Има ли спас за трансатлантските односи?
19 февруари 2025Трансатлантската врска е тешко нарушена од минатата недела. Кристоф Хојсген, претседавач на Минхенската безбедносна конференција, по говорот на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, рече дека стравува дека „нашата заедничка вредносна основа повеќе не е толку заедничка“. Хојсген ја нарече Конференцијата „европски кошмар“.
Не беше само говорот на Венс што го иритираше германскиот политичар. Венс го критикуваше недостатокот на демократија во Европа и индиректно ги повика германските партии да соработуваат со делумно екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Пораката беше дека САД воено ќе ја заштитат Европа само ако Европејците се на иста политичка линија како Вашингтон.
Венс се сретна со Алис Вајдел, но не и со Олаф Шолц
Кога Венс веќе ја напушти Конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави: „Тоа не функционира така, особено не меѓу пријателите и сојузниците, и ние цврсто го отфрламе“. На тоа се надоврзаа и други членови на германската влада. „Оваа безбедносна конференција по неколку години ќе ја почувствуваме како длабок рез“, рече Фридрих Мерц, демохристијанскиот кандидат за канцелар, кој според анкетите има најголеми шанси да стане нов канцелар по предвремените парламентарни избори во Германија на 23 февруари.
Тој го отфрли мешањето во германските парламентарни избори. Настапот на американскиот потпретседател беше провокација, дури и протоколарно. Тој приватно разговараше со опозицискиот лидер Мерц, но не се сретна со канцеларот Олаф Шолц. Посебно навредливо и за Мерц и за Шолц беше средбата на Венс во неговиот хотел со копретседавачката на Алтернатива за Германија, Алис Вајдел. Оваа партија не беше поканета на Конференцијата од политички причини, а и Шолц и Мерц категорично отфрлија каква било можност за соработка со оваа политичка формација.
Преговори за Украина без Украина
Слична провокација е и односот на Вашингтон кон војната во Украина. Во меѓувреме, јасно е дека Доналд Трамп сака да се договори за мир само со рускиот претседател Владимир Путин. Американско-руските разговори започнаа оваа недела во Саудиска Арабија, а Европејците очигледно се заобиколени. Во една предизборна емисија канцеларот Шолц изјави: „Тие мора да нѐ прашаат нас, бидејќи и не можат без нас“.
Се чини дека Американците на тоа гледаат поинаку. Генералот Кит Келог, специјалниот претставник на Трамп за Русија и Украина, во дебатна емисија организирана од ДВ во Минхен јасно стави до знаење дека Европејците нема да седнат на преговарачка маса и дека можат да дадат свој придонес, кој не е прецизиран. Очигледно е замислено Европејците да испратат копнени трупи за да обезбедат мир подоцна - Вашингтон веќе ја отфрли можноста за испраќање свои сили.
И Украина се чини дека е заобиколена. И тоа не е сè. Сè за што се залагаше украинскиот претседател Володимир Зеленски од почетокот на војната и за што се бореше украинската армија, администрацијата на Трамп го турна настрана. Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави Пит Хегсет посочи дека Украина нема да ги добие назад сите изгубени територии и дека нема, без разлика какви граници ќе има, да стане членка на НАТО.
И повторното воспоставување на територијалниот интегритет и членството на Украина во западната воена алијанса беа основата на германската помош за Украина.
Освен тоа, Трамп ѝ се закани на членката на НАТО, Канада, која со задоволство би ја претворил во американска сојузна држава, и би го купил Гренланд од Данска, па дури и насилно би го припоил врз основа на економски и воен притисок. Германскиот канцелар Шолц остро ги критикуваше ваквите изјави. Како круна на сѐ, тука се и царините за стоки увезени во САД од Европа, што тешко би ја погодило извозно ориентираната германска економија.
Мерц: „Европа мора да се разбуди“
Во текот на неколку недели, Трамп и неговите луѓе ѝ нанесоа серија удари на Европа. Во Берлин се смета дека се надминати и најлошите предвидувања. Што значи ова за трансатлантските односи? Комесарот на Трамп за Украина, Келог, се обиде да го релативизира американскиот став: „Ние велиме 'Америка на прво место', но никогаш не рековме 'Америка сама'. Никогаш не сме кажале дека нашата политика е изолационистичка“. Тој ги цитираше зборовите на Трамп: „Ако една нација се бори за суверенитет, ние ќе ѝ помогнеме“.
Во Берлин, како и во другите европски метрополи, се шири сознанието дека Европејците во голема мера ќе бидат оставени сами на себе во иднина. Германскиот канцелар Шолц веќе го донесе заклучокот: „Мораме да се погрижиме Европа да биде силна, суверена и да има исправена кичма во надминувањето на идните предизвици“. Шолц ова го изјави во понеделникот во Париз на самитот на европските политичари, како одговор на дебаклот во Минхен.
Сепак, мандатот на Шолц наскоро ќе истече, а неговиот веројатен наследник Мерц изјави дека сака Германија од „заспана сила од средна големина“ да стане „водечка сила од средна големина“. Сега тој смета дека настаните ја потврдуваат неговата позиција: „Таа улога мораме да ја исполниме. Тоа мора да го реализираме во соработка со другите, со Франција и Полска. Европа очекува лидерство од Германија, и токму во ситуација кога Америка постепено ќе се повлекува, можеби дури и целосно - сега е навистина време. Европа мора да се разбуди, мора да преземе одговорност за сопствената безбедност“.