Се заканува војна меѓу нуклеарните сили Индија и Пакистан?
1 мај 2025Обичните луѓе во Карачи, најголемиот пакистански град, реагираа со голема загриженост на веста за вооружени лица кои отвориле оган и убиле најмалку 26 туристи во Пахалгам, во индискиот дел на Кашмир.
Исламистичките групи и претходно извршуваа напади во регионот, често предизвикувајќи тензии, па дури и вооружени судири меѓу армиите на Индија и Пакистан.
Овојпат, Њу Делхи изгледа решен да реагира жестоко, обвинувајќи го Пакистан дека ги поддржува сепаратистите во Кашмир.
Сепак, и покрај тензиите меѓу двете нуклеарни сили, малкумина во Пакистан очекуваат вистинска војна.
„Мислам дека не е можна сеопфатна војна меѓу Индија и Пакистан“, вели Имтијаз Ѓул, извршен директор на Центарот за истражување и безбедносни студии со седиште во Исламабад, главниот град на Пакистан.
„Нуклеарните способности на двете земји се главна пречка за целосна конфронтација“, додава тој за ДВ.
Стравот од уништување досега спречуваше војна од поголеми размери. Но, сега Њу Делхи презеде серија остри мерки против Пакистан. Речиси сите дипломатски врски се прекинати, границите се затворени и копнените и воздушните граници се суспендирани, а суспендиран е и Договорот за реката Инд од 1960 година, кој го регулира делењето на водата од џиновскиот речен систем.
Како одговор, Исламабад гo намали нивото на дипломатските односи со Њу Делхи и ја прекина билатералната трговија.
Што е следно
Пред шест години, во самоубиствен напад загинаа четириесет членови на индиските паравоени сили во Пулвама, исто така во индискиот дел на Кашмир. Потоа Индија возврати со воздушни напади врз Пакистан. Дојде до раб на војна, но кризата заврши со затишје.
Може ли Индија повторно да нападне? „Индискиот премиер Нарендра Моди и неговата влада се под огромен притисок да возвратат со воен удар“, изјави за ДВ Правин Донти, аналитичар во Меѓународната кризна група со седиште во Белгија.
Како што додава тој, владата на Моди рутински користи непријателска реторика кон Пакистан и тоа сега ги зголеми очекувањата на јавноста.
„Оваа влада многу се потпира на тоа како изгледа во очите на граѓаните и веројатно чувствува дека за да ги смири своите поддржувачи, мора да започне воена операција. И мора да изгледа поубедливо од воздушните напади во 2019 година."
Донти вели дека дипломатските потези „не го имаат истиот смирувачки ефект врз јавната свест како воените опции“. Тој предупредува дека „веројатноста за воена операција е голема“.
Но, Малиха Лоди, поранешна пакистанска амбасадорка во САД, смета дека таквиот потег „ќе наиде на силен воен одговор од Исламабад“.
„Тоа би имало непредвидливи последици и би предизвикало целосна криза. Идејата за ограничена војна под нуклеарниот праг, како што се шпекулира во Индија, носи со себе немерливи ризици. Таквото сценарио треба да се избегнува по секоја цена“, вели таа.
Шијед Ата Хаснаин, поранешен индиски генерал, изјави дека со одговорот на Индија не треба да се брза и „треба да се спроведе кога успехот е загарантиран“. Тој ја повика јавноста да има доверба во политичкото и военото раководство.
Колку Пакистан е ранлив на индискиот притисок?
Индија и Пакистан во догледно време ќе бидат во состојба на студена војна, вели Ѓул. Тој смета дека Њу Делхи ќе продолжи да врши притисок врз Пакистан користејќи меѓународно влијание.
„Индија ќе се обиде да го изолира Пакистан. Едностраното излегување од Договорот за реките е голема закана“, вели тој. Тој додава дека трговијата и замрзнувањето на визите, заедно со меѓународната изолација на Исламабад, се „најубедливите алатки што ги има Индија“.
Според Ѓул, Пакистан има ограничени опции. „Тоа е земја која е гладна за странски инвестиции."
Пакистан се соочува со тешка криза со галопирачка инфлација. Покрај тоа, земјата се соочува со екстремистички групи кои дејствуваат во провинциите Балучистан и Кибер-Пахтунхва на запад и северозапад.
На политички план, еден од најпопуларните политичари во земјата, поранешниот премиер Имран Кан, сѐ уште е во затвор. Неговите поддржувачи се во судир со воениот естаблишмент. Долготрајниот конфликт со Индија за Кашмир има потенцијал дополнително да ја потресе земјата.
Геополитички фактор
Обединетите нации ги повикаа Индија и Пакистан да покажат „максимална воздржаност“ за да може прашањата „да се решат по мирен пат преку значаен меѓусебен ангажман“.
Слично на тоа, кинеското Министерство за надворешни работи побара од регионалните ривали „да бидат воздржани, да најдат заеднички јазик“ и „да ги решат разликите преку дијалог“.
Иран веќе понуди да посредува, а Саудиска Арабија соопшти дека се обидува да „спречи ескалација“.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп прво го осуди нападот во Пахалгам, тој се воздржа да заземе страна во својот последен коментар за ова прашање.
„Тензиите на таа граница траат веќе 1.500 години. Отсекогаш било така, но сигурен сум дека ќе го средат тоа. Ги познавам и двајцата лидери“, им рече Трамп на новинарите.
Според напис во „Њусвик“, „САД мора да се движат низ сложениот дипломатски пејзаж“ по нападите во Кашмир. „Поддршката на Вашингтон за Индија, нејзиното растечко партнерство со таа земја и нејзините напори за управување со односите со Пакистан, кој има се посилни врски со Кина, се клучни за одржување на стабилноста во регионот и избегнување на голем конфликт“, пишува магазинот и додава:
„Вашингтон најверојатно ќе се заложи за дипломатски решенија, со цел да се смири кризата и да се спречи понатамошно насилство. Исходот нема да има влијание само на Јужна Азија, туку би можел да ја преобликува и глобалната безбедност, посебно со оглед на растечкото влијание на Кина во регионот."