За една година животот поскапел за 3,3 проценти
10 јуни 2025Македонските граѓани на прагот на летото се соочуваат со голем пораст на цените. Тоа го потврдуваат најновите статистички податоци, кои покажуваат дека трошоците на животот во мај 2025 година, во однос на април 2025 година, се зголемиле за 1.5 %. Зголемувањето на инфлацијата, според Државниот завод за статистика, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот на храната и пијалоците за 4.1 %, за разновидни стоки и услуги за 1.5 %, алкохолни пијалoци, тутун и наркотици за 0.8 %, како и за облека и обувки за 0.5 %. Граѓаните во мај имале поголеми издатоци и за рекреација и култура, за купување мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, деновиве изјави дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, но потврди дека има поскапувања кај сезонски производи. Статистиката, пак, покажува дека за една година трошоците на животот се зголемиле за 3.3 %.
Растат платите - расте и инфлацијата
Од Сојузот на стопански комори сметаат дека стапката на инфлација е очекувана, бидејќи има покачување на платите. Ромео Костадинов од ССК смета дека 3,3% инфлација е добра за македонскиот стандард. „Инфлацијата е очекувана и добро е што е контролирана. Нашите претпоставки беа дека ќе биде над 6%“, изјави тој во „24 анализа“.
Сличен став има и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. „Не би рекол дека е причина за загриженост 3,3% инфлација. Нормално е за држави како нашата секоја влада да се обидува да го зголеми економскиот раст и тоа може да биде причина за инфлација. Ако таа инфлација е контролирана, може да е добра за развојот. Без инвестиции немате развој“, рече Димитров во емисијата на Телевизија 24.
„Повисоки плати само за функционерите“
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов на социјалните мрежи објави дека растат платите - но не на работниците. Тој посочи дека во Службен весник е објавена одлука со која платата на функционер избран од Владата е зголемена за 13,8% односно коефициентот од 2,24 се зголемува на 2,55, или точно онолку колку што има предвидено средства во буџетот за раст на платите оваа година. Според него, станува збор за разлика од 12.784 денари зголемување на плата од 1 јуни 2025 година, или раст од 13,8%.
„Секој заслужува зголемување на платата, но работниците заслужуваат повеќе од функционерите, а ако нема за зголемување на платите на работниците, како има за зголемување на платите на функционерите?“, прашува првиот синдикалец.
Трендафилов смета дека ако зголемувањето на платите на работниците кое им следува од 12,6% согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, како и потребата од зголемување на минималната плата на 500 евра и за 100 евра зголемување на останатите плати ќе ја зголеми инфлацијата, тогаш зголемување од 13,8% на платата на функционер веројатно исто така влијае на инфлацијата.
Од опозициската СДСМ сметаат дека ситуацијата е алармантна со последните податоци за инфлацијата. „Трошоците за живот пораснале за 3,3%, а цените за 1,4% само за овој месец. Тоа е јасен показател дека Владата нема намера да направи ништо за граѓаните. Апсолутно се заинтересирани само за себе“, посочи партискиот лидер Венко Филипче од трибина во Кочани.
Во своето обраќање пред граѓаните и членовите на СДСМ во понеделникот (09.06) тој рече дека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, цените растат, платите стагнираат, додека власта си ги покачува само сопствените плати.
Како да се стабилизираат цените?
Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески по назначувањето на функцијата најави фиксен девизен курс и ниска и стабилна инфлација во рамки на таа во еврозоната, заштита на интересите на граѓаните и стопанството.
„Единствено што треба да се трудиме, што е и законска цел на НБРМ, во соработка со фискалната власт, односно Министерството за финансии, да обезбедиме ниска инфлација, односно стабилност на цените. Инфлацијата да биде во рамките на онаа во еврозоната, затоа што само така ќе одржуваме и конкурентност на нашата економија. Доколку како во изминатите неколку години имаме инфлација или стапка на инфлација двојно повисока од таа во еврозоната, тоа не е пожелна состојба“, вели Славески. Според него, ставот на Владата е дека само ниска и стабилна инфлација која нуди предвидливост и за граѓаните и за бизнисот може да биде основа и поддршка на развојните политики во иднина кои ќе обезбедат стабилен посакуван раст на македонската економија и на среден и на долг рок.
Деновиве и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прес-конференција во Владата посочи дека проблемот околу инфлацијата, просечната плата е малку покомплексен и треба време за да се среди.
„Работиме во континуитет, не сме застанале во тој дел“, децидна е министерката.