изгласаните интерпелации за петмината членови на Судскиот совет. „Најважно од сѐ е процесот да се следи на јасен и транспарентен начин“, порача амбасадорката на САД, Анџела Агелер при посетата на Центарот за обука на МВР во Идризово.
Изјавата следи откако македонското собрание на 11 март им изгласа недоверба на петмина членови на Судскиот совет избрани од парламентот, откако мнозинството пратеници ја поддржаа интерпелацијата на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Аргументите за ваквата одлука беа дека „членовите на Судскиот совет имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството“.
Интерпелацијата не значи и престанок на нивните функции. Поради тоа, владејачката партија изминативе денови го засили притисокот со упатување повици до членовите на Судскиот совет да поднесат оставки.
„Последен браник и цврст штит“
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека 95 проценти од судиите чесно работат, но и дека има и такви кои останале партиски измеќари и се слуги на тие кои предложиле. Според него, последниот браник и цврст штит во моментот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите, меѓу кои е јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
„Најголемиот дел, би рекол 95 проценти од судиите се луѓе коишто чесно си ја работат својата работа, кои што обвинуваат според закон и Устав, судат според закон и Устав. Но, за жал има и такви коишто останаа да бидат партиски измеќари и коишто ценат дека кога ќе ја облечат токата, наместо да заборават на партиските привлегии и оние кои што ги предложиле, тие сѐ уште се верни слуги на истите коишто на времето, бидејќи такви се законите и процедурите, ги предложиле да бидат таму каде што се“, рече Мицкоски.
Запрашан околу тоа дали се зборувало за можни нови членови на Судскиот совет, Мицкоски вели дека „немаат однапред спремено тефтерчиња во коишто се наоѓаат имиња, како тие што беа во Речица и на Бихаќка“. „Последните случувања за избор на вршител на должноста претседател на Врховниот суд, името коешто е избрано, е дополнителен мотив овие членови на Судскиот совет да бидат разрешени“, додаде Мицкоски.
Судскиот совет деновиве со 10 гласа „за“ и два „против“ го определи судијата Џемали Саити за в.д. претседател на Врховниот суд, до изборот на новиот претседател за што постапката е во тек. Саити ќе ја врши функцијата од 13 март.
Интерпелација не може да се примени за уставните судии
Во врска со интерпелациите реагираше и Уставниот суд на Северна Македонија. Тие порачаа дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт.
Уставот, според нив, не му дозволува на Собранието со законски решенија на кој било начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии.
„Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н. уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд“, е ставот на Уставен суд, откако пратеници на ДУИ најавија дека ќе поднесат интерпелации за уставните судии на неодамнешната собраниска седница на која беше изгласана недоверба на членови на Судскиот совет.