Тоа не се само повреди, така се убива желбата за спорт
25 август 2025На почетокот на август два натпревара (кошаркарски и фудбалски) се истакнаа со националистички и навредливи скандирања, а месецот финишира со двајца повредени фудбалери од младинската екипа на ФК Брегалница. Со повредите не се здобија во текот на натпреварот, туку им биле нанесени од родител на фудбалер од гостинскиот ФК Шкупи.
Инцидентот предизвика вознемиреност и реакции во земјата. Станува збор за фудбалери од младинските категории (генерации 2009/10), кои по инцидентот биле пренесени во Клиничката болница во Штип за да им биде укажана помош. Од ФК Брегалница најостро го осудија инцидентот.
„Спортот треба и мора да биде колевка на почит, култура и демонстрација на здрави навики. Не смееме да дозволиме ваква слика да се повтори на кој било фудбалски и спортски терен. Тоа треба да биде место за натпреварување и покажување на манири кои се учат од најмала возраст“, соопшти ФК Брегалница.
Според бројни реакции на родители на социјалните мрежи, ова е многу повеќе од физички напад и од повреда на млади фудбалери.
„Вака им се убива желбата на младите да се занимаваат со спорт, да играат и живеат според фер плеј, да се натпреваруваат со нивните вештини, а не со тупаници од играчи или од некој што ќе влета на теренот. Вака им го убиваат сонот. Со каква мотивација да дојдат на следниот натпревар?“, се вели во еден од коментарите.
ФФМ: Со насилство нема да има компромис
Полициски службеници од СВР Штип го привеле А.А (43), родител на фудбалер од ФК Шкупи, кој физички ги нападнал и повредил двајцата фудбалери. Според Александар Иванов, генерален секретар на ФК Брегалница, инцидентот се случил при крај на натпреварот, кога на фудбалерот со број 9 од ФК Шкупи му бил доделен црвен картон, по што тој нападнал еден од противничките играчи. Потоа на теренот влегле и неколку родители на гостинските фудбалери и почнале да ги напаѓаат играчите од другиот тим.
„Со насилство, од било кого и на било кое ниво, нема да има компромис“, потенцира во соопштение Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која најостро го осуди инцидентот.
„Ваквото однесување е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери. Особено загрижува што едно од децата претрпе сериозни повреди, скршеници, како последица од нападот. ФФМ најавува дека надлежните органи ќе поведат дисциплинска постапка и ќе преземат соодветни мерки за сторителите на инцидентот. Ќе биде покрената дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, со цел вакво недолично и опасно однесување никогаш повеќе да не се повтори. Нашата заедничка обврска е да создадеме безбедна и позитивна средина за развој на најмладите генерации фудбалери“, се вели во соопштението на ФФМ.
ФК Шкупи се оградува од неспортските настани
Со соопштение се огласи и Флорим Муча, директор на ФК Шкупи, во кое ја информира јавноста дека клубот „целосно се оградува од неспортските настани во Штип".
„Фудбалот не е и не смее да биде арена за физички пресметки, туку поле каде што се судруваат талентот, тактиката и спортскиот менталитет. Како клуб со традиција и долга историја во нашата земја, ФК Шкупи апелира оваа ситуација да се надмине и вакви инциденти да не се повторат во иднина. Духот на фер-плејот и љубовта кон фудбалот секогаш треба да бидат над сè“, вели Муча.
Апелира до сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки врз основа на материјалите и фактите, со цел сите вклучени лица во тој инцидент да понесат одговорност за нивните постапки.
„ФК Шкупи останува посветен на негување на спортскиот дух, почитта и здравите вредности кои фудбалот треба да ги претставува“, се вели во соопштението.
Граѓаните изгубија верба во декларативните заложби. Прашуваат - ако сите клубови се посветени на спортскиот дух и фер играта, тогаш зошто на терен се случува спротивното? Дел од нив вината ја лоцираат и во родителите, кои стануваат лош пример за однесувањето на младите. Сѐ уште не е избледено сеќавањето на минатогодишниот фудбалски натпревар во Детската лига во Скопје, кога се склучи скандал: родители влетаа на теренот и физички се пресметаа, по што ФФМ донесе одлука понатамошните натпревари да се одиграат без присуство на публика.
Костова: Ни ги сокршија децата од ќотек
Во чувствителниот предизборен период, овој инцидент стана предмет на критика од политички опоненти на власта.
„На нас, штипјани, денеска децата ни ги сокршија од ќотек на стадионот Бело Брдо“, напиша потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, на социјалните мрежи.
„Додека Тошковски се слика, младите спортисти немаат минимум безбедност, ниту можност за непречено спроведување на обичен фудбалски натпревар. Кога среде Штип ни ги сокршија децата од ќотек, што останало за безбедноста на ниво на цела држава? Со ваква партизирана полиција, водена само за остварување на тесните интереси на неколкутемина дпмне-вски челници и нивни соработници од подземјето, безбедноста ја снема од македонската реалност. И по кој знае кој пат бараме оставка од Тошковски!“, напиша Костова.
Од МВР велат дека е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Македонија во 2004 година има донесено Закон за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари. Според Законот, организаторот на спортските натпревари е должен да основа редарска служба која ќе ги врши работите на физичко обезбедување и одржување на редот на спортскиот натпревар.