Индија и Пакистан договорија прекин на огнот
10 мај 2025Веќе неколку дена се водат најжестоките борби меѓу двете нуклеарни ривалски сили Индија и Пакистан во последните децении. Но, сега има знаци за намалување на тензиите: двете земји се согласија на прекин на огнот. Ова го соопштија пакистанскиот министер за надворешни работи Исхак Дар и американскиот претседател Доналд Трамп.
„По долга ноќ на разговори со посредство на САД, со задоволство можам да објавам дека Индија и Пакистан се согласија на целосен и непосреден прекин на огнот“, напиша Трамп на неговиот сервис за кратки пораки Truth Social. Тој им честиташе на двете земји што покажаа „здрав разум и голема интелигенција“.
Само неколку часа претходно, двете нуклеарни сили повторно се нападнаа и се обвинуваа за ескалација на деценискиот конфликт околу хималајската област Кашмир. Борбите беа предизвикани од напад на 22 април во индискиот дел на Кашмир во кој загинаа 26 лица. Индија ги обвинува исламистичките екстремисти за врски со Пакистан. Пакистан негира каква било вмешаност.