Инфлацијата забрзува - има ли лек за неа?
8 август 2025Според податоците од Државниот завод за статистика, инфлацијата во јули 2025 изнесува 4.8% на годишно ниво и 1.1% на месечно ниво. Со тоа, инфлацијата го продолжи забрзувањето коешто беше присутно и во претходните месеци, Додека надлежните прават анализи какви мерки се потребни, Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think) во најновата анализа за движењата кај цените, наведува дека цените на храната веќе не ја подгреваат инфлацијата, туку дека таа сега е резултат на засилена домашна побарувачка и високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Економските аналитичари сметаат дека место широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања.
Засилена домашна побарувачка
„Притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Затоа, носителите на политиките треба да се воздржат од интервенции кај цените на храната – кои се покажаа како краткотрајни и реверзибилни – и да преминат кон политики што ја стабилизираат побарувачката, ги вкотвуваат инфлациските очекувања и спречуваат прелевање на ценовните зголемувања преку услугите“, порачуваат од „Фајнанс тинк“.
Место широка и скапа поддршка (како, на пример, висок раст на пензиите) што може дополнително да ја поттикне побарувачката, според нив, потребно е таргетирање исклучиво кон ранливите групи – домаќинства со ниски примања, самохрани родители и стари лица на кои им се потребни социјални услуги – со мерки што не ја нарушуваат пазарната динамика на цените. Особена внимателност е потребна во предизборен и изборен период.
Лош ефект од замрзнувањето на цените
Има ли ефект од мерките за ограничување на цените на храната? Анализите на Институтот покажуваат дека ефектот од ваквите мерки е краткорочен и реверзибилен, што значи дека намалувањето во текот на важењето на мерката се компензира скоро во целост со раст на цените кој настанува по истекот на мерката. „Потпирањето врз вакви мерки треба да се напушти“, децидни се „Фајнанс тинк“.
Во однос на храната, најголем годишен раст на цените има кај овошјето (6.3%) и кај рибата и морските плодови (5.6%), додека кај сите останати компоненти растот е посмирен или негативен како кај маслата (-1.5%) и шеќерите (-2.2%).
„Кај овошјето, веројатно се работи за помало домашно производство, ако се земе предвид дека во првото полугодие годинава извозот на овошје се намалил за 62% според количински показатели. Од друга страна, увозот пораснал за 13.9% количински и 23.3% вредносно, што укажува дека овошјето од увоз доаѓало по значајно повисоки цени, а условите на домашниот пазар веројатно овозможувале и зголемување на трговските маржи. Состојбата кај зеленчукот е поповолна, бидејќи и домашното производство било поповолно, и увозните цени биле слични како и во споредбениот период“, се наведува во анализата.
По 1 мај, кога истече владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, трговците во Македонија слободно можат да ги формираат цените, што доведе до голем пораст пред се на цените на сезонското овошје и зеленчук.
Во исчекување на новите мерки, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна кампања „Македонско најдобро“- со кој се обидува да го зајакне и зголеми производството на домашни земјоделски производи, да ја подигне свеста за квалитетот и автентичноста на овие производи и да обезбеди полесен пристап на граѓаните до овие производи.
Премиерот Христијан Мицкоски најави мерки за училишна кошничка, а се анализираат и модели за цените во маркетите. Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши најави дека мерките за „училишната кошничка“ ќе важат од 15 август до 15 септември 2025 година. Со нив се предвидува намалување на цените на школскиот прибор за најмалку 10 отсто во трговијата на големо и 15 проценти во трговијата на мало. Кошничката е насочена кон заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.