Маск ја напушта работата за владата на Трамп
29 мај 2025Технолошкиот милијардер Илон Маск објави крај на својата работа за американската влада. Неговата „специјална задача во владата“ завршува „како што е планирано“, напиша Маск на својата онлајн платформа X.
Тој додаде дека сака да му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп „за можноста да се намали непотребното трошење“, мислејќи на неговата работа во Одделот за владина ефикасност (DOGE), формиран од Трамп. Статусот на специјален советник на Маск беше ограничен на 130 дена според американските правила. Тоа значеше дека Маск ќе мора да се откаже од својата позиција на крајот на мај. Претставник на Белата куќа за новинската агенција Ројтерс го потврди заминувањето на Маск.
Улогата на Маск како советник на Трамп уште пред неколку недели беше значително намалена, тој пред нешто повеќе од еден месец најави дека, почнувајќи од мај, ќе троши „значително“ помалку време во владиниот апарат на Трамп. Наместо тоа, тој повеќе ќе се фокусира на грижите на производителот на електрични автомобили Тесла, на чие чело се наоѓа. Но, Маск изјави дека ќе продолжи да биде вклучен во владината работа еден или два дена во неделата - доколку Трамп го сака тоа. Претседателот пак не се обиде да го спречи заминувањето на Маск: тој мора да замине за да може да се посвети на работата со автомобили и ракети за неговата вселенска компанија SpaceX, изјави тогаш Трамп.
Маск стана олицетворение на напорите на Трамп за намалување на трошоците во владиниот апарат - иако тој формално не го предводеше одделот ДОГЕ создаден за оваа цел, како што Белата куќа тврдеше во судските документи. Според сопствените податоци, ДОГЕ заштедил околу 160 милијарди долари, но критичарите ја доведуваат во прашање оваа бројка. Меѓу другото, тие велат дека некои работи биле избројани двапати - или биле заштедени дури и пред да постои ДОГЕ. За време на изборната кампања, Маск зборуваше дека сака да заштеди трошоци од два билиони долари.
Маск стана непопуларен во Вашингтон поради неговите постапки. Друг технолошки милијардер, основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, дури го обвини дека е одговорен за идната смрт на милиони деца во посиромашните земји. Маск се пофали дека еден викенд ја фрлил американската агенција за развојна помош УСАИД во „машина за ситнење дрво“. Покрај десничарските екстремистички политички ставови на Маск, неговите активности во Вашингтон беа уште една причина за глобалниот пад на продажбата на неговата автомобилска компанија Тесла. Маск инвестираше повеќе од 250 милиони долари во изборната кампања на Трамп и стана негов доверлив човек. На почетокот на мандатот на Трамп, Маск често беше гледан покрај претседателот.
Една пресвртна точка, меѓутоа, беше изборот за важна судска позиција во државата Висконсин. Маск се фрли во предизборната кампања - но републиканскиот кандидат што тој го поддржа загуби. Некои набљудувачи уште тогаш сугерираа дека помошта на Маск има спротивен ефект. Постоеја и конфликти со владини претставници - кои Маск ги загуби. Според извештаите на медиумите, тој и министерот за финансии Скот Бесент толку силно се дереле во Белата куќа што персоналот морал да интервенира.
Во меѓувреме, Маск почнува јавно да критикува. Во интервју за Си-Би-Ес, тој рече дека е „разочаран“ од законодавниот пакет кој содржи значителни даночни намалувања што претседателот ги протурка во Претставничкиот дом. Ова ги поткопува намалувањата на трошоците што ги оствари ДОГЕ, тврди Маск.